На 9. април во 18 часот во Public Room ќе се одржи InTech Meetup настан кој има за цел да поттикне размена на знаења за нови технологии и вмрежување на луѓето од IT заедницата во Македонија. И по 6ти пат, повторно со смела и актуелна тема Machine learning: An artificial intelligence approach.

InPlayer е британско-македонска компанија основана во 2010 година со седиште во Лондон, чијашто Paywall платформа е софтверско решение кое им помага на клиентите да ги монетизираат своите дигитални, премиум содржини. Овој продукт нуди целосно решение за регистрација и автентикација на крајни корисници како и наплата за пристап кон премиум содржините на нашите клиенти.
Си направивме интересен разговор со тимот на InPlayer во врска со овој прекул настан за кој сè уште можеш да се пријавиш овде.

Како започна приказната за InTech Meetup, која беше идејата што ве мотивираше да го создадете овој настан?

Приказната за InTech Meetup започна во декември 2016, бидејќи ние како дел од ИТ заедницата во Македонија сакавме да дадеме наш мал придонес во доближување на истата до некои светски стандарди, кога на пример во Лондон може да има по неколку meet-ups неделно на различни теми, можеме и овде да почнеме од некаде. Оттогаш се одржани пет успешни и добро посетени настани на различни актуелни теми од IT сферата со врвни домашни и светски говорници. Идејата што нè мотивираше да го создадеме настанот беше да ѝ овозможиме на заедницата на програмери да се собере на едно место и притоа да имаат можност да слушнат и да зборуваат за технологија, да се запознаат и да се дружат.

Наскоро ќе се случи 6тиот InTech Meetup со тема Machine Learning: An artificial intelligence approach. Може ли како „тизер“ да ни откриете што може да очекуваме од настанот?

Шестиот InTech Meetup, кој ќе се одржи на 9 април во 18 часот во Public Room, доаѓа со многу новини, бидејќи сакаме на публиката да и биде константно интересно. Освен што ќе има можност да ги слушне тројцата врвни говорници – експерти за вештачка интелигенција кои доаѓаат од светски реномирани компании како Amazon Web Services, TeamViewer и ProsiebenSat1, публиката ќе има можност и да биде дел од панел дискусијата или дел од екслузивната работилницата на Julien Simon за Amazon SageMaker за којашто местата се органичени.

InTech Meetup

Во кои сè области, вештачката интелегенција може да најде примена? Со други зборови, има ли некој “голем бум” за кој треба да бидеме спремни во наредните години?

Вештачката интелигенција е веќе раширена во различни области, од медицина, до економија и уметност. И покрај извонредниот прогрес на вештачката интелигенција на многу полиња, постојат многу нешта што машините не можат да ги прават како поседување на здрав разум, препознавање на нијанси на еден јазик или учење на нова вештина од само еден или два примери, но треба да бидеме спремни за овој ,,голем бум” во наредните години. Со зголемениот интерес на повеќето луѓе во понови и помодерни гаџети, би можеле да се развиваат сервиси кои би се основале на повеќе различни AI модели, како Сири, Алекса, или некакви други асистенти што би ни помагале да водиме поисполнет живот.
И да не ви откријам сега сè, придружете ни се на следниот InTech Meetup за да дознаете од врвни експерти повеќе за предизвиците кои со себе ги носи вештачката интелигенција. 🙂

Кои се вашите очекувања за развојот на вештачката интелигенција? Дали мислите дека AI во 2022-та ќе стане многу повеќе од неизбежен дел од нашето секојдневие?

Развојот на AI технологиите ќе продолжи да расте, главно поради податоците кои континуирано се собираат од повеќето луѓе кои водат нормален живот на интернет преку најразлични трансакции за плаќања сметки и купувања, комуникација, состаноци и сл. Главната порака на бумот во AI е дека со зголемениот волумен на информации, може да се изградат најразлични модели кои потоа би предвидувале и би подобрувале некој аспект од нашиот живот.
Со оглед на тоа дека присуството на AI во најразлични сегменти како медицината, социјалните медиуми, образованието и сл. продолжува да расте, до 2022 г. веројатно ќе стане круцијален, неизбежен дел од секојдневието. Ние во InPlayer веќе работиме на унапредување на нашата платформа со AI, со тоа што го моделираме однесувањето на нашите корисници. Технологијата која се користи се статистички модели кои пробуваат да го предвидат идното однесување на корисниците користејќи податоци од минатото однесување.

Meetup 5

Напоменавте дека имате врвни спикери кои градат вештачка интелигенција за Amazon, TeamViewer и ProSiebenSat1! Како се поврзавте со такви искусни професионалци и колкав беше предизвикот да го овозможите нивното присуство на настанов?

Предизвикот да се поврземе со вакви искусни професионалци од светски ремномирани компании беше огромен, и не баш лесен. 🙂 Дознавме дека тие се луѓе кои постојано патуваат низ светот и се топ барани говорници на познати конференции и настани поврзани со вештачката интелигенција и ги поканивме со цел сите заедно да слушнеме за нивните искуства и да најдеме нивна примена во иднина. Сметам дека успешните претходни настани беа клучни за да ја прифатат поканата за InTech Meetup #6.

InTech Meetup

Кои вештини треба да се присутни во еден тим кој развива вештачка интелигенција, за да се смета за AI нинџа?

За да некој стане AI нинџа многу е важно да има познавања од повеќе технологии и програмски јазици. Сегашните AI модели се раширени низ повеќе можни платформи, (покористените јазици се Python, R , Matlab и сл.). Исто така, важно е да се има некое основно познавање од математичката основа на најкористените алгоритми и модели.
Сепак, за да се развијат некои јаки сервиси кои би користеле AI модели, сметаме дека е најважно на почеток да се дефинира кој е проблемот кој го решаваме, и како ќе носиме бенефити на корисниците на нашата идеја. Кога ни е јасна поставена задачата, тогаш преку наоѓањето на корисни и релевантни податоци може да почнеме со развивање на супер апликации кои ќе имаат позитивен импакт врз животот на луѓето.

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

10 Компании. 100 Студенти. 1000€ Ваучер.