Со цел да го подобриме искуството на студентите од Академијата за графички дизајн и Академијата за дигитален маркетинг, организиравме една креативна и интересна Cross-Academy соработка.

Студентите ги споија своите сили и вештини, и за 48 часа изработија забавна содржина што ја доловува еуфоријата на Светското првенство во фудбал.

Идејата беше да се создадат и промовираат редизајни на фудбалските дресови од страна на нашите студенти. Секој студент можеше да си ја одбере омилената земја.

Ментори на овој Хакатон, за студентите од Академијата за дигитален маркетинг беа инструкторите Марко Ивановски и Вилијам Додевски. Додека за студентите од Академијата за графички дизајн, на располагање беа инструкторите Александар Нофитоски и Александар Поповски.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Тим 8, составен од членовите: Владо Јовановски, Кристијан Крстески, Ирина Вуцеља, Александар Стерјовски и Андријана Трајкова.

 

Во продолжение си поразговаравме со победничкиот тим за нивното предлог решение и искуството на овој Хакатон.

 

 

Здраво тим! Вие сте едни од студентите кои покажаа одлични перформанси и кои изработија многу интересни и креативни проекти. Најпрво, споделете ни нешто за себе.

Ирина Вуцеља: Имам завршено Филолошки факултет. Сопруга и мајка на две деца. Живеам во Нови Сад и сум студент на Академијата за Дигитален Маркетинг – Бреинстер.

Kристијан Крстески: Студент, работам како проектен координатор во Црвен крст, моментално студент на Академијата за Дигитален Маркетинг во Бреинстер.

Владо Јовановски: Студент на Универзитет Американ Колеџ, како и на Академијата за дигитален маркетинг во Бреинстер.

Андријана Трајкова: Студент на Педагошки факултет за англиски јазик и книжевност и студент на Академијата за Графички дизајн во Бреинстер.

Александар Стерјовски: Вработен во семејна фирма како вонреден работник и студент на Академијата за Графички Дизајн.

 

Бевте дел од едно незаборавно искуство каде што имавте задача во рок од 48 часа да испорачате предлог решение за FIFA World Cup Qatar 2022. Раскажете ни повеќе за овој проект.

Ирина: Идејата за овој проект беше да бидеме поразлични од другите тимови со изборот на земјата, а со самото тоа ни се отвара простор да бидеме уникатни и единствени со нашите идеални решенија. Па така ја одбравме Јапонија. Потенцирам поразлични затоа што денес сите знаеме дека се фанатици на Аргентина и се подразбира балканските земји кои учествуваа како Србија и Хрватска.

Процесот се состоеше секој комплетно да истражи слични кампањи за Светското првенство во изминатите години, а со тоа ние да составиме соодветна за овој Хакатон. После истражуавањето, добро ја проучивме Јапонија како земја, кои се карактеристиките и специфичностите кои ги нуди, па најсоодветните да ни бидат алицирани на дресот. Студентите од Академијата за графички дизајн одлично си ја завршија својата работа, па на нас остана најдобро да ги промовираме на социјалните мрежи.

Кристијан: Целта зад самото финално решение беше да одбереме нешто кое ќе нѐ прави поразлични. Јапонија е земја со богата историја, култура, традиција, па можеше убаво да ја доловиме поентата и да ја искористиме креативата.

Владо: Уште од самиот старт одбравме држава која сметавме дека нема другите тимови да ја одберат и со која можеме да доминираме – Јапонија. Крајната цел беше да креираме дресови кои стварно би ги носеле играчите во Светското Првенство 2022. Сметам дека успеавме во тоа.

 

 

Која беше идејата зад тој проект и целта што требаше да се постигне?

Андријана: Светското првенство е настан којшто е следен од милиони луѓе, а следејќи го и ние како тим бевме изненадени од успехот којшто го постигнуваше Јапонија, па целосно се мотивиравме да креираме дресови за таа репрезентација. Црпевме инспирација од нивната богата култура и направивме многу истражувања –  што е она што е најважно и најсимболично за Јапонија, а потоа направивме спој на сите инфотмации и креиравме дизајн со длабока приказна.

На самиот почеток едногласно одлучивме дека ќе работиме за Јапонија, и веднаш започнавме со нафрлување на идеи т.е. со Brainstorming. Идеи имавме во изобилство, па се поделивме и си зададовме задачи на коишто работевме индивидуално, но сепак тимски со постојани состаноци каде споделувавме до каде сме и се надополнувавме. За мене претставуваше задоволство да се работи со ваков тим, каде низ целиот процес меѓусебно се подржувавме за своите идеи, а и прифаќавме критики.

Процесот не беше едноставен, имавме и многу неуспешни обиди во толку кратко време додека да стигнеме до финалните решенија, но со големата поддршка која си ја дававме како тим и благодарение на инструкторите кои несебично се вложија да ни помогнат го добивме финалното решение кое беше избрано како победничко.

Александар: Целта беше секако да бидеме поразлични и поуникатни во донесувањето на нашата одлука и тоа како што видовме ни донесе голема предност и не „издвои” од останатите тимови, но и јас лично како голем љубител веќе повеќе години на Јапонија, одма се согласив и ја поддржав оваа одлука. Идејата за дизајнот на дресовите ни беше да креираме нешто што дава некаква симболика и што ќе асоцира на Јапонија, затоа змејот го избравме како добар симбол, додека пак процесот ни беше долгорочен имајќи повеќе состаноци меѓу нас за да видиме до каде сме и секако да дојдеме до заедничко финално решение.

 

Како се одвиваше целата соработка и кои беа барањата од страна на клиентот?

Од страна на клиентот имавме голема слобода за дизајните, т.е. од него ни беше кажано дека треба да дизајнираме дресови за Светското првенство во Катар, за онаа репрезентација којашто ние сакаме и онака како што ние ги замислуваме. Таа слобода ни дозволи да ја прикажиме целата наша креативност како тим и така го добивме тоа финално решение.

 

Од каде ја црпевте инспирацијата?

Јапонија е држава со најбогата култура и културно богатство, па целата инспирација ја црпевме од тоа што е најсимболично за Јапонија. На едниот дрес имаме спој на знамето на Јапонија и како splash oд државата, а на вториот дрес ни е претставен змејот којшто е важен симбол за јапонската култура.

 

 

Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно вакво интересно решение?

Иако роковите за нас беа најголемиот предизвик и страв да не успееме да стигнеме со финалното решение, тоа нѐ направи уште помотивирани да работиме повеќе за да го достигнеме максимумот од нас. Иако многу пати залутавме и во погрешни насоки и имавме неуспешни обиди, како тим успеавме до последно да се поддржуваме и да го имаме победничкото решение. Но и голема заслуга имаат инструкторите коишто постојано ни беа поддршка, нѐ советуваа и нѐ критикуваа, несебично ни помагаа и што е најважно до последно веруваа во нас и во нашата идеја.

 

Што научивте од оваа соработка?

Би сакале да кажеме дека е задоволство да се работи со тим како што бевме ние со постојано надополнување на идеите, критикување, но и поддржување. Тимската работа е од голема важност бидејќи постојано се даваат нови идеи, нови мислења и различни погледи. Научивме да прифаќаме критики и да не се плашиме од неуспешните обиди, бидејќи со многу труд, волја и работа сигурно ќе добиеме одлично решение. А исто така, научивме да си го распределиме времето правилно со цел да постигнеме сѐ и се уверивме дека и само 48 часа се доволни да се изработи нешто вакво доколку целиот тим несебично работи и помага.

 

За крај, како работата на реални проекти влијае врз вашите знаења и вештини?

Ирина: Реалните проекти придонесуваат големо значење кај нас посебно врз нашето знаење каде што добиваме голема самодоверба, а со самото тоа согледуваме колку сме ги совладале претходните модули. Се запознаваме со нови алатки и стратегии од останатите академии и разменувавме различни искуства.

Кристијан: Секое учество на реални проекти/хакатони претставува искуство плус за самите нас, тимската работа, споделувањето на мислења, учењето на нови алатки и самата работа, позитивно влијаат врз нашето надградување. Накратко, претставуваат голем чекор во понатамошната кариерна определба на една личност.

Владо: Овие хакатони ни овозможуваат да се прилагодуваме на тимска работа, да ги решаваме проблемите кои доаѓаат со тоа, и да бидеме брзи и ефикасни. 

Андријана: Применувањето на сѐ она коешто сме го научиле во текот на Академијата низ реални проекти и хакатони е едно големо искуство коешто нѐ соочува со реалноста за нашата кариера. Работиме во тимови каде учиме како треба да изгледа една тимска работа со меѓусебно надополнување и давање на идеи, а и постојано учиме нови алатки и се надградуваме. Што е најважно гледаме до каде сме стигнале со нашето знаење, т.е. што и колку сме совладале.

Александар: Имаше доста големо влијание бидејќи секоја нова работа со клиент ни е ново искуство, но исто така и нов предизвик каде што се стекнува поголемо разбирање, не само за клиентите туку и за себе за својот процес на работа, односно како твоето решение би му се нашло корисно на клиентот. Сепак, секогаш клиентите се на прво место и целта е да се задоволат нивните потреби.

 

На Академијата за дигитален маркетинг и Академијата за графички дизајн постојано работиме на реални проекти за реални клиенти.

Доколку сакаш да станеш дел од успешните приказни на нашите студенти и да ги надградиш своите знаења и вештини, закажи информативен разговор со нашиот тим.

Како до 1.000.000€? 🤫