Како што веќе прочитавте во претходниот блог, беше одржан Хакатон на Академијата за графички дизајн 2020. Студентите беа поделени во тимови и работеа упорно да ги креираат нивните постер решенија за неколку здруженија.
Поразговаравме со победничките тимови и тие ни раскажаа за што се однесуваше нивниот проект и нивното искуство на хакатонот на Академијата за графички дизајн.
Прочитајте на што тие работеа и погледнете ги дизајните!
„Реупотреби го умот“
За здружението ХОПС – „Реупотреби го умот“ работеа тимски Моника Јовановска, Јасмина Герговска, Мариа Мишева, Викторија Јовева и Виктор Ризов. За нив хакатонот беше едно големо предизвикувачко искуство. Беа поделени во групи и за првпат работеа на ваков реален проект. Целиот процес се одвиваше онлајн, најпрво средба со организациите каде им беше објаснета задачата и зададен брифот, од тука тие организацијата и координацијата за овој проект ја правеа самите. Имаа забавни состаноци на кои ги споделуваа различните идеи, критики и успеаа да ги спојат различните стилови во еден дизајн.
Процесот за изработка на овој проект ни го раскажа овој тим и тоа течеше вака:
Тимската работа се одвиваше хармонично и нашиот тим функционираше одлично. Работата на хакатонот ни овозможи да го потврдиме знаењето што го стекнавме на академијата и нашите вештини да ги преточиме во едно визуелно решение. Контактот со клиентот и неговите барања ни даваа инспирација за имплементација на идеите. Процесот на работа бараше добро истражување, затоа што сите во тимот прв пат се запознавме со ваква тема. Работевме тимски и од почетокот до крајот на хакатонот и целото слободно време што ги имавме деновите додека траеше натпреварот го поминавме на состаноци.
Една од многуте позитивни работи од овој реален проект е што имавме можност подобро да се запознаеме меѓу себе и зближиме како група, со оглед дека досега немавме можност да го направиме тоа физички. Самиот хакатон не натера да размислуваме подетално и подлабоко за реалните проблеми и ни даде можност да се вклучиме директно и да дадеме наш придонес.
На наше огромно задоволство работевме на кампањата „Време е за вистинско дело“ за кое дадовме постер дизајн решение на тема „Реупотреби го умот“ кое е мотото на филантропската акција на ХОПС-Опции за здрав живот-Скопје. Самата приказна на организацијата е да се развие општествена свест за негативната перцепција на општеството кон луѓето што употребуваат/ле дроги. Ние се фокусиравме на идејата да се промовираат работилниците и креативните решенија на тие луѓе. Инспирацијата ја црпевме од самата идеја која стои зад оваа кампања.
Темата на која што работевме е деликатна и да се претстави во вистинско светло беше предизвик. Брифот вклучуваше повеќе цели, предизвик беше со едно визуелно решение да постигнеме подигнување на свеста кај луѓето за постоењето на оваа група на граѓани, а воедно да ги запознаеме останатите со работилниците кои се од големо значење.
Домашните задачи, реалните проекти, искуствата и советите од инструкторите беа клучни за нашите вештини и нашето понатамошно напредување во областа на графичкиот дизајн. Она што може да кажеме едногласно е дека секој што има желба да започне нова кариера, да го направи тоа без размислување бидејќи е прекрасно искуство.
Дефинитивно трудот се исплатеше. Со оглед на тоа дека ова е еден од нашите први посериозни проекти, чувството да се биде дел од изложбата која има општествен придонес е особено значајно.
ТАКТ „Женски рагби клуб“
Дијана Атанасовска, Ива Митреска, Ана Ивановска и Ана Митреска се членовите на тимот кој што работеше за ова здружение и креираше победнички постер дизајн на хакатонот за графички дизајн.
За нив хакатонот беше сосема различно искуство од се останато на академијата. Покрај тоа што се работеше на реален проект, се работеше во краток временски период со постојана комуникација и консултација со клиентот. Првите два часа од хакатонот беа организирани со цел клиентот да зададе подетален бриф околу проектот, додека остатокот од часовите беа посветени на дизајнирање и корекции за да се дојде до крајното решение.
Еве како се одвиваше хакатонот според Ана, Дијана, Ива и Ана:
Од претходна работа на заеднички проекти во рамки на академијата, сфативме дека работата во тим ти дава едно поинакво искуство и чувство за она што работиш. Пред да имаме заеднички брејнсторминг си дадовме простор за индивидуално истражување на темата, а потоа ги „извадивме“ сите поединечни идеи на маса и финалната која најмногу ни се допадна на сите продолживме заеднички да ја надградуваме и доразвиваме.
На хакатонот требаше за ограничен временски период да дојдеме до идеа и истата да ја реализираме во финалното решение. Ова е интересен пристап со оглед на тоа дека клиентот е постојано во тек со работата на проектот, не го гледа само финалниот резултат туку гледа како се развива идејата низ процесот и истиот учествува со негови сугестии во финализирањето. Ова е многу добар начин за да се развие чувство на комуникација со клиент.
Со нашиот постер требаше да се прикаже и поттикне родовата еднаквост во спорот преку првиот женски рагби клуб во Македонија. Оваа тема е секогаш актуелна, па така не е тешко да се најде инспирација. Сакавме да дојдеме до решение кое ќе пренесе силна порака и ќе биде визуелно впечатливо. Целта ни беше постерот да биде забележлив и да побуди интерес дури и кај оние кои не планираат да започнат да тренираат рагби. Па така, пораката „повлечи ги линиите“ ги симболизира двете линии на знакот за еднаквост, а од друга страна се поврзува и со линиите кои се цртаат на лицето на рагбистите. Знакот за еднаквост е појдовна точка од каде што ја почнавме и завршивме приказната.
Тоа што нашето решение е меѓу победничките на овој хакатон ни дава дополнителен мотив за понатаму да работиме и да се надградуваме себеси. Непроценливо е чувството кога дизајнот во кој што си вложил многу труд и енергија ќе го види светлото на денот и ќе добие шанса да биде претставен пред поширок круг на луѓе. Кога ја посетивме изложбата бевме известени дека на снимање кое што го имал амбасадорот на делегацијата на ЕУ, инсистирал нашиот постер да биде во позадината на неговото интервју бидејќи многу му се допаднал. Ова се работи кои многу би му значеле на секој дизајнер, а особено кога е на почетокот од својата кариера.
Како и претходно што спомнавме, за краток временски период требаше да се дојде до крајно решение кое ќе ги задоволи потребите и желбите на клиентот. Најголем предизвик ни беше да креираме решение кое ќе ги сублимира сите пораки кои требаа да бидат прикажани, а од друга страна да се задржиме на идејата која ја имавме со цел да оставиме и наш „печат“ на финалното решение.
Со оглед на тоа што во група од четири девојки, три имаат сосема различен бекграунд кој нема никаква допирна точка со дизајн, можеме да кажеме дека академијата за графички дизајн ни помогна да се изградиме, а не да се надградиме како дизајнери. Веќе сме на крај со учење и може да потврдиме дека академијата креативно не размрда и ни откри целосно поинаков уметнички свет.
Запознавме веќе докажани дизајнерски имиња кои што не водеа низ процесот на учење и несебично ни го пренесоа целото свое знаење, а особено сме благодарни што запознавме група од прекрасни идни дизајнери со кои што си бевме поддршка и заедно се радувавме на сите поединечни успеси.
Честитки за Тим 3 и Тим 4 и нивните успешно сработени проекти!
Ако размислуваш за креативна кариера, разгледај ја програмата на Академијата за графички дизајн тука!