Последниот предизвик на Академијата за дигитален маркетинг беше заокружување на знаењето и комплетирање на програмата преку изработка на завршните проекти.
Шест месеци исполнети со максимална посветеност, многу задачи, предавања, реални проекти, вежби, но и забава – поминаа многу брзо.
Последната задача на студентите беше да изработат маркетинг стратегија за клиентот Шу-Ми Берово, под менторство на нашите инструктори Ива Дујак, Марко Ивановски и Златко Матески.
Шу-Ми Берово е пчеларска фарма која постои повеќе од 150 години и се занимава со производство на органски мед и пчелни производи.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, првото место и најдобра B2B стратегија ѝ припадна на Кристина Мишевска-Петрушевска.
За задоволството од соработката, клиентот Шу-Ми Берово ни сподели:
Кристина беше нашиот конечен победник со нејзиниот B2B дигитален маркетинг предлог. Нејзиниот пристап нѐ воодушеви. Таа направи истражувања, ја визуелизираше целата приказна, излезе со бренд стратегија, направи одличен предлог за пакување, ни даде извонредни идеи и фидбек за истражувањето на меѓународниот пазар. Додека пак, беспрекорната презентација на стратегијата за дигитален маркетинг беше убаво заокружена во Prezi презентација.
Во продолжение си поразговаравме со Кристина за нејзиниот реален проект и искуството на Академијата за дигитален маркетинг
Здраво Кристина! Што ќе ни раскажеш за себе?
Здраво! Јас сум Кристина, магистер по англиска и американска книжевност и доаѓам од Куманово. За себе ќе кажам дека сум креативна личност која сака да истражува, чита и пишува за реални и имагинарни нешта, а во слободно време сака да патува и готви. Иако книжевноста е мојата прва љубов, маркетингот го избрав како професија која му додава адреналин на пишаниот збор. Затоа не случајно избрав да се занимавам со контент маркетинг.
Ти си еден од нашите студенти кои покажаа одлични перформанси на Академијата и изработија многу интересни и креативни проекти. Најпрво, како си помина на Академијата?
Акдемијата беше супер искуство за мене затоа што ми помогна да си ги потврдам и разрешам некои дилеми и размислувања во врска со дигиталниот маркетинг. Јас претходно сама учев дигитален маркетинг онлајн и од различни курсеви, но сега за првпат имав можност да дискутирам со професорите на различни теми кои ми се интересни на мене, да разгледуваме тековни проблеми во дигиталниот маркетинг и пред сѐ, да се стекнам со различни искуства преку работа на реални проекти и слушање од менторите за нивните искуства и размислувања.
Со цел да ја комплетираш Академијата, имаше задача да изработиш завршен проект – маркетинг стратегија за Шу Ми Берово. Раскажи ни повеќе за овој проект и идејата зад него?
Проблемот со кој ШуМи Берово ни се претстави како клиент е навлегување на странскиот пазар како премиум бренд. Конкретниот пазар за кој тие беа заинтересирани беше Дубаи и за тоа беше потребна солидна маркетинг стратегија којашто ќе ги таргетира сопствениците на продавници за здрава храна.
Првиот проблем со кој се соочив кога започнав со истражување и нафрлање на идеи кои би ни биле од корист е фактот дека ШуМи Берово сака да навлезе на доста комплексен пазар каде луксузот, богатството и раскошот ги има во изобилие и нема да биде доволно само да се претстави производот како премиум, туку навистина треба да се најде квалитет кој ќе го издвојува од сите останати. Следствено на тоа се отвори море на можности, но и ограничувања за тоа како ќе биде преставен производот и кои зборови ќе бидат избрани за да се асоцираат со производот.
Уште поголем предизвик кој се наметна беше фактот дека нашата таргет персона комуницира со екслузивни, премиум брендови секојдневно и за неа светот на екслузивноста не е нешто недостапно и лимитирано туку обично секојдневие кое многу брзо го заситува човечкото око.
Како изгледаше целиот твој процес на работа и кои беа твоите задачи?
Кога започнав со разгледување на горенаведените проблеми, сфатив дека ќе морам да се навратам на корените на производот и да најдам нешто ќе биде, не само премиум – туку и толку уникатно што никој понатака не ќе може лесно да го реплицира. Оттука се роди идејата за Bee’s Best – Мед којшто го конзумира и кралицата на Англија.
На брифот со клиентот беше спомнато дека овој мед бил конзумиран и од самата кралица и јас го искористив овој уникатен момент како почеток на кампањата.
По завршување на истражувањето наидов на уште еден проблем, а тоа е дека бизнис тактиките на нашите конкуренти е навистина тешко да се откријат, но упорноста не ми даваше да се предадам и да се вртам кон полесната Б2Ц стратегија и затоа решив да направам листа од сите можни конкуренти (околу 50тина) и да ги споредувам нивните веб страници, комуникација онлајн, бизнис профили, профили на вработени менаџери и раководители.
Иако овој процес беше неверојатно долг ми помогна да откријам еден шаблон кој сите бизниси го користат во нивниот пристап. Оттука ги креирав следните чекори кои вклучуваа – контент стратегија, Linkedin стратегија, платено рекламирање, клучни зборови и e-mail стратегија. Дополнително, искреирав ново пакување, слогани, предлог за веб страница и клучни зборови за оптимизација на страницата.
Секако, не застанав тука и дополнително додадов активности за доближување на таргет персоната на мојата тагрет персона со цел да се оствари побарувачка за производот и нашата таргет персона полесно да го забележи брендот во море од слични опции.
Што би ни раскажала за атмосферата и чувството да се работи на еден ваков проект? Како течеше соработката?
Да се работи на еден ваков проект беше навистина голем предизвик затоа што јас претходно немав креирано Б2Б стратегија и многу од работите ми беа нови.
Навлегување на специфичен пазар како оној во Дубаи бараше добро истражување и out of the box thinking, но за да му се претстави финалниот проект на клиентот мораше да се дадат конкретни идеи и начини како ќе се постигне финалната цел.
За среќа, имав одлична подршка од тимот на ментори кои постојано го набљудуваат мојот проект (само неколку луѓе се одлучивме за Б2Б стратегија) и ми даваат насоки како да се движам.
Откако заврши тешкиот дел, се фокусирав на визуелната презентација и избрав да користам Prezi кое навистина го воодушеви клиентот и ми помогна да се издвојам и врежам во неговото сеќавањето, иако тој ден имаше околу 15 презентации на таа тема.
Мојата финална презентација беше внимателно избрана со цел да му покаже на клиентот дека секој детаљ е запазен и дека навистина постои можност неговиот производ да се истакне во морето на слични можности.
И за крај, колку си задоволна од целиот овој процес на работа, како и работата на реални проекти со кои оставаш импакт на целото општество?
Сметам дека работата на реални проекти навистина помага во ослободување на креативната мисла, истржување на сопствените можности и супер можност за правење на грешки. Сето ова навистина ми помогна да се ослободам од предрасуди и да верувам дека можам да креирам маркетинг решенија кои навистина ќе го подобрат (или барем насмеат) светот.
Уписите за следната група на Академијата за дигитален маркетинг се во тек!
Early Bird понудата на Академијата за дигитален маркетинг важи за упис до 15 август.
Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!