Елизабета Спировска за себе кажува дека една од нејзините најпозитивни карактеристики е тоа што сака предизвици и не се откажува од истите лесно. По завршување на средно сфати дека сака кариерата да ја однесе во сосема друга насока. Тоа и беше главна причина зошто се запиша на ФИНКИ, на смерот Примена на е-технологии. Сепак, откако дипломира, откри дека главната пасија и е програмирањето. После Академијата за програмирање веднаш почна да работи како Андроид девелопер а денес работи во Melon Technologies.
Од каде толкав интерес за програмирање? Дали имаше некакво претходно предзнаење?
Сѐ беше некако спонтано и набрзина. Завршив средно стручно економско, сите предмети ми беа супер и сѐ ми одеше без мака, но престана да ми биде интересно. Од сите области, за оваа никогаш не сум се ангажирала. Буквално немав никакво предзнаење, сега кога ќе ми текне на што сѐзапнував и какви грешки правев ми е смешно. Но тогаш сакав да научам нешто ново, нешто што мислам дека не ми оди, да се натпреварувам сама со себе и да си докажам дека нема нешто што не можам да го направам ако сакам…
Така и се запишав на ФИНКИ на смерот Примена на е-технологии. На факултетот веќе учев програмирање и имав предзнаење. Сепак, во Brainster се запишав кога бев четврта година на факултет, за да се насочам конкретно на развој на мобилни апликации бидејќи уште тогаш знаев дека е тоа нешто што сакам да го работам.
Многу млади луѓе се наоѓаат во недоумица дали програмирањето е професија за нив или не. Сметаат дека за програмирањето треба да се има „математичко/аналитички ум“ и дека не е професија за секого. Што мислиш за ова? Дали и ти имаше страв од програмирањето претходно?
Па да, сметам дека треба да се има математичко/аналитички ум, но не е пресудно. Зависи од работните задачи на проектот што ги имаш.
Признавам, имав страв. 🙂 Знаев на почетокот да си кажам што ми требаше сега ова, но кога ќе навлезеш барем малку во оваа област сфаќаш колку правилна одлука си донел. Среќна сум што ја избрав оваа област и сметам дека секој што има желба треба да ја избере без да се плаши.
Колку време ти требаше да стигнеш од апсолутен почетник без практично искуство до програмерка која знае да се снајде сама или барем знае како точно да побара помош од поискусните колешки и колеги?
Мислам дека до средина на првата година од факултет не можев воопшто да се снајдам во програмирањето. Гледав како другите ги решаваа задачите и ги копирав нивните решенија. Но, подоцна, како моето знаење и самодоверба се зголемуваа, наместо да гледам решенија од други, почнав сама да размислувам. Се случуваше на некоја мала задача да заглавам и по цел ден, но бев решена сама да почнам целосно да ги изработувам задачите без помош. Потоа, со секоја решена задача имав мотив за наредна и сѐ така. Секој почеток е тежок, само не треба да се откажуваме.
Од друга страна, кога почнав да одам на Академијата за програмирање во Brainster веќе имав претходно искуство, такашто бргу осетив напредок и веднаш по Академијата бев спремна да работам на развивање мобилни апликации.
Кои се работите кои најмногу те мотивираа за да истраеш во целиот процес на започнување на новата кариера? Кои се твоите навики за кои мислиш дека најмногу ти помогнале да успееш да ја направиш оваа трансформација во кариерата?
Мислам дека предизвикот и динамиката која ја има оваа професија ме мотивираше да започнам со оваа работа. Обично работите знаат бргу да ми здосадат, но во оваа професија постојано има новини, секогаш има нешто ново за учење и нови предизвици. Не сакам да се откажувам и сакам да си ја завршам работата успешно до крај, мислам дека тоа ми помогна.
Што најмногу ти се допаѓа во новата професија? За какви проекти сонуваш во иднината?
Ми се допаѓа тоа што оваа професија не е монотона, секогаш работиш различни работи и се соочуваш со нови предизвици. Мислам дека како што напредува технологијата така сѐ поинтересни проекти ќе доаѓаат, во моментов не знам на каков проект би сакала да работам во иднина, но никогаш не се знае – можеби ќе направам некој свој интересен проект 🙂
Како ти се чини твојот почеток од сегашна перспектива? Дали се исплати сиот труд кој го вложи за да станеш програмерка?
Иако сум на самиот почеток од мојата кариера (немам ни година работно искуство) сѐ уште е многу рано да зборувам за тоа, но до сега мислам дека сум го направила вистинскиот избор, а немам ни причина зошто да не мислам така и понатаму затоа што го работам тоа што го сакам. Дефинитивно да, трудот се исплати.
Доколку се пронаоѓаат во оваа област нема потреба од повеќе размислување. Нема ништо поубаво од тоа да си ја сакаш својата работа. Напорната работа и постојано надоградување на знаењето е клучот за успехот. Трудот секогаш се исплаќа.
Доколку размислуваш за промена или започнување на нова кариера, разгледај ги програмите на нашите академии: Академија за програмирање, Академија за Data Science, Академија за дигитален маркетинг, и Академија за дизајн. Уписите се во тек.