Работата на реални проекти за реални клиенти е задолжителен дел од програмата на Академијата за UX/UI дизајн во Brainster. Преку ваков начин на работа, студентите имаат можност да ги надградат своите вештини и да го применат целото знаење стекнато од предавањата. Токму затоа, го организиравме и одржавме вториот Хакатон на оваа Академија.
На овој Хакатон учествуваа студентите од првата група на Академијата за UX/UI дизајн, заедно со студентите од Мини академијата. Нивниот предизвик беше за само 48 часа да изработат е-shop платформа за клиентот Altius.
Дознај повеќе за реалните проекти и дополнителните активности во рамките на Академијата за UX/UI дизајн
Согласно спецификациите на овој Хакатон, студентите беа поделени во 4 тима, а на секој од тимовите му беше доделен по еден ментор кој што им беше на располагање во секое време за совет, поддршка и помош. Иако беше доста напорно, неизвесно, исто така беше многу забавно. Учевме, работевме и се дружевме online на платформата Zoom.
По 48 часовна работа, посветени ментори, тимска соработка и одлични студенти, изборот на победничкото решение не беше едноставен.
Она што го научивме како најважна лекција на Академијата е „секогаш учете од своите колеги“. Па, на крајот Тим 1 кој што беше составен од членовите: Александра Устијановска, Анастасија Јовчевска, Васил Божикалиев, Јана Пожаренковска, Миле Каровски кои беа под менторство на Мартин Теновски, ги споија силите заедно со Тим 2 во кои земаа учество: Марија Гелманоска, Елена Фиданска, Ивана Ангелковска, Дамјан Колев, Зоран Лазаревски, под менторство на Барбара К. Видиновски, и заедно дојдоа до победничкото решение.
Во продолжение ќе ви раскажеме за атмосферата на Хакатонот, како и за предизвикот со кој што се соочија студентите. Тимовите заедно со еден од менторите, од прва рака ќе ви го пренесат нивното искуство и ќе ви раскажат за целиот процес кој што треба да го помине секој UX/UI дизајнер при изработка на некој реален проект.
Дознајте како си пројдоа студентите од Академијата за UX/UI дизајн на вториот Хакатон и што тие ни кажаа за нивното ново искуство
Колеги, крајот на Академијата се ближи, напорно работевте на реални проекти, студии на случај, учествувате на 2 Хакатони и сега го кодирате своето портфолио. Честитки за сѐ што постигнавте во овој период. Како се чувствувате со новостекнатиот skill set и постигнувањата од изминатата година?
Ти благодариме. Ние си поминавме одлично, доста динамично и имавме незаборавно искуство. Во кое низ дружење, многу напорна работа и учење стигнавме тука каде што сме денес, со цврсто изградена база за почеток на нова ера на професионално ниво. Сега може да се каже дека се чувствуваме многу посигурно и посамоуверено, како на личен така и на професионален план.
Колку ви беше тешко совладувањето на техничкиот дел (алатките) од Академијата и колку работата на проектите ви помогна да бидете посигурни при користење на овие алатки?
За да се совлада било која алатка и да се чувствувате сигурно кога работите, секако дека најбитен е практичниот момент, т.е. вежбањето на самата алатка. Со работата на реални проекти се постигнува сето тоа.
Кој модул неочекувано „ве измори“, а каде поминавте полесно од очекувањата?
Најмногу нѐ измори Frontend (sorry Горјан 😀 ) бидејќи е потребно доста вежбање и практична работа. Но, инструкторот е одличен и се труди на најлесен можен начин да ни ја предаде материјата и да ни ги открие триковите за полесна работа и учење.
Сега, со кодирањето на портфолијата имаме можност да вежбаме повеќе, а тоа ни дава и повеќе сигурност во работата. Кога станува збор за полесно од очекувањата за нас беше Storytelling with design со менторот Златан Мујчин.
Реалниот проект кој што ви беше зададен како предизвик за овој Хакатон беше изработка на online продавница. Која е разликата помеѓу изработка на online продавница и web страница?
Доста е покомплексно. Секој проект си има свои специфичности, сѐ зависи од типот на продуктот/услугата, барањата на клиентот и таргет групата до која што сакаме да допреме.
Овој пат имавте на располагање и ментор кој што ви помогна. Какво е вашето искуството на овој Хакатон во однос на претходниот?
Искуството на вториов Хакатон беше поинакво. Првиот Хакатон сами се организиравме и одговорноста за успешност паѓаше на целиот тим, додека пак овој пат се организиравме заедно со помош на менторот. Тој во секое време ни стоеше на располагање и доста научивме од него за краток временски период. Самата комплексност на проектот, брифот и барањата на клиентот беа поразлични, затоа организацијата и искуството одговараа на големината на предизвикот со кој што се соочивме на овој Хакатон.
Што беше најголем предизвик со кој што се соочивте овие 48 часа?
Најголемиот предизвик беше да постигнеме да изработиме сѐ во рок од 48 часа, а исто така и да ја постигнеме целта на самиот проект, од аспект на функционалност и впечатливост на дизајнот.
Дали има рецепт за успешно совладување на предизвиците и ако има, кој е?
Да, рецептот е „never stop learning “- mindset. Исто така и вежбање во континуитет на техничките алатки.
Упативме и неколку прашања до еден од менторите кој што учествуваше на Хакатонот
Мартин, ти беше ментор на Тим 1 на Хакатонот.
Дали сметаш дека оваа методологија на учење преку натпревар, тимска работа при изработка на реален проект помага во совладување на UX и UI дизајн предизвиците?
Пред сѐ ми беше огромно задоволство да бидам ментор на една од групите кои што учествуваа на Хакатонот и сметам дека самиот натпревар беше можност да се научат многу нови работи, како и да се подобрат оние кои веќе студентите ги знаат. Меѓутоа добрата дружба и атмосфера беше еден од клучните фактори за овој Хакатон да биде успешен.
Ваквиот тип на учење придонесува за поголема свесност кога станува збор за тимската работа и многу повеќе, кога во предвид ја земаме фокусираноста и нивото на професионалост од страна на студентите, како и нивната ангажираност да го изработат проектот навреме и притоа да понудат едно реално и функционално решение.
Теоретскиот дел е ништо без практична работа. Затоа пак, вакви натпревари односно работа на реални проекти се оние кои што градат квалитетни идни UX/UI професионалци.
Што сметаш дека студентите добиваат од ваквиот тип на учење?
Дефинитивно ја покажуваат својата креативност на едно понапредно ниво, учат многу нови работи, се дружат, а и самиот поглед спрема дизајнот како нивна идна професија го согледуваат од реален аспект и разбираат како всушност функционира. Сето тоа ги прави идните генерации на UX/UI дизајнери да се заљубат во професијата.
Со тоа заврши и вториот Хакатон на Академијата за UX/UI дизајн.
Студентите успешно си го завршија проектот и беа дел од едно незаборавно искуство.
Честитки за победничкото решение!
Доколку сакаш да си дел од UX/UI заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.
На оваа Академија учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!