Осум месеци исполнети со максимална посветеност, многу задачи, предавања, реални проекти и вежби поминаа многу брзо за студентите од Академијата за графички дизајн.
Со цел да ја комплетираат програмата, студентите од Академијата за графички дизајн имаа задача да ги изработат своите завршни проекти и да изградат лого и бренд идентитет за реален клиент.
Под менторство на нашите инструктори Дијана Димитриевска, Александар Нофитоски и Александар Поповски, тие со максимална посветеност и многу труд, работеа на реален проект за клиентот Центар за поддршка на семејства на деца со попреченост.
Во оваа блог објава, ќе ја запознаете Симона Симоновска чие решение го зема победничкото место по презентацијата пред клиентот.
Во продолжение си поразговаравме со Симона за нејзиното искуство

Здраво Симона! Ти си една од најактивните студенти на Академијата за графички дизајн и те запознавме минатиот пат како Dream Team студент, а воедно преку твојата успешна приказна. Како се чувствуваш сега после завршниот проект?
Здраво, здраво. Овој проект имаше неколку предизвици и ме исполнува тоа што успеав супер да се справам со сите, и на крајот да го видам задоволството кај клиентите.
Раскажи ни нешто повеќе за завршниот проект. Што е идејата зад овој проект и кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат?
Задачата беше да се креира лого и бренд идентитет за ресурсниот центар за поддршка на семејства на деца со попреченост, којшто е сосема нов центар и начинот на нивното работење го вклучува Монтесори методот на учење како примарен сегмент. Клиентите беа многу возбудени да добијат свој бренд и изглед, за да можат да се пласираат во општеството и да станат препознатливи, што е од голема важност поради дејноста што ја вршат.
Мојот процес се состоеше првично од подолго истражување за самиот Монтесори метод, поминување низ брифот неколку пати за да ги извадам најсуштинските работи што ги карактеризираат клиентите и нивниот бизнис, и исто така, истражување на примери од други слични центри за повеќе инспирација.
Кои беа барањата од страна на клиентот?
Клиентите имаа замисла како би сакале нивниот бренд да изгледа и што треба да постигне. За мене клучно беше што кажаа какви чувства треба да се побудат кај семејствата што ќе ги користат нивните услуги, поточно тие сакаа клиентите од кај нив да си заминат со чувство на олеснителност и сигурност, и тоа ми даде една насока за логото, боите, типографијата.
Како дополнителен предизвик беше смислувањето на име за центарот. Нивната идеја беше да се стави фокус на ability, наспроти disability и дотогаш го користеле името thisAbility. Беа отворени за секакви предлози, но јас сепак сметав дека AБИЛИТИ најдобро ја опишува нивната цел и замисла.

Од каде ја црпеше инспирацијата?
Од самото истражување за начинот на работа на еден ваков центар со Монтесори метод на учење дојдов до многу ресурси, блогови, видеа каде што можев подетално да се запознаам со правилата и концептите. Тука наидов на принципите на основачката на овој медот, Марија Монтесори и неколку од нив добро ја опишуваа идејата и мисијата на клиентите. Исто така, како инспирација ми служеше и името Абилити (ability), како можност за раст и развој на децата
Што беше потребно за успешно завршување на овој проект и колку време ти требаше да дојдеш до финалното решение?
Решението не дојде веднаш. Потребно беше систематско истражување и испробување на идеи што траеше околу 2 недели. Но, откако ги пронајдов клучните нешта што го отсликуваа бизнисот, крајното лого само си се формираше, а со тоа и останатите дизајни за бренд идентитетот.
И за крај, како си помина на Академијата, што можеш да ни раскажеш?
Времето поминато на Академијата за графички дизајн е период што за мене е прилично важен за почетокот на мојата кариера како графички дизајнер. Забавни часови, корисни лекции, посветеност, супер инструктори, многу домашни и прекрасно искуство.
Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!
