Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Универзитетското студентско собрание – УКИМ, Донирај компјутер и многу други организации добија нови, иновативни и дигитални решенија креирани од страна на студентите на Brainster.
Студентите на Brainster Академиите, како и од првиот практичен ИТ-факултет Brainster Next College, постојано работат на реални проекти за реални клиенти и имаат можност да дадат придонес на заедницата.

Brainster соработува со над 150 компании од нашата земја и од странство. Благодарение на оваа практика, се бележат дури 734 вработувања на студенти, само во последните две и пол години.
„Соработуваме со компании кои се подготвени да ги доверат своите продукти на нашите студенти. Преку овие ангажмани студентите не само што се стекнуваат со технички и практични вештини, туку и учат како да соработуваат со колеги од други технички позадини, како да читаат зададен бриф или спецификација од клиент, како да презентираат понуда пред клиенти и најважно од сѐ – како да примат и да дадат конструктивен фидбек. Сакаме да обезбедиме лесна транзиција од фаза на учење кон професионална средина и вработување во ИТ-индустријата“, вели Јана Тодоровска, тим лидер на нашиот Partnerships тим.
Во продолжение, дознајте повеќе за осумте иновативни проекти со кои студентите на Brainster ја менуваат заедницата

1. Брендинг и UX/UI дизајн за Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“
Марија Стојановска од Академијата за графички дизајн и Филип Бошков од Академијата за UX/UI дизајн на Brainster изработија брендинг и веб-страница за Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје. Оваа клиника имаше потреба од брендирање за јасно претставување на услугите што ги нуди на пациентите. Како резултат на нивната трансформација од општа градска болница во хируршки центар, на болницата ѝ требаше зацврстување на идентитетот и видливоста за пациентите.
„Побаравме помош од Brainster за студентите да изработат решение од кое сите ќе имаме бенефит. Тие учат на реален проект, ние добиваме решение со кое ќе го кренеме нивото на препознатливост на болницата. Ова е само почеток на нашата соработка и ние сме презадоволни од решенијата на студентите“, вели директорот на болницата д-р Љубен Арсенков.

2. Редизајн на веб-страницата на СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“
Студентите на Академијата за UX/UI дизајн неодамна направија редизајн на веб-страницата на скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Тие понудија голем број на креативни решенија, а за победничко беше избран предлогот на Харалампиј Хаџи Спироски, Оливер Вељаноски и Кристина Василевска. Тие дадоа нови функционалности на сајтот и дадоа решение со цел да се олесни користењето на страницата. Студентите изработија почетна страница каде што е прикажан кадарот и наставата, а од особено значење беше да се претстави Кариерниот центар и настанот „Просветилка“ којшто се одржува секоја година и истиот е организиран од учениците.

3. Постер и видео дизајн за јубилејот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Одбележувањето на 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120 години од издавањето на книгата „За македонцките работи“ беше доволен предизвик овие два значајни јубилеи Brainster да ги поддржи со изработка на дизајн на постер и видео.
Победничкото решение им припадна на студентите од Академијата за графички дизајн: Ива Милчова, Љубица Атанасова, Миле Митев, Ангела Пановска, Бојана Давитковска и Габриела Манова.
„Во текот на работата имавме можност да согледаме дека тимот на Brainster, не само нам, туку и на своите студенти, им нудат безрезервна поддршка, насочувајќи и охрабрувајќи ги во работата. Позитивниот однос кон клиентите и кон студентите, почитта кон секого и тимскиот дух се нивни клучни двигатели, кои ги одликуваат како посебен бренд“, вели директорката на Институтот, д-р Елена Јованова-Грујовска за искуството од работата со Brainster.

4. Веб-платформа за Универзитетското студентско собрание-УКИМ
Во насока на обезбедување на подобар пристап до универзитетската управа за нивните колеги од државните универзитети, студенти од Академијата за Front-End програмирање и Академијата за Full-Stack програмирање на Brainster изработија веб-платформа за Универзитетското студентско собрание – УКИМ.
Оваа платформа, им го олеснува пристапот до потребните информации и документи на студентите кои студираат во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а воедно им дава и можност да бидат во тек со активностите на ССУ, кое функционира во рамките на Универзитетот. Платформата може да служи како посредник меѓу студентите и институциите, како и за искажување на проблемите со кои се соочуваат во текот на студиите.

5. Советувалиште за заштитата на личните податоци
На овој хакатон, студентите работеа на изработка на веб и мобилна апликација наменета за едукација на младите во полето на заштита на лични податоци и користење на податоци онлајн.
Хакатонот произлезе како дел од проектот на Швајцарска амбасада – „Поддршка на изборни реформи“ имплементиран од Меѓународната фондација за изборни реформи (IFES).
Студентите од Brainster кои беа победници на овој хакатон имаа можност и јавно да го презентираат победничкото решение наречено Safeblink. Веб-платформата Safeblink, преку кратки едукативни видеа, илустративни упатства и разни совети ги советува младите сѐ што треба да знаат за заштитата на личните податоци и како одговорно да ги оставаат своите податоци онлајн.

6. Креативен редизајн на веб-страницата за Донирај компјутер
За непрофитната организација Донирај компјутер, студентите од Академијата за UX/UI дизајн добија задача да направат редизајн на веб-страницата.
„Покрај промоција на работата на Донирај компјутер и на луѓето и компаниите кои се дел од оваа хуманитарна иницијатива, главна цел беше веб-страницата да биде доволно јасна и едноставна за сите оние на кои им треба компјутер или сакаат да донираат компјутер. Да има јасна и лесна форма за пријавување на учесници, доволно информации за мисијата на Донирај компјутер за секој кој ќе пристапи до страницата“, изјавија студентите за искуството од работата на овој проект.

7. Веб-решение и UX/UI дизајн за Специјална олимпијада Македонија
Еден од најзначајните општествено одговорни проекти на студентите на Brainster е веб-решението за Специјална олимпијада Македонија. Проектот започна на Академијата за UX/UI дизајн, каде што студентите беа задолжени да направат целосен UX/UI дизајн. Откако беше одбрано победничкото решение, проектот продолжи на 48-часовен хакатон на Академијата за Front-End програмирање и Академијата за Full-Stack програмирање.
„Од голема важност при дизајнот ни беше страницата да биде едноставна и достапна за лицата со попреченост како и нивните најблиски“, појаснуваат студентите.
Специјална Олимпијада Македонија е невладина организација која ги сервисира потребите на лица со интелектуална попреченост, со цел нивна интеграција во општеството преку спорт и рекреација. Преку овој проект, ќе се овозможи непречена комуникација и споделување на информации за успесите на здружението.

8. Апликација за еко-организацијата REDI рециклажа
Во рок од 48 часа, повеќе од 120 студенти – учесници на најголемиот хакатон организиран од Brainster, изработија за мобилна апликација и интерна апликација за REDI и REDI рециклажа. Оваа иновација ќе ја поврзе организацијата со домаќинствата, ќе им го организира пристапот до селектираниот отпад на нивните формални собирачи (зелените агенти) и ќе им помогне поефикасно да комуницираат меѓу себе.
„Добивме платформа која ги едуцира граѓаните да селектираат правилно, ја зголемува нивната свесност и ја олеснува работа на собирачите преку добивање на податоци за местата од каде да собираат отпад. И самите граѓани имаат можност да аплицираат директно и да добијат пристап до нашите услуги за да може собирачите да ги посетат во домовите“, рече Асиб Зекир, извршниот директор на Зелени иницијативи и REDI рециклажа за решението што го добија од Brainster.
Додека го славиме нашиот осми роденден, ја изразуваме нашата искрена благодарност до нашите студенти, алумни, инструктори, партнери и целата заедница на Brainster за нивната огромна поддршка. Се радуваме на уште многу години посветени на мисијата за обликување на иднината на образованието.
Тимот на Brainster ❤️
