Сѐ се случи одеднаш. Дојдов на работа спремен да ги делкам новозададените задачи за големиот Самит. Седнав на моето место, го активирав својот работен „моуд“ додека Спотифај згрми со плејлистата на „Црниот витез“ и мелодичните вибрации на Ханс Цимер. Во мислите само едно, „РЕДИ Самит 2022“ и целиот стрес и посветеност на тој „ивент“, што претставуваше најголема мисија за нас како претставници на организацијата во Скопје и воопшто, во Македонија.

Си викам, ќе „растурам“ со сите свои од неодамна стекнати вештини и (не)знаење да помогнам овој огромен настан да се одржи во најдобар ред. Така „запален“ да почнам со првата задача, се свикува вонреден состанок меѓу тимот. Се збори за Самитот, нормално, па чекајќи редот да дојде до мене, од мојата лева страна се слушна „Ти ќе бидеш одговорен за Хакатонот, Томас!“ Сосема неочекувано, добивам нова задача, или на мојот нов јазик „таск“, што на прв поглед беше огромен за новајлија како мене. Шармантната и секогаш позитивна директорка Кристина ми ја додели довербата, која само со таа  реченица како да ми порача „Гледај да биде перфектно, инаку ќе имаме проблем“ (во позитивна смисла, се разбира).

 

 

Се запрепастив за момент, па откако ја голтнав кнедлата што ми застана во грло, го прифатив предизвикот. „Ајде, ќе правам уште нешто што не знам“, си помислив, сомневајќи се во себе по навика. Сепак, потвесната мисла дека не се работи само за мене, туку за нешто поголемо од мене, ми носеше чувство на мир дека ќе се справам со која било пречка што ми претстои.

Така, на околу еден месец пред Самитот, со Кристина тргнавме на прва средба со Бреинстер (Brainster). Незнаејќи што нѐ очекува, наидовме на место полно со енергија како што не можеш да ја сретнеш секаде. Осетив топло чувство, исто како кога првпат влегов во РЕДИ. Нешто ми велеше дека сѐ што ќе се случува од овој момент понатаму, ќе биде многу кул. Набрзо дотрча Јана, диригентката во академијата, според ставот и како останатите се однесуваа со неа се гледаше дека е главната фаца тука.

 

 

Со целата нејзина тешко опислива позитива која ја ширеше, Јана се погрижи да се сместиме обиколени од удобност со фиксирана цел да договориме соработка, која на крајот ќе се покаже како нешто многу повеќе од тоа. „Ќе организираме Хакатон, а, дечки“, така некако почна тој пријателски настроен, а сепак официјален состанок. Кристина сликовито ја објасни нејзината замисла и како Бреинстер може да го оживее тој сон, па уште пред да се доискаже, Јана веднаш скокна со идеите бидејќи, очигледно, вакви настани организира како за добро утро. За неа ништо ново, за нас досега незамисливо. Деталите помалку или повеќе, се решија брзо и ефикасно, веднаш се создаде сликата како тој Хакатон може да изгледа.

Среќни и задоволни со Кристина го напуштивме Brainster, па враќајќи се кон нашата канцеларија веќе почнавме да разменуваме дополнителни идеи и да набројуваме задачи што прво треба да направиме. Во меѓувреме, оној одличен тим на Бреинстер на чело со Јана, веќе ни имаше скоцкано концепт како сето тоа ќе изгледа, а она што најмногу нѐ изненади е заинтересираноста за учество од студентите.

 

 

„Ќе бидат над 100“, таква порака добивме од Бреинстер. Повеќе од 100 студенти се залетаа да работат на проект за РЕДИ и Реди Рециклажа. „Вау, па ова ќе биде нешто огромно“, си помисливме со колегите. Со првите добиени инструкции, веќе се фативме за работа. „Лејла, ти среди ова“, „Елена, до каде е концептот?“, „Марија, ни треба датабазата од Рециклажа“, „дечки, не смееме да доцниме со брифинзите“, се слушаше низ собите од нашата канцеларија, напоредно работејќи на другиот голем настан, РЕДИ Самитот. Како знаевме и не знаевме, завршивме сѐ што требаше да се заврши, во меѓувреме клучни беа и останатите неколку состаноци со Јана и дружината од Бреинстер, секако добредојдена беше нивната помош за да направиме хакатонско шоу.

Како што се наближуваше Хакатонот, така возбудата растеше постепено. Пречки имаше до последно, но упорноста која ја покажавме како тим покажа резултати од највисок степен. Па, дојде и тој четврток, големиот брифинг со сите студенти-учесници кои нетрпеливо чекаа да прашуваат за нас и што всушност очекуваат да добиеме од нив. Над 100 мали квадратчиња на мојот екран покажуваа помалку изгубени, или подобро кажано дечки незапознати со нас како организација, но мотивирани од самиот Хакатон да дознаат и научат сѐ што им е, а и не им е потребно за проектот.

 

 

Тогаш, сцената ја презеде Марија, со нејзината широкоградност и решителност да помогне, ги сподели сите информации до учесниците. Така добро изџвакан материјал не знам дали сум слушнал претходно, дури и од професор на час, па и јас научив многу нови работи за работата на РЕДИ Рециклажа, а за кои не бев свесен дотогаш. По два часа љубопитна „тортура“ кон Мац (прекарот на Марија во нашиот „офис“), заврши и тој брифинг. Уште тогаш како да знаев дека многумина од студентите веќе замислија што и како ќе работат, поточно како визиите ќе ги отсликаат на нивните модерни сѐфункционални дигитрони. „Се гледаме во сабота наутро“, отпоздрави Јана и го затвори брифингот.

На денот пред почетокот на Хакатонот атмосферата кај нас беше фуриозна. Ги „бркавме“ последните добродушни газди на сендвичари, ресторани и пицерии да зготват вкусна храна за студентите кои цели 48 часа ќе работат на иднината на РЕДИ Рециклажа. „И средношколците од „Шаип Јусуф“ ќе дојдат во посета“, „Скопска пивара ќе донесе сокови“, беа меѓу последните добри вести што ги слушнав тој ден, па како шлаг на тортата беше и потврдата од Ми Каса дека ќе го поддржи настанот со 120 опасно добри бургери како донација за студентите. „Леле луѓе, што направивме“, си велам позитивно изненаден, знаејќи дека најјакото допрва доаѓа.

 

 

Утрото во саботата, за мене не почна по своите навики. Го прескокнав првото кафе, брзо се средив, ниту кучето го прошетав како што ни е редот, па во околу 8 часот тргнав кон Бреинстер со разиграна возбуда во мене. „Ќе биде ова добар викенд“, си реков така поспано, со помалку останатата навика да работам и за викенди, од старото работно место. Кога стигнав во Бреинстер, просториите веќе се полнеа со студентите, по што наеднаш настана метеж на нетрпеливи умови желни да ја покажат својата креативна слобода.

Групите полека се комплетираа, инструкторите ги заземаа своите позитии, за пократко време да дојде и Асиб, како предводник на РЕДИ Рециклажа да означи старт на Хакатонот и секако да им посака среќа на студентите. „Томи, ова ќе биде нешто невидено“, ми рече Асиб слушајќи ја неговата затреперена радост во неговиот глас. „И јас учествував во Хакатон пред неколку години, и сум многу возбуден што ова го правиме со Бреинстер и токму за РЕДИ Рециклажа. Знам дека ќе биде добро“, заврши краткиот муабет со Асиб, по што ја морав да се фатам за работа. Нели, менаџер на социјални медиумисум, па ај да сликнам тук-таму, да снимам некое видевце, да покажеме на луѓето што се дешава. Слика една, две, три, „сториња„ милион, „рилови“ и објави, партали правевме со дечките од Бреинстер со кои одлично ни тргна соработката уште од старт. 

 

 

„Така треба, бомбардирајте со објави“, добивавме сугестии од сите страни, додека се мешав меѓу групите кои стартуваа со работа како животот да им зависи од тоа. Некои студенти уште од претходниот ден имаа изработено по нешто, од ново лого до нов слоган, било што колку да не дојдат со празни раце.

Не можев толку брзо да ја апсорбирам целата ситуација колку што работите се одвиваа со засилен интензитет. Галама на сите страни, „ти ова, ти вака, ти поправи овде“, додека јас со телефонот се врткам наоколу како мачка, снимам, сликам и следам, глас не пуштам…

И се чудам. „Каков збир на мозоци, човече. Пу, да ми е криво што не сум и јас директно вклучен“, на момент им подзавидив, но воедно свесен и среќен што одиграв улога како и сите други за да се случи најголемиот Хакатон под палката на Бреинстер. По некое време ни се придружи и Марија, како да не ѝ беше доволно „предавањето“ во четвртокот.

 

 

Сакаше уште да споделува знаење што би можело да им помогне на студентите да ни изготват производ по светски стандарди, а воедно по наш вкус. Ја обиколија од сите страни, а Мац имаше трпение и време да им објасни на сите, уште еднаш, па и двапати ако беше потребно. Уште инпут, уште подобро разјаснета слика што треба да прават студентите, сето тоа благодарение на Мац. Кафе-пауза, кој на цигара, кој на двеминутен одмор да си игра со канцелариската мачка Сара која послужи како кратка дистракција пред враќање назад на работа. Сето тоа проследено со непрекината дружба и размена на искуства.

Го поминав поголемиот дел од денот сликајќи и снимајќи, па околу 5 часот решив да заминам и да им ја оставам „втората смена“ на маркетерите од Бреинстер да се погрижат за сите објави од вечерните термини. Да можев, ќе останев со нив цела ноќ, но и приватните обврски не чекаат никого, па ни мене. Го следев Хакатонот онлајн, од дома, во текот на целата вечер. Имаше момент и на восхит кон дечките што останаа цела ноќ и да работат, покажаа колку им значи оваа една од многуте можности да ги покажат нивните добро калемени способности.

 

 

Утредента исто, станав и веднаш се упатив кон Бреинстер. „Сакам од старт да го фатам и вториот, финален ден од Хакатонот“, си реков во себе. Надвор дождот веќе ги имаше наквасено улиците, ја спушти таа не толку убава замаглена боја на сиво ниско до зградите, но тмурното време никако не можеше да влијае врз позитивната атмосфера која владееше во Бреинстер. Сѐ беше синхронизирано и хармонично, „вајб“ што не може лесно да се опише со зборови, се осеќав како без прекин да ја слушам омилената песна.

Ниедно уморно лице не даваше знаци на откажување. „Ма, каков сон, има време за спиење“, едногласна беше пораката која ја добив од студентите додека ги заземаа своите позиции пред да продолжат со работа. Неделата беше предвидена за последната фаза. Комплетирање на прототипите, последни проверки и подготовки, сите се спремаат за најважниот дел, презентациите.

 

 

Отчука часот 20, Асиб и Кристина пристигнаа возбудени да видат што ќе им биде претставено. Имаа улоги на жири, токму од нивната оценка зависи кој тим ќе добие шанса да презентира пред десетици функционери и амбасадори, па и претприемачи и бизнисмени кои ќе гостуваат на РЕДИ Самитот. „Ја нема Марија, Томи ти ќе бидеш жири“? „Јас ли? Па, ајде ако веќе треба“, одговорив со помислата како ли јас да ги оценувам дечките кои сега партал ќе ме направат укажувајќи колку недостатоци има во мојот оддел, маркетингот. Освен да им кажам колку се добри, друго не можам, немам искуство. Ама ајде, и тоа ќе правам.

Тим по тим презентира, проектите „боли глава“. Нема добро-лошо, имаше само одлични и феноменални презентации и прототипи. Сите 10 тима буквално ги дочекаа петте минути слава и се фалеа со сработеното. Добивме 10 реално изводливи производи, а Бреинстер за возврат уште еднаш си докажа за какви академија станува збор, поточно колку квалитетен кадар вади на пазарот. „Па, дечкиве се спремни за во најголемите маркетинг, Ај-Ти и какви не фирми, немам сомнежи во тоа“, беше мојот заклучок по повеќе од тричасовното презентирање. Хумористични скечови, запливување во морето од бројки и статистики, решавање на големите проблеми, целата уметност на дигиталниот свет преточена во шоу надвор од рамките на нормалното (во позитивен контекст, аф корс).

 

 

Часот помина 23, означивме крај на Хакатонот, најголемиот досега, со зборовите како „среќни“ и „задоволни“ без доволно темел во нив да го опишат целото искуство. Ние како жири ги разменивме од претходно услогласените мислења, знаевме кои од тимовите се во „големото финале“. А, пак, студентите во ниту еден момент не покажаа дека тоа им е важно. Се почувствува олеснување, конечно дојдоа до здив. Над 100 камење во ист момент им паднаа од срцата, со чувство на добро завршена работа. Јас, изгубен во таа гужва, ја осеќам гордоста што ја делат, небаре и јас работев на проектите.

Време е за дома, а нозеве никако да се упатат кон излезот. Во само два дена стекнав десетици нови пријатели и веројатно идни колеги, па и не ми се заминуваше така лесно. Сепак, со топло поздравување до следно видување, се разделив од фантастичната екипа поради која се чувствував како да сум дома.

 

 

Натаму, смислував начин како да возвратам за сѐ што доживеав овие 48 часа. Па, така седнав и го напишав ова писмо, токму до вас Бреинстерци. Колку и да ме кочеше заморот да се фокусирам, собрав сили да ги протегнам мојата благодарност и понизност низ овие неколку збора, за шансата што ми дадовте да бидам дел од вашиот свет.

 

Ви благодарам од сѐ срце, наклон до под за Мозоците на иднината!

Ваши, Томас и Redi