Како дел од програмата на Академијата за графички дизајн предвидена е изработка на неколку реални проекти за реални клиенти, коишто го красат професионалното портфолио на студентите.
На модулот „Постер дизајн“ под менторство на инструкторот Иван Дургутовски, тие имаа задача да го покажат целото стекнато знаење од предавањата, да работат на реален проект за реален клиент и да направат постер – дизајн за Bellina.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Ангела Милеска и Слободан Трчков.
Во продолжение си поразговаравме со Ангела и Слободан од Академијата за графички дизајн за искуството на овој реален проект
Здраво тим! Вие сте дел од студентите кои покажаа одлични перформанси и кои изработија многу интересни и креативни проекти. Најпрво, споделете ни нешто за себе.
Ангела: Здраво, јас сум Ангела Милеска, работам како професионален шминкер веќе 6 години, во слободно време цртам на платно и уживам во сѐ она што е поврзано со креативноста.
Слободан: Здраво, јас сум Слободан Трчков студент на Академијата за графички дизајн. Фамилијарен човек со прекрасна сопруга и две преслатки дечиња. По струка сум дипломиран економист и се сметам за доста креативна личност претежно кога се работи за пренесување на некакви пораки или информации на креативен и визуелен начин.
Зошто се одлучивте баш за графички дизајн? Како си поминувате на Академијата?
Ангела: Отсекогаш знаев дека сакам да работам нешто каде што ќе можам да се изразам креативно, а притоа да уживам во истото. Академијава е спој на многу знаење и забава – ептен кул ментори коишто одлично ни го пренесуваат нивното знаење и одлична дружба меѓу студентите.
Слободан: Се одлучив за графички дизајн бидејќи сакав да направам некаква промена во животот и да се занимавам со нешто што ме исполнува и би го работел со задоволство. Иако пред да се запишам на Академијата сум работел на некои проекти што приватно, а што професионално околу креирање на кампањи и слично, сето тоа било во делот на давање идеи, но не сум имал доволно знаење и вештини да седнам на компјутер и сам тоа да го изработам.
Преку Академијата за графички дизајн ми се отвори можност да ги совладам програмите со кои денес можам мојата идеја да ја претворам во нешто реално. Исто така, освен совладувањето на програмите, учиме за многу други елементи кои го следат процесот на дизајн од истражување, креативно размислување, типографија, брендирање и дополнително морам да ги пофалам сите инструктори од академијата кои на најдобар можен начин ни ги пренесуваат нивните знаења и вештини.
Бевте дел од едно незаборавно искуство каде што имате задача да испорачате едно креативно решение за клиентот Белина. Раскажете ни повеќе за овој проект.
Ангела: Изработувавме постер за чоколади, а целта којашто јас сакав да ја постигнам конкретно со мојот дизајн беше визуелно да се долови вкусот на секое чоколадо, да изгледа толку примамливо што сите би посакале да го пробаат уникатниот вкус.
Која беше идејата зад тој проект и целта што требаше да се постигне?
Слободан: Белина ми беше првата ситуација во којашто можев да се соочам со фактот како уствари после Академијата би изгледало тоа што ќе го работам. Имавме задача да изработиме дизајн на постер и двостран флаер за некои од производите кои беа понудени од страна на клиентот.
Како се одвиваше целата соработка и кои беа барањата од страна на клиентот?
Ангела: Клиентот имаше конкретни и јасни цели околу овој проект, а притоа ни беше овозможена потполна креативна слобода во процесот на изразување.
Слободан: Како што кажав претходно, првото соочување со работа за реален клиент беше нешто ново и доста предизвикувачки и сметам дека мене лично, доста ми помогна околу дополнително градење на самодоверба околу имплементирањето за сето она што до тој момент го учев на Академијата. Околу барањата кои беа поставени од страна на Белина сметам дека беше одлично тоа што ни дозволија да си го отвориме умот и да покажеме сѐ што знаеме. Самиот процес беше доста предизвикувачки бидејќи имавме понудени повеќе производи од кои ние требаше да одбереме на кој ќе работиме.
Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно вакво интересно решение?
Слободан: Искрено, работата под притисок никогаш не ми претставувала некој голем проблем, напротив мислам дека е многу здраво за самиот креативен процес. Според мене, сѐ зависи од тоа како ќе си го испланираш времето и во тоа да бидеш многу дисциплиниран. На стартот на проектот започнав да работам на еден од производите односно на двостраниот флаер на Yogi Tea, за на крајот да завршам со уште два дизајни на постери за чоколадите Benjamissimo. Многу свесно се предизвикав самиот себеси да ги презентирам сите идеи што ги имав во тој момент и сум многу среќен што еден од моите дизајни победи.
За крај, како работата на реални проекти влијае врз вашите знаења и вештини?
Ангела: Преку работата со реални клиенти може да се видат нашите стекнати знаења, кои ни се посилните страни и на што треба да посветиме повеќе време за да се доусовршиме. Тие се одлична можност да се припремиме подобро за светот на графичкиот дизајн, а во исто време ни дава и поттик за понатамошно индивидуално усовршување.
Слободан: Работата со реални клиенти, после совладувањето на вештините и знаењата од Академијата, според мене е најважна. Освен креирањето на одреден дизајн за некој клиент, мислам дека многу важен дел од самиот процес е и презентирањето на концептот пред клиентот. Научив дека не е доволно само да направиш некој дизајн и да му го предадеш на клиентот, туку дека преку презентацијата мора да се прикаже визијата, да се раскаже одредена приказна, како јас како дизајнер сум дошол до дизајнот и како таа моја визија ги задоволила барањата на клиентот.
Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!