Хакатоните на Brainster се секогаш динамични и интезивни спринтови исполнети со соработка помеѓу студентите за изнаоѓање на заедничко победничко решение за клиентот.
По успешниот викенд од првиот хакатон со креативните академии кој се одржа на 15-16.06, изминатиот викенд, студентите од техничките академии и од факултетот Brainster Next ја преземаа работата во свои раце. Нивната задача е техничи да го изработат победничкото решение од студентите од првиот викенд за веб-апликација за кориснички профили за клиентот САВА Осигурување.
По регистрацијата на учесниците, хакатонот официјално го отворија Вера Варџиска, претставничка на САВА Осигурување и Јована Јовановска од тимот „Партнерства.“
„Ви посакувам многу успех, убава работа, тимски да се дружите и да работите. Многу ми е драго што сите можете да работите на овој проект и да покажете што сѐ можете и знаете. Ви посакувам многу среќа!“ – Варџиска.
Јована Јовановска им честиташе на учесниците што се пријавија и дојдоа во екот на летото. Таа ги потсети студентите дека ова за нив претставува одлична прилика затоа што платформата која ја работат ќе биде пласирана на ниво на цела групација на САВА Осигурување.
На Арлинда Зејнуни, студентка на Академијата за Data Science, ова ѝ е прво учество на хакатонот:
„Една од причините поради којашто учествувам во овој хакатон е да видам како се работи под притисок, да почувствувам реална работна средина и да се навикнам на ваквото брзо темпо на работа“.
Иван Јасенов сподели дека неговата улога како ментор за Front-End на хакатонот е да им ја упрости работата на студентите на помали таскови и да се снајдат од една логичка единица на друга.
„Очекувам од учесниците да изработат minimum viable product и да покажат работа и со некои библиотеки коишто не сме ги учеле. Тие треба да се снајдат со веќе постоечкото знаење, но да направат и истражување сами и секој од нив да си ја истражи својата област. Студентите треба да направат точна естимацијата на работната задача во индустријата“.
Доколку сакаш и ти да работиш на проекти за реални клиенти додека студираш, запиши се на #1 образованието што вработува – провери ја достапноста на групите!
Виктор Недески е универзитетски професор на теолошкиот факултет и студент на Академијата за Front-End програмирање. На прашањето зошто како професор по телогија решил да студира Front-End, тој одговори:
„Она што ми се допаѓа во ИТ-светот е динамиката со која се развива светот на технологијата и компетативноста на пазарот. За мене, студирањето на Академијата за Front-End претставува нов предизвик и ме прави подобар професор затоа што никогаш не треба да се заборави страната на студентите“.
На Виктор, ова му е прв хакатон:
„На хакатонот се работи доста напорно, но има и доста дружење. Задоволен сум од својот тим и за доста кратко време научивме како да соработуваме. Веќе научив многу“.
Катерина Јовановска од Академијата за Product & Project Management одлучува да учествува и на двата хакатона за клиентот САВА Осигурување. За Катерина, хакатонот со техничките академии претставува поголем предизвик од хакатонот со креативните. Првиот викенд била на „познат терен“ затоа што има позадина во маркетинг.
„Ова ми е како предизвик, затоа избрав да учествувам и на вториот хакатон – да видам како ќе се снајдам со девелопери. Сигурно и понатаму во мојата кариера ќе се најдам во исто ваква ситуација каде што ќе соработувам со колеги чија работа не ја доволно технички разбирам. Со тоа што работам на ист проект за клиентот САВА Осигурување, знам што се бара, знам кој е фокусот и како можам да помогнам од аспект на дизајн и функционалност.“
Учесниците, поделени во осум групи, работеа динамично во дадениот рок за да постигнат максимални резулати. Во просториите владееше атмосфера на соработка, и иако се работеше напорно и интезивно, ова беше одлична прилика студентите од различните академии и од факултетот Brainster Next да се запознаат помеѓу себе. Секој од студентите на факултетот се стекна со нови тврди и меки вештини, а оние кои досега немаа работно искуство, дознаа како е да се работи во реална работна средина со даден рок.
Презентациите на тимовите започнаа вториот ден, во 20:00 часот, пред жири-комисијата составена од Мелита Гугуловска, генерална директорка на САВА Осигурување, Александар Михајлоски, IT менаџер на САВА Осигурување и менторите Димче Картинов (Full-Stack) и Драган Петровски (QA).
По излагањата на групите, претставниците на САВА Осигурување им се заблагодарија на учесниците и им честитаа за успешно завршените проекти. А чие решение го избраа за победничко? Ќе дознаеме за неколку дена!