Студентите од Академијата за Човечки Ресурси учествуваа на Recruit-a-thon

Изминатиот викенд, на Академијата за човечки ресурси се одржа првиот Хакатон организиран од страна на нашиот co-innovation партнер, компанијата Frontwise Group.

Frontwise Group е компанија која нуди регрутерски услуги и обезбедува решенија за регрутирање преку модерен пристап, осигурувајќи ги најдобрите можни кандидати со цел да се реализира процесот на вработување.

Па така, со цел да се подобри искуството на студентите од Академијата за човечки ресурси, на еден интересен и практичен начин се работеше на реални вежби кои ги покриваат главните аспекти на процесот на регрутирање.

Овој Хакатон беше наречен Recruit-a-thon, каде студентите најпрво работеа нa принцип на sourcing games. Доста актуелен во полето на регрутација, ваквите натпревари за sourcing се организираат на големи самити за регрутација годишно. Студентите имаа задача да одговорат на 12 различни предизвици и да ги презентираат одговорите за точно одредено време. 

Главна задача во вториот дел на Хакатонот беше sourcing на две вистински работни позиции за клиенти на Frontwise Group. Во дадени временски рамки, студентите имаа работа да најдат супер кандидати за понудената позиција и да ги испратат до компанијата нивните предлози. Преку користење на различни алатки, студентите ги пронаоѓаа кандидатите и со нивни информации ги испраќаа до клиентите.

Додека пак, во третата и четвртата фаза правеа mock-up интервјуа помеѓу себе за истата позиција и кратки пораки за кандидатите кои би биле на оваа позиција.

 

Си поразговаравме со студентите од Академијата за Човечки ресурси за нивното искуство

 

 

Здраво! Вие сте дел од првата група на Академијата за Човечки Ресурси и бевте дел од првиот организиран хакатон. Раскажете ни нешто повеќе за себе!

Оливера: Јас сум дипломиран психолог, со неколку годишно работно искуство со деца со попреченост. Слободното време, покрај обврските со Академијата за човечки ресурси, сакам да го поминувам во прошетки во природа, гледајќи некоја серија-комедија, и голем дел од денот поминувам правејќи разни активности за моите деца.

Наташа: Јас сум дипломиран професор по италијански јазик и книжевност, а моментално и студент на Академијата за Човечки Ресурси и практикант во Brainster. За себе ќе кажам дека сум позитивна и ведра личност, секогаш во потрага по нов предизвик.

Славица: Дојдов на Академијата бидејќи верувам во потребата да ги надградам моите вештини. Како што технологијата напредува, така е потребно и вештините да се развиваат.

Александра: Имам 37 години. За себе би кажала дека сум личност со ведар дух, која сака да им помага на другите и ми причинува задоволство кога на другата личност ѝ е добро. Го сакам редот и во исто време сакам да ги пресретнувам проблемите уште пред да се случат, односно, однапред да ги предвидувам случувањата и да го решам проблемот до крај, да не оставам недовршени работи.

Елена: Јас сум личност сум која е многу комуникативна, емпатична, полна со разбирање и едноставно ја сакам работата со луѓе.

Смиља: Имам 33 години и моментално работам во ИТ компанијата Ludotech како оперативен менаџер и финансии. По професија сум економист во делот за финансии и поседувам силни интерперсонални вештини. Работам ефикасно како индивидуален соработник, како и заедно со тим. Барам нови предизвици и се обидувам да размислувам надвор од рамката додека барам креативни решенија за даден проблем. Јас сум брз ученик и верувам во учењето од моите грешки, бидејќи силно чувствувам дека оваа доблест ќе ме однесе напред во животот и кариерата.

Ирина: Јас сум човек кој сака да работи со луѓе и кој сака да допринесува и да биде дел од нивниот развој. Повеќе од 10 години бев едукатор, а останатиот дел од мојата кариера, како дел од административниот оддел во образовна институција, го посветив на грижата и следењето на напредокот на учениците и наставниците. Јас сум ведра личност и вечен оптимист, а се стремам кон организираност, fair-play, отвореност и искреност.

 

Како си поминавте на овој Хакатон? Какво беше чувството да работите на еден ваков проект?

Оливера: Чувството беше навистина возбудливо. Ја имавме програмата за тоа како ќе течат активностите, но сепак возбудата беше присутна. Активностите кои ги имавме со професионалците од Frontwise Group беа многу интересни и баш ни го задржаа вниманието и ни ја разиграа љубопитноста.

Александра: На овој Хакатон ми беше многу интересно, во исто време размислуваш што си научил и веднаш мораш да го примениш. Во однос на чувството, можеше да се осети притисокот под кој се работи регрутирање, односно, како на паметен начин да им пристапиш на луѓето.

 

Раскажете ни како се одвиваше целиот процес на работа?

Наташа: Хакатонот беше поделен на 4 дела. На почетокот се запознавме со менторите и поразговаравме општо за тоа што ќе се работи, а потоа пред секој дел добивавме и прецизни инструкции за што конкретно се бара од дадената задача. Менторите беа цело време достапни за дополнително да одговорат на прашања и да дадат насоки.

Смиља: Сите членови на тимовите бевме длабоко посветени на предизвикот и вложивме огромен труд. Најпрво, се претставивме ние учесниците, што работиме и зошто ја избравме Академијата за човечки ресурси. Потоа, следуваше претставување на вработените од Frontwise, како и преставување на агендата за сработување на задачите. Имавме 4 вежби од кои некои требаше да ги сработиме индивидуално, а некои требаше да ги сработиме во тим. 

 

 

Кои беа барањата до вас и целите што требаше да се исполнат?

Ирина: За сите 4 игри имаше посебни и различни барања и цели. Во првата игра, целта беше да одговориме на што е можно повеќе прашања за што пократко време. Самата трка со времето го направи целиот процес забавен. За втората игра, работевме во тимови и требаше да користиме Recruiter Lite за да најдеме соодветни потенцијални кандидати за двете дадени работни позиции. Работата во тимови даде посебен шмек на задачата со што имавме прилика со колешките од Академијата да си ја направиме соработката уште поуспешна.

За третата игра, двете пораки кои ги пишувавме имаа различни цели: кратката требаше да овозможи иницијален контакт со пасивниот кандидат, додека подолгата порака имаше за цел да го убеди истиот кандидат да се согласи да има средба/интервју со нас. Во последната игра претпоставивме дека сме биле успешни со претходната и преку игра на улоги го спроведовме интервјуто. Главната цел на сето ова секако беше да се пополни слободната работна позиција на клиентот. Мислам дека, како за почетници, бевме сосема успешни.

Елена: Низ конкретни задачи кои требаше да бидат решени во рамки на одреден временски интервал требаше да се обезбедат решенија за чија точност добивме повратна информација од самите организатори.

 

Што ве мотивираше да започнете да градите кариера во светот на човечките ресурси?

Смиља: Во време кога кај компаниите и организациите се зголемува свесноста за тоа колку е важна селекцијата на квалитетни кадри, но и за задржување на најдобрите вработени и зголемувањето на нивната лична сатисфакција, потребата за професионалци од областа на Човечки ресурси сè повеќе расте.

Наташа: Отсекогаш сакав работа со и околу луѓе. Можноста за позитивен импакт во животот на вработените како еден HR професионалец е огромен. Верувам дека градење на кариера во областа на Човечки Ресурси ќе ми даде можност да ги остварам сопствените цели и со тоа ќе ги инспирирам другите околу мене.

 

Најважната лекција што ја научивте досега од предавањата?

Оливера: Научив многу корисни работи кои често пати може да се научат и од неформални разговори со инструкторите, научив како да го користам Linkedin паметно, тоа е една многу корисна мрежа која прави чуда. Работејќи ги домашните и проектите кои на прв поглед помислував дека нема да можам да ги направам, сѐ додека не седнав и ги направив, па сфатив дека всушност можам. Секое едно искуство е неверојатно.

Славица: Тежината на регрутерството. Сериозноста и пристапот кон секој кандидат, времето кое се посветува за да се достигне таа работна позиција.

 

И за крај, што би ни додале за овој настан?

Александра: Би сакала да се заблагодарам на Brainster за организирањето на овој настан, на нашиот Student success Лина за постојаната поддршка и помош. На менторите кои сериозно пристапија да ни го пренесат нивното знаење и притисокот со кој се соочуваат во работењето на реален проект.

Ирина: Keep up the good work!

Елена: Настан на кој дефинитивно вреди да се учествува!

 

 

Уписите за следната група на Академијата за Човечки Ресурси се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

 

Future-proof кариера во 2025

Aплицирај за early bird

*САМО 14 ДЕНА