Учиме графички дизајн преку работа на реални проекти!
Последниот предизвик со кој се соочија студентите од Академијата за графички дизајн беше да работат на реален проект за реален клиент на модулот „Постер Дизајн“ под менторство на нашиот инструктор Иван Дургутовски.
Нивната задача беше да креираат креативно решение за постер дизајн за клиентот Sure Shotz – мултифункционална дружина која постојано работи на развивање на хип-хоп културата преку организација на настани, пуштање музика во клубови, соработка со други артисти, диџеи и секакви уметници.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Роко Иванов.
Во продолжение си поразговаравме со Роко за неговото победничко решение
Здраво Роко, ние на Академијата за графички дизајн те познаваме, но што би споделил со останатите? Кој е Роко?
Здраво! Јас сум Роко, студент на Академијата за графички дизајн во Brainster. Себеси би се опишал како љубопитна, немирна и храбра душа, со страстен внатрешен живот која сопствените искуства имагинарно и креативно ги рефлектира од себеси во повеќе видови на уметност.
Последен проект на којшто се работеше на Академијата за графички дизајн е постер дизајн за клиентот Sure Shotz. Како работата на реален проект за реален клиент ти помогна да ги развиеш своите вештини?
Покрај сопствените проекти, овој реален проект одлично ме запозна со процесот при работа со реален клиент и ми помогна да ги искористам и развијам своите комуникативни и problem-solving вештини, како и својата креативност.
Раскажи ни повеќе за овој проект и идејата зад него?
Целата потрага по дизајнерско решение беше одличен предизвик и шанса за слободно и креативно изразување. Идејата зад него беше да се создаде постер кој ќе го привлече вниманието на помладата публика, љубителите на хип хоп, рап и трап музиката/културата и воедно да служи како едно големо затворање на целата Thursday Shake сезона. Една искрена Thank You порака кон љубителите на добрата забава.
Како се одвиваше твојот дизајн процес? Од каде ја црпеше инспирацијата за твоето решение да биде избрано како победничко?
Дизајн процесот започна со истражување на самите жанрови на музика и претходни дизајни за вакви настани, од коишто црпев доста инспирација за некакво креативно дизајнерско решение. Имав повеќе идеи кои со текот на работата и неколку измени стигнаа до едно финално решение со коешто конечно бев задоволен и исполнет. Фидбекот којшто го добив од менторот Иван Дургутовски ја осигура мојата идеја за креативно решение.
Што би ни раскажал за атмосферата и чувството да се работи на еден ваков проект од музичката индустрија? Како течеше соработката со клиентот?
Како преголем љубител на музика и „self-proclaimed” музичар успеав одлично да се пронајдам во работата. Чувството да се работи на еден ваков проект од музичката индустрија беше исполнувачки и доста забавно, како и еден добар предизвик за креативно изразување. Соработката со клиентот се одвиваше одлично и без никакви потешкотии. Сите инструкции и самата идеја зад проектот бeа доволно јасни за да се дојде до едно заедничко дизајнерско решение.
И за крај, колку си задоволен од целиот овој процес на работа и работата на ваков вид на проекти, со кои оставаш импакт на целото општество?
Овој реален проект и целиот процес на работа потполно ме исполни и премногу сум задоволен со финалното решение. Самото чувство кога ќе го видиш своето дело во вид на „јас бев тука и оставив трага”, како сопствено дете кое „живее” зад тебе е прекрасно и неспоредливо.
За задоволството од соработката, Дарко од Sure Shotz ни сподели:
Здраво Дарко, раскажи ни накратко за тебе и организацијата!
Здраво, здраво! Јас сум Дарко, за некои познат како Irie Scratch, член на екипата на Sure Shotz. Нашата организација која годинава слави 18 години постоење е мултифункционална дружина која постојано работи на развивање на хип-хоп културата преку организација на настани, пуштање музика во клубови, соработка со други артисти, диџеи и секакви уметници, но секогаш ставајќи го добриот провод на публиката на прво место. Можеби сте биле на наш настан каде гостувало интернационално име од светската сцена, сте дошле на пијачка во вторник во летна Хавана или пак сте изгубиле на подиумот во Епи на Thursday Shake. 🙂 Токму и за затворањето на четвртата зимска сезона на оваа наша резиденција соработувавме со вас, а јас го водев целиот процес во име на нашата екипа.
Како дојдовте до идејата за организирање на една ваква соработка со нашите студенти и како си поминавте?
Јана од тимот на Co-innovation & Hiring, ни ја предложи идејата и без размислување прифативме. Секогаш сме отворени за соработка, посебно кога станува збор за млади луѓе кои носат свежи идеи и други перспективи. Фактот што студентите своеволно се вклучиле кон оваа програма значи дека навистина сакаат да научат да дизајнираат, а најмалку што може ние да направиме е да им дадеме реален проект на кој ќе може да учат и да вежбаат. Поради временскиот период на оваа соработка, се одлучивме да работиме на постерот за журката за затворање на зимската SHAKE сезона која помина одлично и ги надмина нашите очекувања, а искрено – истото важи и за добиените предлози од вашите студенти на крајот на оваа соработка.
Што би ни споделиле за соработката и задоволството од истата?
Целиот процес траеше многу глатко, имавме одлична комуникација со вашиот тим, Иван и останатите студенти. Добивме доста солидни решенија, иако временскиот период беше краток и помеѓу празници и продолжени викенди. Од сите дизајни, во потесниот круг влегоа 10-тина.
Секој од нашата екипа имаше свои фаворити, но се сконцентриравме на оние кои најмногу потсетуваа на досегашната естетика на постерите бидејќи и публиката беше веќе навикната на тој изглед за оваа сезона. Вреди да се напомене дека и другите постери од потесната селекција би одговарале одлично за некои други наши настани во иднина.
По долга дискусија се одлучивме за постерот на Роко, а како втор наш фаворит беше црно-белиот постер на Мартин. Мора јавно да го пофалам Роко за експресната реакција, поправката на некои ситни детали и завршувањето на постерот за само 1 час во неработен ден! Мислам дека добивме супер решение на крај и му се заблагодарувам нему, на Иван, и целиот тим на Brainster за одличната соработка. Тука сме за вашите студенти и во иднина. One Love!
Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!