Возбудливо, едукативно, зелено, забавно, енергично…Ова се зборовите со кои студентите од неколку Brainster академии го опишаа најголемиот live хакатон што се случуваше викендов во нашите канцеларии.

Повеќе од 120 студенти и инструктори работеа на решение за мобилна апликација и интерна апликација за REDI и REDI рециклажа која ќе ја поврзе организацијата со домаќинствата, ќе им го организира пристапот до селектираниот отпад на нивните формални собирачи (зелените агенти) и ќе им помогне поефикасно да комуницираат меѓусебе.

Идејата е со дигитализација на услугата за бесплатно собирање на неопасен отпад како хартија и пластика, собирачите на отпад да се поврзат со зедницата и на достоинствен начин да го прибираат селектираниот отпад. Нашите студенти правеа и целосна маркетинг и едукативна кампања и дизајн на кантите за отпадоци.
Студентите на Brainster од академиите за дигитален маркетинг, графички дизајн, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент имаа 48 часа да го најдат најсоодветното решение, а најдобрите проекти ќе се презентираат на претстојниот REDI SUMMIT, што ќе се одржи во Скопје од 22 до 23 ноември.

 

  • Аплаузи, поддршка, многу смеа

Хакатонот го отвори Јана Тодоровска, team lead на тимот за Co-innovation & Hiring во Brainster.  Таа потенцираше дека ова е најголемиот live хакатон што досега сме го организирале и што не инспирираше да им го дадеме  и ова искуство на нашите студенти.

„Ова е година на рекорди за нашата организација, па си рековме: Зошто да не постигнеме најмногу и во овој дел. Реалните проекти и хакатоните што ги организираме за сите академии во Brainster имаат голема вредност за студентите. На овој начин, тие добиваат слика за тоа како се работи потоа во вистинскиот свет. Мешањето на групите од различни Академии, односно cross-academy хакатон како што е ова, пак, ќе ги оспособи не само со практични вештини, туку и вештини за меѓу-секторска соработка. Студентите работеа со други тимови, а така најдобро се учат оние меки вештини, како комуникација со други луѓе, презентациски вештини и комуникација со клиенти. Хакатонот исто така ќе ги научи како да работат под притисок, како да се справат со предизвиците и да излезат од комфорната зона“, рече Јана.



Атмосферата меѓу студентите кои беа распоредени во 10 групи, иако е тешко да се долови, со еден збор може да се опише како „фантастична“. Од многу смеење, до моменти на паника дали се движат во правилна насока…Расположението во групите се менуваше од час во час, но во едно сме сигурни, ова се 48 часа што сите уште долго ќе ги паметат. Буквално ниту во еден момент немаше: „не можам“, „не сакам“. Сите со голема посветеност и жар работеа до доцна во ноќта првиот ден, а утрото рано се вратија да продолжат со работа. 

 

  • Што кажаа студентите?

Ги прашавме и дел од учесниците како си поминаа и какво значење за нив има овој голем настан. Ова се само дел од нивните одговори.

Ева Ристова е студентка од нашата Академија за UX/UI дизајн која работеше во ТИМ 1, заедно со колеги од академиите за графички дизајн, за дигитален маркетинг и проект и продукт менаџмент. Еве што ни изјави таа:

„Првиот ден ни помина во бреинсторминг, барање решенија за проблемот и дизајнирање на функционалностите на мобилната апликација за REDI. На овој начин и дознавме кoја акдемија што работи, кои се процесите низ кои поминува секој во својата област и тоа е од голема вредност за нас. На крај се поделивме секој во својата специјалност. Маркетинг напавија план за промоција, проект менаџерот не организира како и дали навреме ги завршуваме тасковите, графички ја дизајнираше апликацијата, а ние од мојата академија се погриживме за корисничкото искуство да биде на највисоко  ниво. Мене лично ми е неверојатно добро искуство, првпат во живо сум на хакатон и научив многу работи. Адреналинот ни беше на највисоко ниво, но е неверојатно искуство кое сите ние ќе го паметиме уште многу долго. Многу ни беше интересно и дека и животни ни се шеткаа цело време низ канцелариите, па тоа дополнително не опушти“, ни сподели таа.

 

Го запознавме и Владо Јовановски од Академија за дигитален маркетинг, за кого ова е прво вакво искуство. 

„Не можев ни да замислам што ќе ми се случи, не ни можев да замислам, но искуствово е неверојатно добро. Предобро е органзирано, запознав многу луѓе од различни академии и ова што сме здружени во еден тим е предобро искуство. Проектот е исто така многу добар, и имавме многу интересни замисли како да понудиме добар краен продукт“, ни рече тој.

Никола Ѓуровски од Академијата за Project&Product Management беше дел од ТИМ 3 и тој ни откри дека најтешко им било да се усогласат што точно треба да прават во почетокот, но за кратко време профункционирале како тим. 

„Многу е добра идејата за cross-akademy хакатон. Многу се учи, премногу сме сите мотивирани. И самиот проект е многу интерeсен зашто има и социјална и едукативна компонента. Тоа е многу позитивно, се трудиме да решиме еден голем проблем што го мачи нашето општество.  Ако се научиме сите прво да го селектираме отпадот, па потоа и да најдеме начин како да им го доставуваме на собирачите на отпад, многу ќе постигнеме“.

 

 

Во секој тим имаше и по неколку студенти од Академијата за UX/UI дизајн. Георгина Кленкоска ни сподели дека поминале многу возбудливо, и иако ова е втор хакатон, потенцира дека тоа што истиот се случува во живо е сосема друго искуство. 

„Проектот е многу важен бидејќи работиме на тоа прво да најдеме начин да ја разбудиме совеста кај луѓето за да почнат да селектираат отпад, и потоа правилно да го достават на рециклирање. Разменувавме занаења со колегите, идеи, а многу ни помагаа и менторите. Возбудливо е, едукативно и едноставно, неверојатно“.

И нејзиниот колега од Академија, Мартин Деспотовски ни раскажа дека со тимот се потрудиле да најдат решение за еден голем општествен проблем.

„Работевме со многу голем ентузијазам, со многу труд и се надеваме дека ќе се земат во предвид нашите решенија како група. Големи тимови сме по десеттина студенти од четири различни академии. Навистина е предобро искуствово. Иако е хакатон, компетитивно е, но сепак учењето е најважно во овој процес. Возбудливо, енергично и забавно, така би го опишала“.

Сања Здравковска Молеровиќ од Академијата за Project & Product Management е исто така првпат на хакатон во живо. Ни раскажа дека е презадоволна од хакатонот и многу исполнета и дека научила многу работи.

„Многу работи кои ми беа познати од теорија, сега ми се разјаснија. Во тимот имавме многу позитивна енергија, видов драги лица од мојата академија кои не сум ги видела во живо. Преубаво е искуството и посакувам да бидам известена за идните хакатони. Дома буквално оставив-3 годишно девојче и бебе од два месеци за да го доживеам ова искуство“, ни раскажа Сања.

 

 

Додека траеше хакатонот, во нашите простории ѕирнаа и средношколци од средното училиште „Шаип Јусуф“ од Шуто Оризари. Десеттина ученици од прва до четврта година разговараа со нашите студенти и ментори кои им објаснуваа за каков проект работат. Дел од нив ни раскажаа дека сакаат да учат за графички дизајнери, дел за програмери и се пофалија дека професорот по информатика често ги носи на вакви интересни настани.

 

 

  • Силна поддршка од менторите 

Сите тимови добија голема поддршка од инструкторите кои ги водеа низ целиот 48 – часовен процес.

Златан Мујчин, инструктор на нашата Академија за UX/UI дизајн ни објасни какво значење за студентите има искуството да се работи во друштво на колеги од различни академии.

„Ваква прилика не знам кога пак ќе имаат, пресреќен сум што Brainster им го овозможи ова. Јас се трудам на максимален начин да им помогнам да се забавуваат и да учат. Ги потсетувам да не гледаат само во својот компјутер, да кренат глава и да ги погледнат колегите бидејќи тимската работа е нешто што мора да се совлада“, ни рече Златан.

 

 

Даринка Буровска, инструкторка на Академијата за Project & Product Management  слично како и Златан ја истакнува меѓутимската работа како еден од најважните моменти на овој хакатон.

„Студентите, покрај тоа што ќе научат за продукт, проект менаџмент, маркетинг и за дизајн, ќе научат и што е тимска работа и што значи да се работи со луѓе што ги гледаат првпат, со различна позадина, со различно знаење и амбиции. Во еден таков краток период, за само 2 дена да се организираат и да направат еден толку голем продукт заеднички, тоа е најголемата вредност. На почетокот беа како во магла, некои од тимовите не знаеја што точно треба да се направи бидејќи добија многу информации, беа збунети, но за неколку часа излегоа од маглата и брзо сфатија која им е целта и накаде треба да се движат. Друг аспект е и самиот проект, правиме нешто многу добро бидејќи правиме проект што ќе ни помогне да ја зголемиме свеста за селектирањето отпад и за самото рециклирање. На долг рок ќе направиме многу за нашата животна средина“, ни изјави Даринка.

 


Последните два и пол часа од хакатонот поминаа емотивно и буквално покажаа зошто вредеше сѐ што вложја студентите во секој миг од тие 48 часа. Аплаузи, поддршка, многу смеа, и секако непредвидени ситуации и пречки што сите ги чекаат на патот до успехот. Токму тоа е и поентата на ваквите настани, да се почувствува како е да се работи со тим од друг сектор и заедно да го извлечете најдоброто од себе и целата група и да решите проблем.

На крајот, сите задоволни и среќни си заминаа дома. 

 



Најдобрите решенија кои ќе ги избере жири-комисијата која се состоеше од претставниците на REDI и Brainster, групите ќе имаат шанса повторно да ги претстават на претстојниот REDI SUMMIT, а победничкото решение ќе се доразвие и ќе помогне да се реши овој голем проблем. 




Асиб Зекир: Постојано треба да ги користиме ресурсите што веќе ги имаме

За време на целиот хакатон, на гости ни беа и претставниците на REDI од нашата земја. Асиб Зекир, извршниот директор на Зелени Иницијативи и Реди Рециклажа одвои и малку време за да ни објасни која е визијата на нивната организација и какви се очекувањата од наштите студенти. 

 


Асиб, може ли прво да ни објасниш, зошто треба да рециклираме?

Најпрво тоа што е најважно да се потенцира е дека постојано треба да ги користиме ресурсите што веќе ги имаме. Штета е да не ги искористиме. Поради тоа се користи циркуларната економија, за да може да се регенерерираат и реупотребуваат сите ресурси коишто ги имаме на нашата планета. Поради тоа, треба да се рециклира и пластиката и хартијата и останатите секундарни суровини, што може всушност да се користат повторно за производството. Директно, можеби не влијaeме, но индиректно секако влјаеме на процесот. Со нашето селектирање на отпад, ние влијаеме на процесот на рециклирање. А рециклирањето ќе ни помогне и на нас, но и на идните генарции да живеат во почиста животна средина, меѓутоа да се користат ресурсите кои нам ни се најмногу ограничени.

 

Како една личност или семејство што не селектирало отпад може да почне, што би бил твојот совет?

Ние пробуваме на неколку начини. Мора да се потенцира дека селектирањето на отпад, всушност придонесува кон заштита на животната средина. Доколку селектираме хартија, пластика или стакло, тој отпад нема да заврши во депониите. Така постојано ќе ги трупаме со непотребен отпад кој во еден момент ќе треба да се изгори, а тоа ќе влијае на нашето здравје. Втората причина е поради тоа што треба да ги користиме обновливите ресурси и третата, барем досега, во нашата држава или Западен Балкан, луѓето кои се најмаргинализирани и најзагрозени, работат на селектирање, собирање, транспорт на секундарните суровини. И треба нив да ги поддржиме, за да може тие да имаат полесен пристап до тие суровини и да имаат приходи од тоа што го работат.

 

Што сѐ може да се прави од рециклираниот отпад?

Имавме неколку идеи и ние. Но, еве на пример, не многу луѓе знаат дека од пластика се прави полиестер влакно, па од него потоа се прават алишта. Од рециклирана пластика може да се изработи и саксија, пенкало. Пластиката е материјал којшто постојано може да се рециклира и реупотребува.

 

Што очекувате да добиете како краен продукт од студентите на Brainster?

РЕДИ рециклажа почна со работа минатата година со организирање и формализирање на неформалните собирачи на отпад и притоа воспоставивме систем за примарна селекција на отпад. За да ги олесниме активностите на РЕДИ рециклажа, меѓутоа и да има подобар пристап во домаќинставата на нашите услуги, потребна ни е оваа соработка. Очекуваме дека студентите на Brainster ќе ни дадат идеја за платформа која ќе може да ги едуцира граѓаните да селектираат правилно, да влијаат на свесноста за да може да се селектира отпадот, меѓутоа и да ја олеснат работата на самите собирачи на отпад. Односно, да имаат рути, места, мрежа од каде би можеле да собираат отпад. Меѓутоа и самите граѓани ќе имаат можност да аплицираат директно и да добијат пристап до нашите услуги за да може собирачите да ги посетат во домовите. Решенијата што ги понудија студентите се навистина добри, јас им кажав дека во овие простории на Brainster се најпаметните и најталентираните луѓе и навистина ми го потврдија тоа. Им посакувам многу среќа на сите што ќе добијат шанса да го презентираат своето решение и на нашиот REDI SUMMIT.

 

Што всушност ќе се случува на REDI SUMМIT?

Првото издание беше онлајн, сега одиме хибридно. На 22 ќе се дискутира за зелената агенда, предивициите, и можните системски решенија за формализирање на неформалните собирачи на отпад и нивно внесување во системот. Ќе се дискутира за зелените бизниси и за креирањето на нови зелени работни места, ако може и бизнисите да ги поттикнеме да транзитираат кон зелената економија. И на третиот панел ќе дискутираме за реобновливи извори на енергија и како тие би влиајеле врз целата рецесија. На вториот ден од панелот ќе се фокусираме на панел дискусии посветени на дигитализацијата и како до пристапот до алтернативни финансии.

 

Кажи ни збор-два и за вашата организација?

REDI е акронимот од Roma Economic Development Initiative. Ние сме практично мрежа на организации кои влијаеме врз економскиот развој на ромската заедница. Приоритет ни се ромските заедници, но секако и останатите, бидејќи сите ние влијаеме врз економскиот развој.  Работиме тука, но и во Романија, Бугарија и Србија. Имаме неформалани активности и во други земји. Главната идеја и цел  е всушност да им се даде техничка поддршка на претприемачите, без разлика дали се формални или неформални, меѓутоа и да се креираат бизнис-клубови коишто ќе може да се поддржуваат меѓусебно и да ги дискутираат предизвиците и можностите како би можеле заеднички да адресираат проблеми, но и можности. Паралелно со тоа формиравме РЕДИ фонд којшто има директно партнерство со финансиски институции, и влијаеме и на финансиската поддршка на ромските претприемачи. Идејата не е само да се решат децениски проблеми, туку и да се најде одржливо решение.


Доколку размислуваш да го направиш првиот чекор кон лансирање на нова кариера или сакаш да ги надградиш своите дигитални вештини, нема подобро време од сега!

Затоа, искористи ја можноста да учиш под менторство на врвни професионалци, на интензивна програма и со работа на реални проекти што ќе влезат во твоето портфолио!

Ако сѐ уште се прашувате зошто да станете hiring партнер на Brainster, посетете ја co-innovation & hiring платформата и уверете се сами.

 

НОВО | Академија за DATA ANALYTICS и Академија за SALES 👉 👉