Програмерите се моментално најбараните професионалци во речиси секоја компанија. Во Македонија дури стана помодарство да станеш програмер. И тоа е сосема океј. Кога платите во оваа индустрија вртоглаво растат, а другите стагнираат, нормално дека секој сака да биде дел од неа.
Но, со оглед на тоа дека професијата е во дефицит, за сите има место под сонцето. Со дигиталната трансформација сите индустрии се подложни на целосно менување, а тука стапуваат на сцена програмерите. Секоја компанија има потреба од барем еден програмер. Благодарение на странските компании кои со отварањето на подружници овде најдоа поисплатлива варијанта за своето работење, IT индустријата на големо се развива.
Тоа колку секој ќе се снајде и колку е воопшто добар за ова е друга тема на муабет. Сепак, програмирањето е динамична професија во која секојдневно се појавува нешто ново, старите практики се изоставаат и професијата константно се менува.Поради некоја причина и јас се одлучив да тргнам по овој пат. Велам поради некоја причина бидејќи сѐ уште не сум донела дефинитивна одлука дека на крај на програмава ќе преминам во програмери.
Работа во маркетинг и со програмери околу тебе често бара да знаеш некои работи надвор од твојата бранша. Многупати сум дошла во ситуација да си помислам дека животот би ми бил многу полесен да знаев барем HTML и CSS, а не цело време да чекам некој програмер да ми помогне. Затоа, решив да направам нешто корисно за себе, па се запишав на Академијата за Front End на Brainster.
Сепак, посакувам да знаев некои работи пред да почнам со ова. Еве некои од нив:
Програмирањето не може да ти биде side job
Не можеш да си кажеш дека ќе посветиш само слободно време да учиш програмирање. И не можеш да имаш друга работа а да го работиш ова како side job. Барем според мене, програмирањето бара целосен фокус и барем неколку часа дневно учење додека сѐ уште влегуваш во шема.
Порано кога учев маркетинг, ми беше многу полесно да надокнадам за испуштените предавања и без да посветам толку многу време. Програмирањето е сосема различно, затоа бара и различен пристап. Многу е тешко да го вклопиш со сите други обврски, посебно ако работиш друга full-time работа и сакаш да имаш живот воопшто.
Ништо не доаѓа веднаш
Како и кај секоја друга работа, треба време да се научат некои работи. Сепак, ми се чини дека кај програмирањево треба малку повеќе време од другите професии. Првите неколку недели бев многу исфрустрирана поради тоа што ништо не разбирав и се осеќав дека учам кинески. Со тек на време полека ти се откриваат работите и почнуваш да сфаќаш по нешто.
Сега, после четири месеци од почетокот, конечно можам да кажам дека го разбрав концептот и дека сум спремна да почнам со тоа, со уште многу учење нормално. Но, само што ќе помислиш дека ете конечно си научил нешто, доаѓа на ред JavaScript и пак ништо не разбираш 🙂
Никогаш нема да знаеш сѐ
Let’s face it. Никогаш нема да знаеш сѐ за која било област. Ама за ова па ич. Посебно во првите месеци, цело време ќе ти доаѓа на ум прашањето: “Аман бе, има ли крај ова?” Нема. Секој ден, секое ново пишување на код, секое ново гуглање и гледање на туторијали ќе ти открива нешто што не си го знаел.
За сѐ што ти претставува проблем најверојатно ќе најдеш некое многу поедноставно решение кога ич нема да ти треба. Ама до тогаш ќе се измачиш и ќе се откажеш стопати. Важно е да знаеш дека таму некаде, постои некое решение, некое проперти што ќе ти го олесни животот. И ќе го најдеш. At some point.
Ништо нема да ти падне од небото
Академијата е супер за почеток. Ама ако ти не се трудиш и не вежбаш настрана, џабе ти е. Никој нема магична инекција што ќе ти го всади целото знаење на светот. Никој нема да те научи ништо на сила. Ништо нема да ти влезе во глава ако ти не сакаш.
И јас на почетокот мислев дека е доволно само да одам на предавања и на вежби. Испадна дека тоа не е ни пола од трудот што треба да го вложам. Да, навистина научив многу на сите часови, ама тоа дома морав да го извежбам за да ми влезе во глава. И уште не е доста, жал ми е што немам повеќе време. Кога почнав и да сонувам како кодирам, тогаш знаев дека сум на вистинскиот пат.
Упорноста е клуч
Знам дека ова сте го слушнале милион пати. И јас исто. И веќе ми стана премногу досадно да го слушам. Работата е што е точно. Упорноста е стварно клуч за било што и да почнеш. Посебно за некоја ваква работа што фрустрира на почеток.
Кога првпат ќе видиш код, си викаш дека е време да си одиш и дека не е ова за тебе. Клучот е во тоа да знаеш да го победиш тоа мало негативно гласче во главата што ти прави да се сомневаш во себе. Ништо не е невозможно. За сѐ постои решение. Само некогаш ќе помине многу време додека да го најдеш. Ама ќе го најдеш, не губи надеж.
Почетокот е најважен
Ако си ја сфатиш работата сериозно уште на почеток, сѐ ќе ти биде полесно. Пречките нема да ти изгледаат толку тешки за поминување и трудот кој си го вложил нема да ти изгледа залуден. Многу е важно да ја фатиш основата. Сѐ што ќе учиш понатаму го градиш врз неа. Најубаво е да си одредиш неколку часа во денот или неделата што ќе ти бидат посветени само на вежбање и да си ги внесеш во рутината. После неколку недели ќе ти станат навика.
Да сумираме, програмирањето е тешко. Од тебе зависи со каков мајндсет ќе влезеш во целата приказна и што сакаш да извлечеш од сето тоа. Што би рекле постарите, веќе кога си се фатил на орото, играј. Можеш само да добиеш.
Уписите за следните групи на Академијата за Full-Stack програмирање и Академијата за Front-End програмирање се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето на време!
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!
Автор на текстот е Сара Митева, content writer во WeAreLaika.