Фросина Стаматоска – Инструктор на Академијата за програмирање

На прв поглед строга, но секогаш тука за студентите. Сака од интензивната програма за програмирање учесниците да го извлечат најдоброто од себе и да станат програмеришта! Запознајте ја Фросина Стаматоска, предавач на Академијата за Web програмирање.
Уписите за академијата се во тек: http://codepreneurs.co/
Здраво Фросина! Освен што си инструктор на Академијата за Web Development, кажи ни нешто повеќе за тебе! 🙂
Здраво, јас сум Фросина Стаматоска. Моментално работам како Full-Stack Developer во холандската компанија Symphony Solutions. Во ИТ секторот работам повеќе години. По природа сум храбра личност која може да се снајде во секоја ситуација, креативна и оптимист. Сакам да ширам позитивна енергија и да им помагам на луѓето. Предизвик ми е да допринесувам на open-source заедницата.
Во слободното време, кое се помалку и помалку го имам, обожавам да екпериментирам со нови рецепти во кујната и да готвам за своите најблиски. По природа сум авантурист и го користам секој слободен момент за да патувам. Фотографирањето ми е пасија и сум Instagram зависник 😀
Кажи ни како го менаџираш времето за да постигнеш сè во денот? Како изгледа еден твој работен ден?
Работниот ден ми почнува најчесто во 8 часот наутро. Првото нешто без кое што не можам е кафе и овошје. Денот ми продолжува со неколку состаноци, а после состаноците продолжувам со работа на тасковите кои што ги имам за тој ден. После работа, попладнето обично ми е резервирано за академијата за програмирање на Brainster. Секој ден ми е исполнет од сабајле до касно навечер, меѓутоа тоа не ми претставува проблем затоа што го сакам тоа што го работам и секој момент ми претставува задоволство.
Што очекуваш од новите учесници на Академијата и што сè ќе научат со тебе?
Бидејќи скоро сите учесници доаѓаат од различни професии, очекувам сите максимално да се вложат во оваа академија. Секоја нова работа која што ја учиме бара труд и внимание, па исто така и програмирањето. Моментално го предавам делот со базите на податоци, основите на PHP и објектно ориентираното програмирање и како сето ова заедно да го искористат во Laravel. На новите учесници на академијата можам да им ветам дека ќе учат од реални примери и како да станат подобри програмери, споделувајќи мои искуства и совети. Исто така сакам да кажам дека атмосферата на час е динамична и интересна и нема никогаш да им биде досадно.
Како стигна до таму каде што си сега, како софтверски инженер и инструктор? Која е твојата приказна?
Се започна кога се запишав на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на УКИМ. На почетокот бев исплашена и скептична од целиот тој нов материјал за мене, бидејќи доаѓав со никакво предзнаење, а станува збор за професија во која што секој ден нешто се менува и има нови работи. Меѓутоа на крај трудот се исплатеше. Мојата амбициозност и желба да учам нови работи ги применив и во програмирањето. За многу брзо време се пронајдов во оваа професија и почнав се повеќе и повеќе да уживам во тоа што го правам. Има еден многу добар цитат кој што ме опишува:
“If somebody offers you an amazing opportunity but you are not sure you can do it, say yes – then learn how to do it later!” -Richard Branson
Максимално се вложував да станам тоа што сум денес, почнувајќи уште од факултет. Секогаш земав непознати за мене проекти и технологии со кои што првпат се среќавав, само за да научам нешто ново. Сум имала многу непроспиени ноќи и откажани планови, само затоа што сум се внела во работата и не сум сакала да го оставам компјутерот. Мојот немирен дух за нови предизвици ме донесе токму тука каде што сум денес.
На академијата за програмирање ме поканија да предавам Теди и Петар и ми беше огромна чест што ме одбрале баш мене. На почеток имав мала трема, но потоа ми стана интересно и секој час ми претставуваше задоволство да ги научам другите луѓе нешто што го знам многу добро.
Колку време е потребно една личност да се трансформира од почетник во добар програмер?
Зависи од вложувањето и посветеноста на таа личност. Некој може да го направи тоа за многу брзо време, на некој ќе му треба цел живот. Мој совет е кога таа личност ќе почне со нешто да не се откажува, да истражува, бидејќи барем денес имаме многу широк избор на извори од кои што можеме да црпиме знаење. Треба да си го надоградува своето знаење секојдневно, да чита книги и да не се плаши од предизвици.
Кои карактеристики треба да ги поседува секој потенцијален програмер?
Пред сè би рекла упорност. Исто така треба да почне да размислува надвор од кутијата. Најважно од сè би рекла дека треба да излезе од својата комфорт зона, бидејќи доколку доаѓа од некоја сосем друга професија, ќе се сретне со работи кои што се сосема различни од тоа на кое што до тогаш бил навикнат. Еден програмер исто така треба да има добар пристап кон решавање на проблеми, желба за учење и пасија кон тоа што ќе го работи. Ниеден човек не може да стане програмер доколку не го сака тоа. Треба да знае како да се снајде во стресни ситуации, да почитува рокови и да има желба за истражување.
Што им препорачуваш на идните учесници?
На идните учесници им препорачувам доколку веќе се решиле да се запишат на оваа академија, да внимаваат на својата редовност на часовите и да слушаат внимателно тоа што се работи на час. Секоја дадена задача да ја решаваат самостојно, и да бидат редовни со своите домашни бидејќи само така ќе стигнат на патот до успехот. Доколку имаат потешкотии во учењето, а се разбира дека ќе имаат затоа што никој не се родил како програмер, да не се откажуваат, подобро да згрешат сто пати, а на сто и првиот да успеат, отколку да згрешат еднаш и да се откажат. Никогаш да не чекаат задачи на готово од своите колеги, туку сами да се обидуваат. Подобро половично решена задача, отколку препишана.
Кога им е најтешко и сакаат да се откажат, да пробаат повторно и да се вложат уште повеќе.
Во периодот додека трае академијата да бидат целосно посветени на неа, да не прескокнуваат делови од материјалот бидејќи темпото на академијата тоа не го дозволува. Колку што можат повеќе да се собираат со своите колеги, да работат тимски и да споделуваат идеи. Да почнат да размислуваат малку поинаку од вообичаено. Секој проблем да го поделат на помали делчиња и да најдат решение на тие делчиња. Потоа да ги спојат решенијата на помалите делчиња за да го добијат решението на бараниот проблем. Да се навикнат да го користат Google во секојдневниот живот.