Изминатиот месец, 150 студенти учествуваа на најголемиот Brainster live хакатон и ја креираа апликацијата Breathe.mk за пријавување загадување во соработка со стартапот AirCare.

Сѐ започна со одржувањето на првиот AirCare хакатон каде што учествуваа 100 студенти од 4 различни академии кои работеа на решениe за развој на продуктот, визуелниот идентитет, UX/UI дизајнот и маркетинг стратегијата.

Врз основа на победничкото решение од првиот Air Care хакатон, студентите на вториот хакатон работеа на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останатите функционалности. 

 

 

На вториот AirCare хакатон, во динамичен амбиент, исполнет со многу емоции, тимска работа и научени многу нешта, се натпреваруваа, но и соработуваа студентите од академиите за Front-End програмирање, Full-Stack програмирање, Data Science, Software Testing и Project & Product Management, како и студентите од програмата за Софтверско инженерство и иновации од Brainster Next College. 

Последните 2 часа од 49-часовниот хакатон беа исполнети со многу емоции, а на крајот сите студенти ни покажа дека целиот труд и посветеност навистина вределе.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на тимот составен од членовите: Даниела Василеска, Ристе Ѓошев, Стефан Петров, Дона Дамјаноска-Марковиќ, Елена Лазороска, Кристијан Максимовски, Горан Брњарчевски, Амди Алија и Благој Спасов.

 

Во продолжение, си поразговаравме со победничкиот тим за нивното искуство на овој Хакатон

 

 

Здраво тим! Вие сте едни од студентите кои покажаа одлични перформанси и кои изработија многу интересни и креативни проекти. Претставете ни се да ве запознаеме!

Даниела Василеска: Здраво! Јас сум Даниела Василеска, студент на Академијата за проект и продукт менаџмент. По професија сум дипломиран економист, конкретно работам во финансии. Се запишав на Академијата за да си ги проширам вештините во делот на проектниот менаџмент, но и продукт делот е доста интересен и е одлично надградување на знаењето.

Ристе Ѓошев: Јас сум Ристе Ѓошев и сум студент на Академијата за проект и продукт менаџмент. Роден сум во Тетово, но веќе повеќе од 24 години живеам во Скопје. Магистер сум по геодезија и моментално имам своја геодетска компанија во Скопје. На Академијата се запишав за да си го надградам моето искуство со теоретско знаење од областа на менаџментот со проекти и продукти. Се надевам во иднина дека комплетно ќе се префрлам на менаџирање со проекти и продукти бидејќи премногу се пронајдов во сферата. 

Стефан Петров: Јас сум Стефан Петров, имам 20 години и сум студент од втора година на Бреинстер Некст колеџот. Се запишав на овој факултет токму поради реалните проекти што се изработуваат, како што беше проектот кој го изработуваме на овој хакатон. Сметам дека програмирањето е доста интересна сфера за студирање затоа што никогаш не може да знаеш сѐ, со секој нов проект учиш нешто ново.

 

 

Дона Дамјаноска-Марковиќ: Јас сум Дона Дамјаноска-Марковиќ од Скопје, студент на Академијата за Data Science. Запишувањето на Академијата беше нова цел, да научам нешто што не го знам, и ете помина една цела година. Уште не знам што сакам да бидам кога ќе пораснам, ама сега знам дека сум на право место да дознаам. 

Елена Лазороска: Јас сум Елена Лазороска, 32 години од Штип, живеам и работам во Скопје и сум студент на Академијата за Full Stack програмирање. За да станам дел од  Brainster и Академијата за Full Stack програмирање (покрај желбата за кариерна промена), пресуден беше фактот што самите програми се прилагодени за почетници, слободата со онлајн наставата што се нуди и работата на реални проекти. Сега бидејќи сум на крај со Академијата, слободно можам да кажам дека дека изборот кој го направив се покажа и повеќе од правилен, бидејќи со Академијата покрај тоа што ме воведе во една сосема нова област, вроди во мене уште поголема желба и љубопитност за понатамошно учење и надградување.

Кристијан Максимовски: Јас сум Кристијан Максимовски, имам 21 година и живеам во Куманово. Студент сум на Академијата за Front-End програмирање. Мотивацијата да се запишам на оваа Академија беше тоа што е професија која е во голема потрага на пазарот и во која може да се напредува постојано. Во текот на Академијата, развив вистинска љубов кон оваа професија и станав ентузијастичен кон куцањето на код. Во иднина, се замислувам како успешен програмер кој ќе продолжи да ги споделува своите знаења и да се вклучи во различни аспекти на програмирањето.

 

 

Горан Брњарчевски: Јас сум Горан Брњарчевски од Скопје и студент сум на Академијата за Software Testing. Инаку сум дипломиран преведувач по италијански јазик и магистер по економски науки – бизнис менаџмент, а веќе подолго време работам како специјалист за набавки. Мојот авантуристички дух и желбата за истражување, како и самата потреба за промена ме мотивираше да се запишам на Академијата за Software Testing и да влезам во еден поинаков IT-свет. Вистинска прилика да се пробам во нешто многу поразлично, ново, да се пронајдам себеси, покажам моите вештини и донекаде го пренесам моето досегашно искуство бидејќи и набавките и тестингот во својата суштина го имаат обезбедувањето на квалитетен продукт согласно барањата на клиентите. Нешто повеќе од 6 месеци, напорно и посветено преку предавања, вежби, неколку проекти и сето тоа зачинето со два хакатони од кои вториов Breathe.mk беше дефинитивно вистински предизвик. Продолжуваме понатака со Software Testing за нови знаења, работа, искуства и дружење.

Амди Алија: Jaс сум Амди Алија од Скопје, дипломиран инженер по прехрамбена технологија и биотехнологија. Се запишав на Aкадемијата за Software Testing бидејќи сакам да ги истражам и усовршам своите вештини во областа што претставува предизвик за мене. Мојата желба за учење и решавање на предизвици ме води кон нови можности и успеси во иднина.

Благој Спасов: Јас сум Благој Спасов, имам 27 години и доаѓам од Струмица. Моментално работам како осигурителен брокер и сум лиценциран кик-бокс тренер. Сакам предизвици, слушање на музика и спотрување. Токму стремежот кон нови предизвици беше главна причина да се запишам на Академијата Full-Stack програмирање. Бидејќи да бидеме реални, во светот на програмирањето новитетите и предизвиците не престануваат. Иако доаѓам од сосема различа општествена сфера, целосно успеав да се пронајдам себеси во оваа, за мене, нова професија. 

 

 

Бевте дел од едно незаборавно искуство, односно да присуствувате на најголемиот Brainster Live Хакатон, каде што имавте задача во рок од 49 часа да испорачате предлог решение за AirCare. Најпрво, како си поминавте?

Даниела Василеска: Лудо и незаборавно! Навистина, целата атмосфера, дружењето и соработката беа незаборавни. Брзо се вклопивме со тимот, интересно е што запознаваш студенти од други тимови и имаш можност да увидиш како се работи во реалниот свет со колеги од различни области. Сметам дека секој студент што е запишан на некоја од Академиите треба да учествува на хакатон бидејќи е одлично искуство што многу ќе користи понатака!

 

Раскажете ни повеќе за вашиот проект. Што беше целта што сакавте да ја постигне со вашиот предлог?

Стефан Петров: Целта што сакавме да ја постигнеме беше да се намали загадувањето во град Скопје затоа што тоа претставува еден од најголемите проблеми на денешницата, и здравјето на секој човек зависи од чистотата на воздухот. Секој граѓанин да може да пријави доколку примети загадување, кое потоа ќе биде разрешено на соодветен начин од страна на инспекторите.

 

 

Со оглeд на тоа што станува збор за општествено-одговорен проект, за справување со проблем кој ги засега сите граѓани (загадувањетo на воздухот), колкава мотивација и поттик ви беше работата на ваков проект? Колку тоа ви даде инспирација плус да дадете максимум при создавањето на платформата? 

Ристе Ѓошев: Со оглед на тоа што живеам во град кој премногу се бори со загадувањето на воздухот, а покрај тоа имам и две деца кои растат и се развиваат тука, јасно е зошто прво се пријавив, а и учествував во овој проект. Секојдневно се соочуваме со последиците по здравјето на луѓето од загадувањето, па сметам дека вакво нешто уште одамна можеше да се иницира. Сепак браво за тимот од Breathe.mk кои собраа сили и желба да се соочат со оваа страшна ситуација. Сето ова покажува дека за да придонесете вие колку можете не ви треба некоја посебна инспирација, доволно е да погледнете во себе и кон оние кои ги сакате и ви значат. Многу лесно ќе сфатите дека можете многу да направите.

 

Како течеше целиот процес на работа и кои беа вашите задачи? 

Дона Дамјаноска: Ова за мене беше прво вакво искуство. Првиот ден тргнав со мислата !Што си направив на себе како ли ќе се снајдам, не сум доволно спремна и никој не познавам“.  Кога стигнав мојот тим беше веќе седнат и почнат со работа. Секој од тимот имаше своја задача што требаше да се заврши за 49 часа, а задачите скроз различни. Целиот процес на работа можам да кажам дека беше баш така како што треба да изгледа една тимска работа, секој зависи од секого, имаме ист даден рок, тука сме на едно место и функционираме како да сме на 10-от проект заедно, а не првиот!

Како претставник од Академијата за Data Science, мојата задача беше да направам репорт од дадени податоци кои прво требаше да ги средам за анализа за да можам да изградам data model на база на тие податоци и да одговорам на барањата на клиентот, понатаму истите преку алатката Power BI да ги визуелизирам. Морам да споменам, едно големо благодарам на инструкторите Александар Анастасов и Влатко Тучев од Академијата за Data Science за секој даден совет и поддршка во текот на изработка на целиот проект!

 

 

Со оглед на тоа што сите сте од различни академии, и веројатно претходно не се познававте или сте немале можност да соработувате, колку брзо „кликнавте“? Дали како тим добро се усогласивте и успешно ги поделивте обврските? Како течеше тимската работа во двата дена од хакатонот?

Елена Лазороска: Да, сите доаѓаме од различни Академии и иако ова беше прв проект кој го работиме заедно работата и соработката течеа без прекин. Сите од тимот бевме спремни да соработуваме, па така лесно си поставивме приоритетни задачи и  достижни цели кој требаше да ги завршиме во текот на тие два дена. Работата течеше релаксирано и не оставивме простор за премногу размилување и преокупирање околку рокови, победата или останатите тимови.

 

Што научивте од оваа соработка?

Кристијан Максимовски: Со оваа соработка научивме како да се справуваме со проблемите кога сме под притисок и исто така научивме дека тимската работа е најјаката алатка која ќе нѐ донесе до успех.

 

 

Од каде црпевте инспирација, информации и насоки за комплетирање на вашето решение за финализирање на платформата? 

Горан Брњарчевски: Најпрво како главна инпирација би сакал да го споменам проблемот кој нѐ засега сите и веќе со години се провлекува во Македонија, особено во Скопје, а тоа е токму лошиот квалитет и екстермното загадување на воздухот во нашата земја, посебно во зимските денови и високото котирање на врвот на листата на најзагадените градови и земји во светот. Срамно и недозволиво во 21 век во една прекрасна земја како што е Македонија, премала, а пребогата со безброј природни богатства, посебно шуми, да има толку штетен воздух кој го дишиме токму ние и нашите деца. Затоа од тој аспект максимално даваме поддршка за оваа апликација да профункционира во рамки на она што го има замислено и се надеваме дека ќе вроди со плод.

Како второ, сите ние произлегуваме од академии кои работат на развивање на еден успешен софтвер и токму сега дојде вистинскиот момент кога треба да го покажеме она што досега го учевме во текот на целата програма и буквално да работиме тимски, рамо до рамо со колегите од останатите акдемии за успешно да развиеме една апликација која, пред сѐ, треба успешно да функционира онака како што е замислена. Моменти на силна мотивација и желба на докажување на секој во своето поле, би рекол, со она што досега го има научено, дополнително потпомогнати од сите инфомации кои можат да се најдат на интернет, и секако како главно, сите ментори кои безрезервно се тудеа да помогнат. Инаку апликацијата не е сѐ уште финализирана, тимот продолжува со работа сѐ до нејзино комплетно завршување.

 

 

Колку знаењата и предавањата од академиите на Brainster ви помогнаа во процесот? Имавте ли можност да примените дел од наученото? 

Амди Алија: Се разбира, знаењата и предавањата од Академијата за Software Testing играа клучна улога во мојата подготовка за учество на хакатонот и во развојот на апликацијата Breathe.mk. Специфично, предавањата за мануелно тестирање ми обезбедија добри основи и практични вештини за да гарантирам дека апликацијата Breathe.mk е стабилна, ефикасна и одговара на потребите на корисниците. И за на крај, да не заборавам да кажам дека целиот овој успех е поради тоа што имавме добра соработка со колегите од другите академиите и бевме супер тим.

 

Како работата на реални проекти влијае врз вашите знаења и вештини?

Благој Спасов: Како личност што доаѓа од Економски факултет, каде што фокусот беше ставен врз теоретско учење, можам да кажам дека практичната работа е најважна во процесот на стекнувања на нови знаења и вештини. Хакатоните на Brainster, но и самите академии го нудат токму тоа. Затоа се пријавив на овој Хакатон. Ѕирнав како би изгледале моите професионални обврски и предизвици. Работа во тимови, комуникација со клиент, поставување на крајни рокови, и се разбира, многу дружење. За крај би кажал, дека токму реалните проекти се тие коишто најмногу ќе помогнат во транзицијата од студент во јуниор на одредена работна позиција. 

 

Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од зададениот рок (49 часа за проектот и 5 мин за презентација), а притоа да креирате и презентирате едно вакво интересно решение?

Како тим успеавме да поставиме конкретни цели и предизвици што треба да ги изработиме во тие 49 часа, а бидејќи сите добро си ја завршија задачата, презентацијата на сработеното не беше воопштo тешка или предизвикувачка.  

 

 

И за крај, која е пораката што се пренесува со овој проект, и секако, која е вашата визија за Breathe.mk? 

Даниела Василеска: Пораката е дека секој може да се вклучи и да придонесе да дишеме чист воздух со активно пријавување, а во поглед на визијата се надевам дека апликацијата ќе стане широко распространета со многубројни корисници и подигнување на свеста за загадувањето на некој од нас.

Ристе Ѓошев: Самата помисла дека разговараме за желба за чист воздух некако ми создава морници. Ние сме луѓе на планетата Земја и ако сами не направиме нешто за неа, не треба ниту да очекуваме ништо назад. Ако направите нешто што вас можеби ви изгледа малку, за планетата и за животната средина значи многу. Правете колку што можете позитивни работи кои придонесуваат за чист воздух и чиста животна средина за вас и вашите најмили. Breathе.mk ќе биде една од почетните траси кон подобар и поздрав живот. Не се сомневам дека ќе придонесе многу кон подигнувањето на свеста на луѓето, а ќе ја зајакне вербата кај тие што веќе ја имаат.

Стефан Петров: Ние сме тука за да ја развиеме апликацијата и да работиме за подобар квалитет на живот, визијата е успешно да ја завршиме апликацијата преку која значително ќе се намали загадувањето на воздухот и ќе се подигне свеста кај луѓето. Секој да може да пријави загадување само со неколку клика и воедно да ја подобри животната средина.

 

 

Дона Дамјаноска: Треба да сме сите информирани за квалитетот на воздухот кој го дишеме и да не „забушаваме“ во борбата за чист воздух. Пораката е јасна, сите да придонесеме за почист воздух, а мојата визија за Breathe.mk е дека ќе успее да направи разлика во здравото живеење на градот убав и дека Скопје пак ќе никне.

Елена Лазороска: Живееме во општество што за општествените проблеми како што е загадениот воздух се зборува само кога ќе се појави, некако се навикнавме дека доаѓа зима, а со тоа и загадениот воздух во Скопје. Проектот Breathe.mk за мене е, пред сѐ, подигање на човековата свест и чувството за општествена одговорност која треба да ја преземе секој поединец. Наместо секоја година да се повторуваме и да го вперуваме прстот во некој друг, апликацијата ќе ни даде можност промената која треба да ја направиме да почне од самите себе. Во време кога сите сме со телефони во рака, ќе имаме место каде што ќе можеме да го пријавиме проблемот на многу поедноставен начин, само со пополнување на кратка форма (наместо шетање по ходници на институции). 

Кристијан Максимовски: Пораката која се пренесува со овој проект е подигање на одговорноста и свесноста на населението и дека промените се можни, а не само желби. Мојата визија за Breathe.mk: го гледам како успешен проект кој само ќе продолжи да се шири на ниво на целата држава.

 

 

Горан Брњарчевски: Согласно она што го споменав погоре за лошиот квалитет на воздухот во нашата земја пораката која би се пренела со овој проект е во насока на подигнување на свеста кај луѓето за зачувување на воздухот и овозможување на здрава и чиста животна околина. Најпрво, треба одговорно да тргнеме од себе и секој од нас да има улога во подобрувањето на квалитетот на воздухот. Визијата за Breathe.mk e оваа апликација да стане централна точка за информации и активности поврзани со квалитетот на воздухот во Македонија и искрено се надевам оваа апликација ќе помогне значително да се подобри квалитетот на воздухот и ќе гледаме сѐ помалку пријави за загадувања од ден во ден.

Амди Алија: Проектот Breathe.mk не само што ја решава актуелната потреба за информирање за загадувањето на воздухот, туку и ја пренесува важната порака за значењето на контролирање и подобрување на квалитетот на воздухот што го дишеме секојдневно. Мојата визија за Breathe.mk е да стане незаменлива апликација за сите, каде што луѓето ќе можат лесно да го пратат квалитетот на воздухот во својата околина, и да ги преземат потребните мерки за заштита на своето здравје.

Благој Спасов: Проектот Breathe.mk пренесува порака за одговорност кон животната средина и здравјето на граѓаните. Преку апликацијата, корисниците добиваат реални податоци за квалитетот на воздухот, што ги освестува за загадувањето и нивниот придонес во подобрување на истото. Мојата визија за Breathe.mk е да се развие во неизбежен инструмент за пратење и ажурирање за квалитетот на воздухот во реално време. Конечната цел е подобрување на квалитетот на воздухот и општата животна средина во нашите заедници.

 

Доколку размислуваш да го направиш првиот чекор кон лансирање на нова кариера или сакаш да ги надградиш своите дигитални вештини, нема подобро време од сега!

Затоа, искористи ја можноста да учиш под менторство на врвни професионалци, на интензивна програма и со работа на реални проекти што ќе влезат во твоето портфолио!

 

Како до 1.000.000€? 🤫