„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината“.
Ова е само еден од познатите цитати на Крсте Мисирков, една од нашите најзначајни личности чиешто дело „За македонцките работи“ е трајно вградено во основите на културата на македонскиот народ.
Токму оваа инспиративна мисла им послужи на студентите од Академијата за графички дизајн на Бреинстер кои ја имаа честа да придонесат за прославата на големиот јубилеј на нашата реномирана институција – Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”. Институтот веќе 70 години континуирано се залага за промовирање и за афирмирање на посебноста на македонскиот јазик, дома и во странство и го носи името на еден од најголемите заштитници на македонскиот јазик и култура.

Голем предизвик и одговорност за нашите студенти
Одговорноста за овој реален проект што се работеше во рамките на онлајн хакатон беше голема. Нашите студенти веднаш ја разбраа големината и важноста на задачата – да изработат дизајн на постер и видео за 70 годишнината од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 годишнината од издавањето на книгата „За македонцките работи”.
Вработените од Институтот имаа тешка задача при изборот на победничкото решение на кое работеа 5 тимови, но се одлучија за прославата на значајниот јубилеј да го користат постерот и видеото што го направи тим 4 и студентите Ива Милчова, Љубица Атанасова, Миле Митев, Ангела Пановска, Бојана Давитковска и Габриела Манова.
„Вакви проекти што се поврзани со историјата на нашата татковина, се од огромно значење бидејќи и тие ќе станат дел од историјата“, ни изјави студентката Ива Милчова.

Нашите студенти беа поканети и на настан што се одржа во Институтот на кој добија благодарници, заедно со Бреинстер.
Како организација што нуди едукација за најновите технологии и вештини и која во фокус ги има луѓето кои имаат потреба од преквалификација, доквалификација, но и стекнување висококвалитено формално образование преку нашиот акредитиран Бреинстер Некст колеџ, соработката со државни институции од областа на образованието ни е особено значајна.
„Особено сме горди на квалитетните решенија што нашите студенти ги презентираа пред Институтот, што верувам го отежни изборот на најдобро решение од страна на партнерот. Бидејќи како организација се грижиме сите студенти на нашите академии да имаат можност да стекнат практичното искуство преку работа на реални проекти кои ќе ги подготват за предизвиците со кои ќе се соочат во нивната кариера, реалниот проект за Институтот го гледаме токму како отелотворување на оваа наша мисија“, вели Јована Кануркова од тимот „Партнерства“ од Бреинстер.

„Благодариме Бреинстер за безрезервната поддршка“
Задоволството на лицата кај вработените во Институтот на самата презентациоја на финалните решенија за овој реален проект само ни потврди колку вреди да бидеме дел од вакви соработки што им носат вредност на нашите студенти и ги поддржуваат значајните државни институции каква што е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”.
Директорката на Институтот, д-р Елена Јованова-Грујовска вели дека големиот јубилеј бил добар повод за да иницираат соработка со нашата органзација, и иако имале соработувано со многу образовни институции, ова претставувало сосема ново искуство.
„Бреинстер и Академијата за графички дизајн покажаа навистина висок степен на професионалност, сериозност и отвореност за соработка. Најнапред им честитаме за целокупната организациска поставеност. Овој тим од млади луѓе, полни со ентузијазам и амбиција, покажаа врвен професионален однос. Темелно и сериозно пристапија кон проучување на нашите барања и цели. Беа достапни и подготвени да помогнат во секое време, точни и прецизни во работата. Во текот на работата имавме можност да согледаме дека тие, не само нам туку и на своите студенти им нудат безрезервна поддршка, насочувајќи и охрабрувајќи ги во работата. Позитивниот однос кон клиентите и кон студентите, почитта кон секого и тимскиот дух се нивни клучни двигатели, кои ги одликуваат како посебен бренд“, вели таа.

Според неа, нашите студенти со своите решенија ги надминале нивните очекувања.
„Сите пет тима ни понудија навистина одлични решенија. Еден од тимовите дури имаше подготвено и целосна стратегија и маркетинг за промовирање на работата на Институтот. Навистина прекрасно! Понудените решенија говорат за нивната оспособеност и експертиза во работата како идни графички дизајнери и за професионалниот однос кон нас, како нивни клиенти. Им честитаме и ним и на нивните ментори“, ни изјави Јованова-Грујовска.
Овие решенија, односно видеото и постерот, беа прикажани во текот на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, на која присуствуваа видни претставници од земјата и од странство, а секако, ќе бидат користени и за промоција на Институтот.
„Упатуваме отворена покана до студентите да го посетат нашиот Институт и да се запознаат со спомен-собата на Мисирков“, вели директорката.

Инспирацијата на нашите студенти
Нашите студенти чие решение беше дел од прославата на значајниот јубилеј ни раскажаа со какви предизвици се соочиле додека работеле и признаваат дека ова е еден од проектите за кој чувствувале голема одговорност.
Студентката Ива Милчова вели дека за сите ова било огромна чест и предизвик.
„Идејата беше ние како дизајнери да испратиме многу важна и емотивна порака за јубилејот до целото општество, со цел ,,Да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик. Зборувај на македонски, пишувај на кирилица’’. Овие два слогани беа дел од проектот и сметам дека преку видеото и постерите ја постигнавме целта“, вели Ива.
Љубица Атанасова вели дека учеството на 48-часовниот хакатон на Академијата за графички дизајн било предизвикувачко, но возбудливо искуство.
„Интензивниот притисок што произлезе од рокот, нè натера да размислуваме ефикасно, но креативно. Соработувајќи со тим од талентирани поединци, создадовме иновативни постери и едно емотивно видео кое ги импресионираше клиентите. Нашата напорна работа, решителност и страст резултираа со најдобро решение и нашиот тим беше избран како победнички тим“.
Зошто треба да се учествува на хакатон и на реален проект?
Организирањето на хакатони и работа на реални проекти што на нашите студенти им овозможуваат интензивна и динамична работа за реални клиенти се на посебен пиедестал при реализирањето на нашите образовни програми. Што ни кажа победничкиот тим на оваа тема?
Студентот Миле Митев вели дека ова е сосема поинакво искуство за разлика од работата на самата академија.
„Повеќе си посветен и сакаш да го извлечеш твојот максимум. Јас сум човек што обожава да работи во тим и да го води тимот кон успех. Бев возбуден што ова е мој прв хакатон и дадов сѐ од себе за нашиот тим да ги постигне посакуваните цели. Се надевам дека следат уште вакви хакатони“, вели тој.
Габриела Манова пак истакнува дека од оваа соработка научила дека тимската работа е клучна за развивање на вештините.
„Споделувањето на идеи и разменувањето на различни мислења ни овозможува да растеме и да се усовршуваме“.

Бојана Давитковска ни раскажа дека работата на реални проекти во текот на академијата, за неа било од клучно значење за усовршување на вештините и знаењето кое го стекнала во текот на предавањата.
„Обврската да се креира продукт според барањето на клиентот и подоцна истиот да се претстави, е многу важно искуство за секој од нас кој започнува со оваа професија“.
Ангела Пановска, пак вели дека реалните проекти им овозможиле сите вештини што ги научиле во текот на академијата да ги применат и усовршат.
„За мене беа многу убаво искуство и можност за запознавање на процесот на работа со клиент. Со самото тоа што имаме само 48 часа за работа, одговорноста станува поголема, но на крај задоволстото е секогаш поголемо кога ке се заврши проект голем како овој, за толку кратко време“.

Огромна поддршка од менторот
Менторoт Александар Поповски од кој студентите добија безрезервна поддршка за време на хакатонот вели дека како нивен ментор, имал привилегија да посведочи од прва рака за неверојатната посветеност, талент и тимска работа што придонеле за создавање на исклучително промотивно видео за нашиот клиент.
„Нивната способност да започнат и анимираат волшебно уметничко дело во рамките на ограничувањата на еден викенд беше навистина извонредна. Исто така, креативноста, техничките вештини и вниманието на деталите на тимот беа очигледни во секој кадар, обезбедувајќи визуелно зачудувачки и привлечно промотивно видео кое ги надмина сите очекувања. Не само што покажаа исклучителна техничка моќ, туку и нивната тимска работа и соработка беа извонредни. Секој член на тимот придонесе со своите уникатни сили и експертиза, беспрекорно комбинирајќи ги заедно за да создаде кохезивно ремек-дело“, вели Поповски.
Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!
