Со многу возбуда, овации и смеа, во трка со времето и техничките можности, над 150 студенти силно мотивирани викендов го креираа својот најзначаен код – кој ќе ни помогне на сите подобро да дишеме. Најголемиот live хакатон досега во регионот, кој истовремено беше и најдолг, траејќи 49 часа, се одржа викендов во организација на водечката едукативно-технолошка организација Brainster, во партнерство со стартапот AirCare (Мој Воздух).
Во динамичен амбиент, исполнет со многу емоции, тимска работа и научени многу нешта, се натпреваруваа, но и соработуваа студентите од академиите за Front-End програмрање, Full-Stack програмирање, Data Science, Software Testing и Project & Product Management, како и студентите од програмата за Софтверско инженерство и иновации од Brainster Next College.
Поделени во 12 тима, тие ја креираа апликацијата Breathe.mk, за пријавување загадување на воздухот во Скопје, која во иднина ќе ја користат граѓаните. Платформата ќе овозможи следење и пријавување загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспекторите за животна средина од Град Скопје.
Врз основа на победничкото решение од првиот Air Care хакатон, кој се одржа на почетокот на октомври, студентите овој пат работеа на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.
Дигитално решение за доброто на општеството
Иницијаторот на Breathe.mk, Алекс Долстра истакна дека ова не е само уште една веб-страница, тоа е решение што ѝ овозможува на нашата заедница активно да известува за загадувањето на воздухот.
„Breathe.mk е повеќе од обична платформа – тоа е движење, повик за акција и моќен начин скопјани да ја преземат контролата врз квалитетот на воздухот. Breathe.mk е доказ за моќта на колективната акција. Но, она што ја издвојува оваа апликација е визијата за автоматизиран систем, кој може точно да ја одреди најслабата алка. Тука започнува вистинската промена. Со Breathe.mk повеќе нема да бидеме пасивни набљудувачи, туку ќе бидеме сведоци што ќе бараат одговорност од нашите институции. Ќе видиме дали нивните заложби за борба против загадувањето на воздухот се само празни ветувања или конечно ќе се претворат во смислени дела. Ова е нашата шанса да направиме разлика, да го вратиме правото на чист воздух и да обезбедиме подобра иднина за нашето сакано Скопје. Breathe.mk ни даде платформа, но наше е да ја искористиме шансата. Да почнеме денес, за утре, полесно да дишеме“, истакна Долстра.
Генералниот менаџер на Brainster Next College и директор за човечки ресурси во Brainster, Александар Клашниновски, рече дека оваа организација верува во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата.
„Една од нашите мисиите е имплементација на „tech for good“ парадигмата, односно решавање на општествени проблеми од страна на нашите студенти преку креирање на дигитални решенија. Така и на овој хакатон, студентите работеа на дигитално решение кое се надеваме дека ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот, како еден од најгорливите проблеми во секојдневното живеење, не само на Скопје, туку и на целата држава. Со овие проекти наша цел е да вложуваме во заедницата, адресирајќи и решавајќи општествени проблеми, во соработка со државни и невладини организации и со општествено одговорни компании, како што е Air Care со апликацијата Breathe.mk“.
Со тимска работа до успешни проекти
За време на хакатонот меѓу студентите владееше ентузијазам, одлична соработка и силна мотивација да го дадат најдоброто од себе како тим, за да се направи успешна апликација, која ќе им биде од корист на сите граѓани.
Мартина Димитриевска, од Академијата за Full-Stack програмирање истакна дека со учеството на овој хакатон излегла надвор од својата комфор зона, но и дека многу ѝ се допаднало ова искуство.
„Се запознав со тимската работа, која ме очекува и на реалните проекти во иднина. Многу добро се вклопив во тимот, уште од самиот почеток. Атмосферата во мојата група беше весела, но и доста работна. Бевме многу посветени на задачата. Многу голем предизвик е да се работи на ваков проект, за кој имавме рок од само 48 часа да го завршиме. Ми преовладуваа измешани емоции на радост, нетрпение, стрес, возбуда… Но, пред сè бев горда што работам на проект, кој е од големо значење за сите нас. Се надевам дека ќе продонесеме во намалување на загадувањето на воздухот во Скопје“.
Сандра Наумова, исто така од Академијата за Full-Stack програмирање пред да учествува на хакатонот имала голема трема од тоа како ќе биде.
„Како што поминуваше време, така тремата прерасна во возбуда и во желба да се даде најдоброто од себе. На хакатонот согледав дека има многу нешта што допрва треба да ги научам, но и дека имам знаења стекнати на академијата, кои можам да ги применам на ваков проект. Темата е доста интересна и многу ми се доапаѓа целиот концепт. Се надевам дека сите ќе придонесеме да се реши ситуацијата со загадувањето“.
Според Илија Атанасовски од Академија за Software Testing хакатонот е едно од најпозитивните искуства во Brainster.
„Досега имам учествувано на еден хакатон, кој беше онлајн, а ова ми е прв настан од ваков вид во живо. На хакатоните се учат многу нови нешта. Најважно е што стекнавме значајно искуство и што се дружевме. Секоја чест за идејата хакатонот да биде за изработка на апликација за општо добро на сите граѓани. На Скопје, но и на целата наша држава потребна им е една ваква платформа, на која ќе се детектираат причинителите на загадување“.
За Константин Вчков од Академијата за Front-End програмирање учеството на овој хакатон е прво вакво искуство.
„Со целиот тим бевме превозбудени уште од самиот почеток. Добрата тимска организираност доведе да се направи функционалноста на апликацијата. Се соочивме со повеќе проблеми, особено во делот на преземањето на Front-Еnd на Back-Еnd, но менторите од Brainster ни помогнаа брзо да дојдеме до решение. Иако беше тешко да се заврши за толку кратко време, бевме многу мотивирани да ја направиме платформата која ќе му биде од корист на цело Скопје“.
Во рамките на Академија за Data Science, Весна Поп-Димитријоска вторпат учествува на хакатон, но првпат на настан од толку голем размер.
„Имаше многу убава атмосфера, одлична дружба и соработка со колегите. Иако сме од различни тимови, одлично се поврзавме, си дававме идеи, поддршка и се мотивиравме. Научив многу нови нешта на овој настан. Добив значајно практично искуство. Предизвик ми беше делот на земање податоци, од кои требаше да сработиме репорт. Имавме потешкотии додека ги преземеме податоците, бидејќи се работи за голема дата на податоци и да се исфилтрира што треба да се преземе. Чест и гордост ми е што работам на проблем што нè засега сите. Голема е обврската да се работи на ваква апликација, која ќе биде можно решение на ситуацијата со која се соочува Скопје. Таа ќе помогне во лоцирање на вистинските виновници за загадувањето“.
Иван Петров, исто така од Академија за Data Science вели дека си поминал одлично на хакатонот.
„Темпото беше доста брзо. Ми беше многу интересно, пред сè зашто бев во супер тим, со студенти од повеќе академии. Разменивме различни мислења и многу добро се надополнувавме едни со други. За мене, како прво, беше голем предизвик да се учествува на најголемиот хакатон, но и да се работи на апликација која ќе биде од корист на целата заедница“.
Клучна улога на студентите од Brainster Next College
Значајна улога во хакатонот одиграа студентите од втора година на Софтверско инженерство и иновации на Brainster Next College. Тие со своето знаење, стекнато на колеџот, придонесоа во успешно финализирање на решенијата на своите тимови. Меѓу нив беше и Сергеј Бојковски, за кого ова беше второ учество на хакатон.
„Овој хакатон се соочив со поголем предизвик. Возбудливо беше, бидејќи бевме повеќе насочено кон програмерскиот дел. Драго ми е што имав можност да го применам наученото од колеџот во тимови комбинирани со студенти од повеќе академии на Brainster. Се радувам што можев да помогнам на повеќе места. Ова е несекојдневно и значајно искуство за мене. Темата е многу интересна, бидејќи креираме апликација со која помагаме на целото оштеството. Се надевам дека благодарение на Breathe.mk Скопје ќе дише почист воздух“.
Хакатоните се големо и значајно искуство за секој студент, затоа Мартин Илиевски од Академијата за Project & Product Management им препорачува на сите кои во иднина ќе имаат можност – да се пријават и да учествуваат!
„За мене беше голема чест што можев да бидам дел од двата Air Care хакатони. За мене тие беа навистина интересни, но доста различни искуства. На првиот хакатон, како проект и продукт менаџер водев три тима, што ми претставуваше голем предизвик. На вториот, пак, бев во еден тим, каде што имаше уште едан студент од ППМ, со што ми беше олеснета работата. Но, и покрај тоа, вториот хакатон беше подинамичен и постресен, бидејќи поголем е предизвикот да се изгради апликацијата од страна на Front-End и Back-End, во рок од еден викенд. Се надевам дека Breathe.mk ќе биде многу успешна апликација и дека ќе биде користена од сите граѓани и дека ќе придонесе во почист воздух.“
Оливер Велјановски од Академијата за UX/UI дизајн, заедно со своите колеги од победничкиот тим од првиот Air Care хакатон присуствуваа и на вториот хакатон, помагајќи им на учесниците од техничките академии при програмирањето на апликацијата.
„Победничкиот проект го подготвивме без големи потешкотии, бидејќи имавме одлична комуникација во тимот. Сите имавме голема желба да работиме, па кога си во тим со такви колеги, многу е полесно да се заврши проектот… Самата идеја зад Breathe.mk – платформа која ќе помогне во справување со загадувањето на воздухот, и која ќе им помогне на идните генерации, ни беше поттик плус да дадеме сè од себе. На вториот хакатон со моите колеги бевме во улога на ментори. Со нашите совети им помагаме на програмерите да ја создадат апликацијата Breathe.mk. Од финалните презентации сите ми беа интересни, па верувам дека ќе биде тешко да се избере најдоброто решение!“
Трема, но и голема мотивација
За големата мотивираност на студентите, да направат финкционална апликација, сведочат и менторите од Brainster, кои со своите насоки и совети им помогнаа на тимовите да ги надминат предизвиците.
„Студентите на овој хакатон беа многу мотивирани, бидејќи работеа на проект со кој ќе придонесат во решавање на горливиот проблем со загадувањето на Скопје. Атмосферата беше одлична, многу динамична и работна. Студентите посветено, уште во првиот ден имаа завршено голем дел од своите проекти. Како што поминуваше времето, не само што покажаа што научиле на академиите, туку се надминаа себе си и научија уште многу нови нешта на хакатонот. Многу се гордеам со нивната работа. Хакатоните се супер можност за учење едни од други. Најголем проблем на студентите, на почетокот им беше како да се поврзат со другите членови на тимот, со оглед на тоа што екипите беа комбинирани од повеќе академии. Наша задача, како ментори, беше да им помогнеме како да воспостават соработка“, изјави менторот за Full-Stack програмирање, Димче Картинов.
На ова се надоврзува и менторката Анастасија Пешовска, која вели дека студентите на почетокот биле во неизвесност од тоа што ги очекува на хакатонот.
„Сосема е нормално да се почувствува страв и трема. Но, како што поминуваше времето се смирија и се посветија на своите задачите. Првично проектот им изгледаше комплексен и голем, но откако почнаа да работат сфатија дека има време да се заврши успешно. Им помогнав во координацијата бидејќи повеќето претходно немаа работено во комбинирани тимови, па за нив беше предизвик како да се поврзат или да соработуваат со студентите од другите академии. Драго ми е што брзо го надминаа тоа. Апликацијата е многу комплексна, има многу функционалности. Сите се трудеа да го завршат хакатонот со целосно функционална апликација“.
Менторката на хакатонот и инструкторка на Академијата за Project & Product Management, Олгица Стрезоска вели дека уште од почетокот се почувствувал ентузијазмот и возбудата на студентите.
„Направивме одлични менторски сесии со сите студенти. Им помогнавме да ги распределат обврските и да го поделат планот на помали компоненти, за да им се олесни работата на програмерите. Самата тема и дизајнот на победничкиот тим од претходниот хакатон беа голема мотивација, не само за студентите, туку и за мене како инструктор, знаејќи дека оваа апликација ќе понуди голем бенефит за сите, дека секој ќе може да пријави загадување. Очекувам дека граѓаните ќе ја користат апликацијата што почесто и поактивно. Верувам дека ќе има поголем број на пријави, со оглед на тоа што ќе понудиме лесна, интуитивна апликација. Од друга страна, се надевам дека ќе им ја олесни работата на инспекторите за животна средна во лоцирање на загадувачите. Се надевам дека сите заедно ќе помогнеме во намалување на загадувањето“.
Од презентираните 12 финални решенија, наскоро ќе биде избран победник, на чија основа ќе се развива апликацијата Breathe.mk. По официјалното лансирање на платформата граѓаните преку неа ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот со датум, време, локација и ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот. Пријавите ќе стигаат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.
Доколку размислуваш да го направиш првиот чекор кон лансирање на нова кариера или сакаш да ги надградиш своите дигитални вештини, нема подобро време од сега!
Затоа, искористи ја можноста да учиш под менторство на врвни професионалци, на интензивна програма и со работа на реални проекти што ќе влезат во твоето портфолио!