Академија за UX/UI дизајн – Завршен проект: Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски”

Десет месеци исполнети со максимална посветеност, многу задачи, предавања, реални проекти и вежби поминаа многу брзо за студентите од Академијата за UX/UI дизајн.

Со цел да ја комплетираат програмата, студентите имаа задача да ги изработат своите завршни проекти и да направат целосен UX/UI дизајн за клиентот Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски”.

Во оваа блог објава, си поразговаравме со Филип Бошков од група 9 на Академијата за UX/UI дизајн чие решение го зема победничкото место по презентацијата пред клиентот. 

 

Во продолжение си поразговаравме со Филип за неговото искуство

 

 

Здраво Филип! Ние на Академијата за UX/UI дизајн те познаваме, но што би споделил за останатите. Кој е Филип?

Здраво! Па, има денови кога и самиот си го поставувам ова прашање. Обично одговорот звучи на програма на ТВ во времето кога пазевме да не си извадиме око со антена, помешан со мојот внатрешен глас кој охрабрувачки вика од некој бунар каде ги фрлам моите несигурности.

Она што отсекогаш ме водело напред е чиста цел. Се запишав на Академијата со цел да добијам знаење со кое ќе можам да направам кариерна трансформација и истовремено да запознаам нови луѓе кои имаат слична или иста цел.

Според мене UX/UI дизајнот е спој на креативност, психологија, аналитика и логика, кој никогаш нема да ми стане досаден, па затоа одлучив да градам кариера во ова поле.

 

Како се чувствуваш сега после завршниот проект?

Освен што беше завршен проект беше и крај на Академијaта, така што можам да кажам дека беше малку “bittersweet“. Секако, по финалната презентација паѓа голем товар, но овој подвиг беше и еден вид на личен тест за ние да оцениме колку сме научиле во овие 10 месеци.

 

Раскажи ни нешто повеќе за завршниот проект. Што е идејата зад овој проект и кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат?

Самиот проект за мене има особено значење како алатка која треба да помогне во здравствениот сектор, поточно да ја олесни интеракцијата меѓу пациентите и докторите. Тргнувајќи од тоа, мојата цел, земајќи ги предвид барањата на клиентот, а по истражувањето и на пациентите, беше страницата да го намали стресот и фрустрациите на пациентите и истовремено да ги припреми за посета во болницата. 

Од друга страна пак, да го скрати времето кое докторите би го поминале во информирање на пациентите, со тоа што тие ќе бидат претходно информирани на самата страница. Воедно се стремев приказот на елементите и информациите да бидат и во пар со дизајн кој е во склоп со тематиката.

Да бидам искрен, процесот не беше воопшто лесен, меѓутоа беше добар предизвик каде можев да применам сѐ што дотогаш имав научено. Следејќи ги процесите и чекорите кои ги учевме на Академијата, можев да понудам финално решение од кое бев и самиот задоволен.

 

 

Кои беа барањата од страна на клиентот?

По интервјуто со клиентот генерално добив идеја во која насока да се движам и понатаму ја надградував таа идеја. Во фокусот на барањата беше пациентот. Информирање за заболувања, достапни третмани за тие заболувања, доктори кои ги извршуваат третманите и ред други олеснувања, вклучувајќи и лесно разбирлив и видлив приказ на времетраењето на третманот и опоравувањето.

Некои од барањата на клиентот не беа изводливи поради одредени технички и ограничувања во буџетот, но од друга страна пак ист беше случајот и со барањата на пациентите, па така потребно беше да се добие една „златна средина“. Многу ми помогна континуираната комуникација со клиентот, според која доста работи од функционален карактер кои веќе беа пред финалната фаза (а јас сметав дека ќе бидат корисни) морав да ги променам или целосно да ги тргнам. 

На крај, сметам дека деталното следење на тие барања заедно со дизајнот беа пресудни за изборот на клиентот на ова решение.

 

Од каде ја црпеше инспирацијата?

Дел од инспирацијата за дизајнот е земена од постоечки светски веб-страници за здравство. Останатиот дел, во поглед на функционалностите и распоредот на елементите е добиен со размислување од гледиште на корисниците на веб-страници, односно и докторите и пациентите. При работата постојано во позадина ми стоеше прашањето „Како ова би им помогнало на корисниците да ја постигнат својата цел?“, па секоја идеја и инспирација мораше да се тестира со одговор на ова прашање.

Воедно, морав да ја направам правилната комбинација на елементи и содржина вклучувајќи ги и барањата и потребите на клиентот и пациентите. Така оваа страница има функционалности и елементи кои ги нема на другите веб-страници. 

 

Што беше потребно за успешно завршување на овој проект и колку време ти требаше да дојдеш до финалното решение?

Сега кога се навраќам на работата на проектот… потребен беше максимален фокус на крајната цел, желба за дознавање на што е можно повеќе за проблематиката (вклучително и посета на самата болница), мотив да се покаже најдоброто од себе и време… многу време, ако не се лажам 3 недели, но нема да кажам и колку часови хахах.

 

И за крај, како си помина на Академијата, што можеш да ни раскажеш?

На Академијата си поминав супер, затоа и кажав на почетокот “bittersweet“ чувства по нејзиното завршување. Имаше одлична дружба, инструкторите се тука максимално (ама скроз) посветени на студентите и благодарен сум им за пренесеното знаење. Наше (или на идните студенти, не сум веќе студент 🙁 ) e да покажеме љубопитност, ангажираност, желба за учење и надградување, и истрајност до крајната цел. Секогаш прашувајте, така полесно се учи и не се плашете да згрешите, и така исто полесно се учи.

Од Braisnnter си заминувам со позитивни импресии, ново знаење и надеж дека некогаш по патот на мојата кариера повторно ќе се сретнам со моите колеги, инструктори, а исто така и ќе се запознаам со нови амбициозни UX/UI дизајнери.

 

Направи чекор кон високоплатена кариера и придружи се на Brainster заедницата од 11.500 студенти. Аплицирај сега и искористи поволни услови за плаќање од 90€ рата без камата!

На Академијата за UX/UI дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!