Студентите од Академијата за UX/UI дизајн имаа нов предизвик, односно работа на реален проект за реален клиент каде што ги употребија сите новостекнати знаења и вештини од предавањата.
Нивната задача беше да направат редизајн за веб страницата на Донирај компјутер и да ги презентираат своите финални решенија пред клиентот.
Донирај компјутер е непрофитна невладина организација чија цел е секое семејство во Македонија да има барем по еден компјутер бидејќи компјутерот е потребна алатка за учење, а не луксуз. Веќе 6 години се вршат донации на половни компјутери низ територијата на цела Македонија и на повеќе од 1500 семејства им е обезбеден истиот.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Ева Ристова, Мартин Деспотоски, Тијана Цресензи и Кристина Јованова.
Во продолжение си поразговаравме со студентите од Академијата за UX/UI дизајн за искуството на овој реален проект
Здраво тим! Вие сте едни од најактивните студенти на Академијата за UX/UI дизајн, кои покажаа голема заинтересираност кон UX дизајн и не ја пропуштија можноста да учествуваат на проектите. Претставете ни се накратко!
Ева: Јас сум Ева, дизајнер на ентериер со љубов за книги, уметност и констатно надградување и ова искуство ми овозможи да ги истражам моите скриени способности и дознав колку оваа професија ме исполнува.
Тијана: Јас сум Тијана, голем фанатик на јазици, литература и дизајн. Многу сакам природа, добро друштво и добра музика. Покрај мојата позадина како дипломиран професор по Француски јазик и книжевност, се одлучив да се надградам во оваа сфера.
Мартин: Јас сум Мартин, потерхед, авантурист и голем љубител на фотографија. По неколку изминати години, ми се пружи можност да го научам тоа што долго време го имав како цел – UX/UI дизајнот, со цел кариерна промена во професија што ќе ме исполнува.
Кристина: Здраво јас сум Кристина, креативец откако знам за себе. Во текот на мојата кариера имав можност да работам на различни задачи. Моето искуството ме убеди дека UI/UX е вистинската професија за мене, која е спој на креативноста со аналитичкото размислување.
Раскажете ни нешто повеќе за вашето финално решение. Што е идејата зад овој проект и кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат?
Ева: Целта на овој проект беше редизајн на веб-страницата на Донирај Компјутер. Сакаа да имаат user-friendly страница која ќе ги задоволи потребите на нивната дејност. Секако, крајната цел е привлекување на што повеќе корисници и користење на истата и полесен начин да учествуваат сите во оваа хуманитарна цел. Процесот беше од самиот старт до самиот крај патешествие, попатно учевме сѐ уште нови работи, а воедно работевме на реален проект. На почетокот се запознававме со тимот, но на крајот сфативме дека сме dream team заедно. Процесот за чудо ни тргна многу лесно, точно знаевме што сакаме и како и секој UX процес, започна со истражување, анализи и заврши со дизајнирање на изгледот и функционалноста.
Како се одвиваше целата соработка и кои беа барањата од страна на клиентот?
Ева: Клиентот бараше функции кои досега страната ги немаше, секако, нови работи кои ќе привлечат повеќе луѓе да дознаат за нив, блог со нивните достигнувања, предизвици и приказни и начин како да се вклучат луѓе во организацијата и бидејќи им беше голема препрека, да биде место за централна комуникација.
Маркетингот беше една од главните цели на страната, да се промовираат себе, луѓето и компаниите кои донираат и секако оние странски поддржувачи кои помагаат да се развива идејата и понатаму. Но, најглавната цел беше да биде доволно јасна и едноставна за сите оние кои им треба компјутер или сакаат да донираат компјутер. Сакаа да има јасна и лесна форма за пријавување на учесници, доволно информации за секој кој ќе пристапи до страната да биде јасно запознаен со вредноста на Донирај Компјутер. И секако да биде привлечна за сите возрасти и доволно едноставна и функционална за луѓе кои знаат и не знаат доволно работа на компјутери.
Соработката меѓу нас беше беспрекорна се надополнувавме еден со друг доколку некој нешто не знае другиот го прави и обратно. Бевме сѐ уште нови во оваа работа и ни беше прв реален проект, но како што сите кажуваат најлесно се учи преку практична работа. Детално и вредно работевме со максимален труд и со голема помош од менторот, Александар.
Од каде ја црпевте инспирацијата за целосен UX/UI на Донирај Компјутер?
Тијана: Инспирацијата и идеите за проектот најмногу ги добивавме низ меѓусебен разговор бидејќи како тим скоро целиот период на времетраење на проектот работевме заедно. Така цело време дискутиравме за процесот во кој спаѓаше првично истражувањето, потоа концептот, па на крај дизајнот. Исто така, гледавме да се задржуваме до добро познатите UX и UI практики и правила кои се некогаш клучни во остварување на функционално и добро решение. За време на истражувачката фаза, анализиравме и доста компетитори кои работат со слична тематика, и на тој начин добивме една појасна слика за потребните функционалности што треба да ги има нашиот проект.
Кои техники, алатки, методи се употребени за овој проект?
Тијана: Уште од самиот почеток работевме според Design Thinking процесот, што значи следевме низа на техники и методи коишто нѐ водеа од почеток до крај. За нашето дизајн решение ни беа потребни многу информации од клиентот и од потенцијалните корисници, па затоа направивме интервјуа со нив. Потоа, се осврнавме на тоа што нуди пазарот преку анализа на компетитори, а исто така и на постоечкиот дизајн на клиентот.
Сите овие информации ги користиме за целите на проектот, и низ процесот на нивна обработка добиваме идеи за нови функционалности и полека го оформуваме концептот на новиот дизајн. Дизајнот, од скица до финален производ, го работиме во Figma. Други методи кои ги користиме низ целиот процес се креирање на site maps, user personas, user flows и user journeys, со цел што поблиску да се доближиме до светот на корисникот.
Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно функционално решение?
Мартин: Мое мислење е дека клучна беше мотивацијата, одличната тимска работа, како и примената на дотогашниот материјал што го имавме изучено. Иако некои од нас беа со стандардна 09:00 до 17:00 работа, секој слободен момент во денот беше искористен за работа на проектот, често работевме и до доцна навечер. Одлична комуникација во тимот, анализа на сѐ што е поединечно сработено, конструктивна критика и многу позитивна атмосфера и забава се клучниот фактор за успехот.
Што научивте од оваа соработка?
Мартин: За да биде еден проект успешен, треба да се створи емпатија према клиентите за да се разберат потребите на бизнисот, и корисниците кои ќе се служат со продуктот. Со примена на процесите и правилата во дизајнот, доаѓаме до соодветно решение. Овој проект, ни постави одлична подлога за следните предизвици, и ја зацврсти нашата тимска соработка и дружба.
Дали Академијата за UX/UI дизајн ве подготви доволно за да можете да ја започнете вашата кариера како UX/UI дизајнери?
Кристина: Практичната примена на знаење на реални проекти, соработката со клиенти, интеракцијата со менторите, тимска работа е се она што ми дава чувство на подготвеност за да ја започнам мојата кариера какo UX/UI дизајнер.
За крај, како работата на реални проекти влијае врз вашето знаење и вештини?
Кристина: Работата на реални проекти за мене е најважно и пресудно зошто ја одбрав академијата на Brainster. Соработката со колегите е исто така клучно за мотивација и напредок. Секој член од тимот има посебни таленти и вештини, а ваквата соработка е најдобар начин за да научиш нешто ново и поразлично. Кога се работи на реален проект мотивацијата и инспирацијата се на највисоко ниво, па секој од нас го вади најдоброто.
Доколку сакаш да си дел од UX/UI дизајн заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2023 година, дознај повеќе за Академијата тука.
На Академијата за UX/UI дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти, под менторство на докажани и искусни инструктори.
Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!