Во нашата мисија да им понудиме извонредно и неверојатно искуство на нашите студенти, ја користиме една од „најмоќните алатки“ за учење на нови вештини и стекнување на знаење. Станува збор за работата на реални проекти за реални клиенти и учеството на 48-часовни хакатони. На тој начин, студентите се стекнуваат со знаење, кои ќе им помогне при справување со огромни предизвици и смислување практични решенија за проблемите од реалниот свет.
Сѐ започна со одржувањето на првиот AirCare хакатон каде што учествуваа 100 студенти од Академиите за дигитален маркетинг, графички дизајн, UX/UI дизајн и Project & Product менаџмент и презентираа 8 решенија за платформа која ќе помогне во битката на нашата генерација со загадениот воздух, а во трката по најдобро решение за клиентот AirCare (Мој Воздух), сите добија нешто по кое ќе го памтат ова возбудливо искуство.

На овој Хакатон, студентите посветено работеа на најдоброто решение, односно изработка на платформата Breathe.mk, преку која граѓаните ќе пријавуваат загадувачи, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје.
Последните 2 часа од 48-часовниот хакатон беа исполнети со многу емоции, а на крајот сите студенти ни покажа дека целиот труд и посветеност навистина вределе.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на тим 2, составен од членовите: Борјан Ристески, Марио Трајкоски, Оливер Вељаноски, Антонио Јованоски, Јана Јовановска, Миле Митев и Богдан Илиевски.
Во продолжение, си поразговаравме со победничкиот тим за нивното искуство на овој Хакатон

Здраво тим! Вие сте едни од студентите кои покажаа одлични перформанси и кои изработија многу интересни и креативни проекти. Претставете ни се да ве запознаеме!
Борјан Ристески: Здраво ! Јас сум Борјан Ристески, студент на Академијата за UX/UI дизајн и меѓу соработниците познат како креативна личност (не можам да гарантирам, но сакам да им верувам). Инаку, како човек, уживам да учам и да истражувам нови работи и интереси, особено кога станува збор за дизајнот. Моментално сум фокусиран на UX/UI дизајн и сѐ што е поврзано со мобилниот и веб-дизајн, сакам да се унапредувам уште повеќе на тоа поле. Она во што сум сигурен е дека сум тимски играч кој прифаќа нови предизвици, и верувам дека таквиот пристап е најправилниот во моето професионално поле.
Марио Трајкоски: Јас сум Марио Трајкоски, имам 28 години и доаѓам од Прилеп. Сакам добро дружење, музика и кога Реал Мадрид победува 🙂 Во Brainster пристигнав од сосема различно професионално поле, а од неодамна сум сертифициран графички дизајнер. Покрај графичкиот дизајн, спортот ми е втора пасија во слободното време, но планирам во блиска иднина да се насочам единствено кон она што го научив на Академијата.
Оливер Вељаноски: Хелоу! Јас сум Оливер Вељаноски, студент на Академијата за UX/UI дизајн на моја огромна чест, втор пат дел од победнички тим на еден хакатон. Како и многумина тука, доаѓам од сосема различен професионален бекграунд, но се пронајдов себеси во оваа професија и сум презадоволен откривајќи ги сите креативни и корисни нешта кои ќе ги создавам во иднина сам или во ваков добар тим од кој сум дел во моментов. Ако бев фудбалер ќе сакав да играм за Реал, а како дизајнер играм точно за тимот кој го сакам.
Антонио Јованоски: Јас сум Антонио Јованоски, проектен и продукт менаџер во победничкиот тим и дел од Академијата за Project & Product Management. Иако на прв поглед можеби не изгледа така, но процесот кој го водам е исклучително креативен и предизвикувачки од аспект на искуство на крајни корисници, па затоа уживам во мојот дел од работата и особено во конечниот производ. Уживам во тимската работа и верувам дека е клучна за секој успех. Ме плени приликата да го водам тимот низ процесот на создавање, но и можноста да учам од талентираните креативци со кои соработувам.
Јана Јовановска: Јас сум Јана Јовановска и сум дел од тимот задолжен за UX/UI дизајнот на веб-апликацијата која ја работевме на хакатонот, супер искуство кое ме збогати и како човек и како професионалец. Никогаш не сум се плашела од предизвици, но вистинско задоволство е кога предизвикот ќе стане пасија и професија, како што е моето искуство со Aкадемијата. Секогаш сум сакала повеќе од себе и од професионалната околина, па затоа тука се пронајдов и со нетрпение очекувам да видам што уште ме чека на патот пред мене.
Миле Митев: Јас сум Миле Митев, доаѓам од Струмица и сум графички дизајнер. Иако имам само 20 години, откако знам за себе ме интересирала естетиката, моќта на дизајнот, боите и пораките кои може да се пратат со само неколку правилно искомбинирани моќни потези. Сакам да откријам колку добар дизајнер можам да бидам, па трпеливо учам, вежбам, работам и се трудам. Уживав и во овој хакатон (како и во претходниот во кој исто така бев дел од победничкиот тим) бидејќи навистина ми е убаво што работев за општокорисна кауза. И енергијата на хакатоните е феноменална.
Богдан Илиевски: Јас сум Богдан Илиевски, охриѓанец во Скопје, мераклија на добри луѓе, нови знаења и храброст која го менува светот. Во Brainster дојдов за да не бидам „глуп“ за чудесиите во дигиталниот свет денес, па да се осеќам како дедо на 37 години. И ментално и енергетски хакатонот ме врати во студентските денови, на местото каде се ресетираш и сфаќаш дека искрените и чесните луѓе заедно можат да направат чуда. И дека без секојдневно учење, животот губи многу боја. Во нашиот тим бев задолжен за маркетинг стратегијата и кампањата за промоција на апликацијата, а сам се задолжив за споделување трикови за правење пици и други само навидум непотребни совети кон помладите колеги, со кои беше уживање да се соработува.

Бевте дел од едно незаборавно искуство, односно да присуствувате на голем Brainster Live Хакатон, каде што имавте задача во рок од 48 часа да испорачате предлог решение за AirCare. Најпрво, како си поминавте?
Преубаво би било understatement. И покрај новото искуство за повеќето од нас (освен Оливер кој е победник на Хакатонот за Корчагин и Миле за Хакатонот за Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје), брзо сфативме дека алгоритамот на Brainster кој ги формирал групите направил идеална поделба и направил тим кој веднаш профункционира. Првиот ден дури влеговме во ритам беше малку побавен и организациски посложен, со повеќе состаноци со нашите ментори, но вториот ден со 200 на саат, од кои 100 беа за работа, а 100 за одржување и зголемување на тимскиот дух и енергија, знаевме дека сме направиле добар продукт и ни беше жал што хакатонот трае само два дена. Сепак, денес може да кажеме дека сме сигурни во долговечноста на нашето дружење и соработка – благодарение на Brainster, Алекс, Горјан и хуманата кауза за која имавме и имаме чест да работиме.

Раскажете ни повеќе за вашиот проект. Дали има назив, и која беше идејата/целта што сакавте да ја постигне со вашиот предлог?
Јана Јовановска: Сите работевме за брендот во создавање breathe.mk, веб-апликација која ќе биде иницијалната каписла во битката на нашата генерација со загадениот воздух, бидејќи овозможува вклучување на секој еден граѓанин/жител на Скопје (засега) преку пријавување загадувачи и олеснување на работата на градските инспектори, но и преку притисок кон одговорните и надлежните да ја работат својата работа темелно и експедитивно, имајќи предвид дека цела армија на граѓани ќе се вклучат да помагаат за општото добро. Нашиот предлог е изграден да биде оптимално организирана и максимално интуитивна апликација која во неколку лесни чекори ќе овозможи секој да се активира и да преземе контрола над сопствениот живот, влегувајќи во битката која е заедничка за секој жив човек во Скоје – загадениот воздух. И сум пресреќна што успеавме во замислата.
Со оглeд на тоа што станува збор за општествено-одговорен проект, за справување со проблем кој ги засега сите граѓани (загадувањетo на воздухот), колкава мотивација и поттик ви беше работата на ваков проект? Колку тоа ви даде инспирација плус да дадете максимум при создавањето на платформата?
Јана Јовановска: Хакатонот како формат беше предизвик сам по себе, едноставно сакаш да видиш дали си up to the task и дали може во тие рамки да дадеш сѐ од себе. Но, имајќи предвид дека каузата која ја застапува проектот е најблагородната која постои, борбата за поздрав и подолг живот, немаше потреба да се мотивирам натпреварувајќи се со себе или со другите тимови, туку чинам дека се натпреварував со сите несовесни загадувачи и сите пасивни институции кои треба да нѐ штитат, а не го прават тоа. И затоа победата на натпреварот е само еден чин, вистинската борба продолжува, а мене ми е чест што ќе бидам и понатаму дел од неа.

Како течеше целиот процес на работа и кои беа вашите задачи?
Антонио Јованоски: Имавме задача да креираме најоптимално корисничко искуство преку софистициран, но едноставен графички дизајн за апликацијата, да одговориме на барањата на клиентот и да ја реализираме најдобрата можна веб-апликација со соодветно изготвување на маркетинг стратегија за нејзина промоција. Се разбира, сите тимови ја имаа истата задача, но секој од тимовите работеше на сопствен специфичен начин. Јас бев проектен и продукт менаџер на три екипи и сум максимално задоволен од нивната работа, бидејќи сите успеаа и оставија впечаток и на студентите, но и на Алекс и Горјан кои се спиритус-мовенсот на овој нов подвиг во кој сите учествуваме. Конкретно за соработниците од тим 2, резултатите говорат дека задачата ја исполнија на врвно ниво и верувам дека ќе продолжат континуирано да работат на подобрување на продуктот и процесите кои го движат.
Со оглед на тоа што сите сте од различни академии, и веројатно претходно не се познававте или сте немале можност да соработувате, колку брзо „кликнавте“? Дали како тим добро се усогласивте и успешно ги поделивте обврските? Како течеше тимската работа во двата дена од хакатонот?
Антонио Јованоски: Крајниот резултат покажува дека тимот беше идеален спој на чесни, отворени, искрени, вредни и посветени индивидуалци, ослободени од суета, а полни со знаење. Ваков микс не можеше да продуцира ништо друго освен добар краен резултат, проследен со исполнување рокови, меѓусебна постојана координација и консултација, грижа не само за членовите на интерниот мини-тим, туку и за „меѓуресорните“ активности, имајќи предвид дека без оглед на сечијата специјалност, заедничката енергија е таа која на проектот му дава и тело и дух. Кликнавме веќе во првиот час од почетокот на хакатонот (океј, после првата кафе-пауза беше официјално 🙂 ), а тимската работа беше онаква каква што само може да посака човек од мојата струка.

Што научивте од оваа соработка?
Марио Трајкоски: Без разлика на притисокот и времето што ни беше зададено, со добра тимска соработка, разбирањето од колегите, посветеноста и желбата за успех, сѐ е возможно. Мислам дека и останатите членови од овој тим би се согласиле со мене дека сложноста и меѓусебното разбирање и пронаоѓање во благородноста на мисијата пред нас победија на овој хакатон, така што мојата порака од ова искуство е дека „тимскиот дух победува“.
Од каде црпевте инспирација, информации и насоки за комплетирање на вашето решение за развој на продуктот, маркетинг стратегија и UX/UI дизајн на платформата?
Секој од нас посветува многу време секоја година, кога ќе дојдат „лошите месеци“, на размислување за загадувањето и ефектите кои ги предизвикува. На стравот кој го предизвикува. На неизвесноста која ја носи тој невидлив убиец против кого, се чинеше, дека нема начин вистински да се бориме. Но, енергичноста и идеите на организаторите на оваа активност која може да се претвори во вистинско движење, беа вистински “wake up call“ во кој со задоволство се вклучивме. И во една таква состојба со натпреварувачки дух за благородна цел, идеите „врнеа“ како дожд кој го чисти загадувањето. Нашите ментори кои нѐ следеа, насочуваа и мотивираа, како и мотивациите во движење како Горјан и Алекс, сето тоа под чадорот на Brainster и општествената одговорност која ја демонстрира, беа вистински извор на инспирација и знаење. Не само знаење за ефектите од загадувањето, туку и ново знаење на што секој од нас е способен кога се бори со одлични соборци против заеднички непријател.

Колку знаењата и предавањата од академиите на Brainster ви помогнаа во процесот? Имавте ли можност да примените дел од наученото?
Оливер Вељаноски: Се разбира, сѐ што сме учеле на Академијата за UX/UI дизајн беше темелот на она што го создадовме како продукт кој беше оценуван од жирито на хакатонот, а кој продолжуваме да го развиваме и во овој момент и својата конечна верзија ќе ја добие откако, како што слушам, огромниот број на пријавени студенти за вториот хакатон, ќе ги покажат своите вештини стекнати од Brainster Академиите. Предзнаењата кои ги имав пред да се запишам на Академијата, средното правно образование и економскиот факултет, беа важни веројатно најмногу за да сфатам дека многу поголема пасија ми е ова што го работам сега и за кое се охрабрив благодарение на програмите кои ги нудите. Значи, само искуството и знаењето стекнато на Академијата беа пресудни во техничката изведба на апликацијата, а животното искуство и свесноста за реалните проблеми беше мотивот и инспирацијата да се впуштам во овој проект со посебна желба и голема енергија.
Како работата на реални проекти влијае врз вашите знаења и вештини?
Борјан Ристески: Пресудно и најпозитивно. Сметам дека учењето без практична примена на знаењето и проверка на истото на реални проекти е непотполн процес на образование. Моделот на едукација кој го применува Brainster е идеален бидејќи во еден динамичен процес на учење и проверка на знаењето кое го стекнуваме, истото се втемелува во нас. Видете, теоријата и практиката речиси никогаш не се идентични и едното без другото се невозможни ако сакаме да сме задоволни од себе и да кажеме дека навистина сме се изградиле во една индивидуа подготвена пред сѐ да учи уште повеќе секој ден и да се надградува, но и да го применува своето знаење за општото добро, како што беше случајот на овој хакатон.

Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од зададениот рок (48 часа за проектот и 5 мин за презентација), а притоа да креирате и презентирате едно вакво интересно решение?
Миле Митев: Brainster нѐ научи да работиме постојано и темелно, хакатонот беше само „јаготката на шлагот“ на сѐ што учиме и спознаваме во ова искуство. Немаше посебен притисок, ние постојано живееме и работиме под притисок. За разлика од оној во реалниот живот, притисокот на хакатонот беше позитивен и плодотворен, бидејќи работевме за добра цел и креиравме нешто што има потенцијал да го подобри животот на сите нас. А околу презентациите, беше баш весела подготовката на истите, вежбавме со стоперица, сѐ додека не успеавме да се вклопиме во 5 минути – кои на крај се разбира дека не ни беа доволни, но наидовме на разбирање кај луѓето пред кои презентиравме. И пред колегите од академиите, со кои заеднички навистина уживавме во секоја презентација, горди на заедничкиот труд и порака која ја праќаме како свесни млади индивидуи обединети преку општествено-одговорен колектив како Brainster. Сума сумарум: сакаме уште хакатони! Ова било баш забавно!
На вториот AirCare хакатон (закажан за 28 и 29 октомври) студентите ќе работат на реализација на вашиот UX/UI дизајн преку кодирање на Front-End и Back-End, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности. Сега, во улога на клиенти, што би им порачале на тимовите кои техники ќе го оживеат вашиот проект?
Би им порачале од истите пици кои ги јадевме ние, бидејќи беа одлични 🙂 Ама Brainster ќе го направи тоа, па нам ни останува само да им порачаме да уживаат во процесот, да не мислат на победата бидејќи сите веќе сме, веќе сте победници. Затоа што само заедно, преку вакви подвизи, ќе ја подигнеме не само свеста за загадувањето на воздухот, туку и можноста во оваа битка за општото добро, за здравјето и животот на нашите и идните генерации, да се вклучи буквално секој еден свесен човек, да преземе контрола над својот живот и да каже – доста беше, време е заедно да направиме да биде подобро за сите. Оваа апликација и конкретната кауза нека биде само показна вежба што се може да направат група на свесни луѓе обединети и одлучни да се справат и со најтешките проблеми. Чуда, чуда се можни. А ние сме на почетокот на едно такво. Сите, заедно.

Дел од маркетинг стратегијата беше и провокативниот, но доста впечатлив слоган „У ПМ?“ Колку очајни времиња и ситуации, како оваа со загадувањето во Скопје, повикуваат на очајни мерки или порадикален маркетинг?
Богдан Илиевски: Секоја мерка е неопходна, па и очајната, кога недостасуваат соодветните мерки на институциите, со децении – да бидеме фер – и проблемот со загадувањето се обвил со слоевита структура предизвикана од пасивно игнорантство, негрижа и незнаење, структура која делува нерешливо. Кога е така, треба директно да укажеме дека состојбата е „У ПМ“, без целофани и обланди.
Дополнителен проблем е што најголемата свесност и реагирање околу аеро-загадувањето се случува само кога ПМ честичките во Скопје ќе ги рушат светските рекорди, но со првиот ветер на пролет проблемот е заборавен, бидејќи најлесно е да се заборави, бидејќи е тежок за восприемање, имајќи ја предвид нашата навика, онаа општоприфатена улога на жртви на „виша сила“ („теренот е таков што мора да има загаденост“) или жртви, немоќни единки соочени со нерешливите енигми на партизираните административни лавиринти („за еден документ ти требаат две недели шетање по шалтери, а ти со загадувањето си се фатил, седи батали тоа“).
Игнорирањето не го решава проблемот. Игнорирањето не носи сите во состојба „У ПМ“. Не само состојба на белите дробови и други органи, туку состојба на духот. Ваквиот магичен и пред сѐ загаден круг, загадува и повеќе од воздухот кој го дишеме – ја загадува сржта на човечкото битие. Му ја загадува визијата кон иднината, погледот кон себе и кон нештата кои може да ги направи. Односно ја изгубил самодовербата дека може да ги направи и одговорноста дека мора. Затоа е потребно да ја гледаме во целост „шок терапијата“ заедно со решението кое го нудиме. А тоа постои. И не е нуклеарна физика во прашање, реално. Во кампањата прашуваме дали сме во состојба „У ПМ?“, но и нудиме решение како да излеземе од таа состојба: „Преземи контрола, пријави загадувач“. Време е да се преземе контрола над ситуацијата, сопствените постапки и живот, над сопственото здравје. Секој еден од нас може да направи многу, ама навистина многу.
Конкретно, оваа апликација им дава исклучителна моќ на обичните луѓе со свесноста која ќе ја разбудат во себе и со постапките кои ќе ги направат, навистина да придонесат директно за поквалитетен воздух и помалку смртни случаи предизвикани или потпомогнати од загадувањето – а индиректно и поважно, да вршат притисок врз оние кои земаат плата за да го штитат нашето здравје, да го прават тоа многу поревносно. Во маркетингот работиме со зборовите. Ако вистинските зборови ги употребиме на вистински начин, допираме до емоциите и свеста на луѓето и ги повикуваме да преземат конкретни чекори. Тоа е целта на оваа кампања.

И за крај, која е пораката што се пренесува со овој проект, и секако, која е вашата визија за Breathe.mk?
Богдан Илиевски: Физички не може да ги поместиме планините, но ако знаеме дека еден котел/печка на дрва загадува со ПМ како 18 дизел автомобили, не мора да поместуваме планини, доволно е да размислуваме како да си го заштитиме нашиот живот, животот на нашите деца и на нашите соседи. Она во што сум сигурен е дека breathe.mk и луѓето позади овој проект, AirCare, Brainster со сета своја врвна намера, логистика и ресурси, сите заедно ќе направиме сѐ што можеме и не можеме за да го активираме секој еден човек кој е доволно храбар да се грижи за другите луѓе околу себе.
Хакатонот беше добар пример за тоа како зад оваа добра кауза се активираа стотина вредни и одговорни луѓе (дека се кон себе одговорни е доказ самиот Brainster) и се впуштија во борба со „непобедливото“. Викендот пред нас дупло повеќе програмери исто така ќе влезат на терен и ќе се борат против „непобедливото“. „Нерешливото“. „Премногу тешкото“. Бидејќи аеро-загадувањето не е ниту непобедливо, ниту нерешливо, ниту претешко. Не е енигма чие решение е скриено во галаксија далеку од нас. На оваа планета во минатите децении имало многу примери како се носат важни одлуки и успешни решенија на ова поле.
Затоа е важно да го сфатиме тоа дека решението е можно. И кога ќе го преименуваш „непобедливото“ во „победливо“, навистина ќе го победиш. И нема да е ниту лесно, ниту брзо, но она што ни треба е тој еден мал чекор, кој во Македонија во 2023 година реално ќе значи “a giant leap“. И тој мал чекор доаѓа со breathe.mk апликацијата и сето тоа што таа значи и ќе значи. Ќе го разбуди духот. Ќе ги размрда заспаните. Ќе ги активира заинтересираните. Ќе ги заинтересира добронамерните. Искрено го мислам тоа. Но, поважното е следното – она на што се надеваме сите од тимот кој го сработи овој проект е дека системот кој е со децении забарикадиран во изговори и префрлање одговорност, исто така ќе ја преземе одговорноста и ќе одговори на задачата, имајќи предвид дека ние ќе направиме delivery во нашиот дел, ќе ја шириме мисијата и ќе вклучуваме луѓе.
А ако системот повторно потфрли, како што кажува кампањата – ќе мора сите ние повторно да ја преземеме контролата. И да ги „пријавиме“ загадувачите на нашите животи. Па, да ја промениме реалноста. Затоа што не сакаме да умираме споро и тивко бидејќи сме навикнале на тоа. Сосема спротивно, заслужуваме многу поведри денови. И ќе се избориме за нив. Првиот чекор го правиме во моментов.
Доколку размислуваш да го направиш првиот чекор кон лансирање на нова кариера или сакаш да ги надградиш своите дигитални вештини, нема подобро време од сега!
Затоа, искористи ја можноста да учиш под менторство на врвни професионалци, на интензивна програма и со работа на реални проекти што ќе влезат во твоето портфолио!
