Кога немаш ништо друго, инвестирај се себеси!

Ова е приказна за тоа како научив што е инвестирање на млади години – кога немав ништо друго. Мојата перцепција за успех беше да создадам нешто за себе, од нула. Всушност повеќе ме влечеше предизвикот зошто од секогаш сум имал натпреварувачки дух во себе.

Моето “чедо” – како што сакам да ја нарекувам мојата прва вистинска бизнис идеја што стана реалност, растеше долго време. Секогаш ме привлекувале едноставни решенија на секојдневните проблеми. Тој принцип ја оформи и мојата компанија – собирање на електронски отпад од повеќе извори, селекција на отпадот и извоз кон земјите од ЕУ за понатамошна преработка. Дотогаш не постоеше специјализирана компанија за електронски отпад, што беше проблем за клиентите, но и можност за мене. При крајот на студиите, кои впрочем беа по бизнис бидејќи знаев дека вештините ќе ми помогнат да ги остварам моите долгорочни цели, бев спремен да го превземам следниот чекор.

Проблемот

Со моите 20 години јас немав сопствени средства и не сакав да барам помош од други (денес жалам за ова). Затоа мојата идна компанија беше замислена да биде што е можно по ефективна. Но кога имате јасна цел за иднината, не постои нешто што може да ве запре. Така го гледав и мојот проблем. Мораше да постои начин да го решам.

Решението – Инвестирај се Себеси!

Се сеќавам како со денови си ја удирав главата. Тогаш напишав една листа која се состоеше од една единствена точка.

Името на листата: Што поседувам и можам да инвестирам?

Единствениот одговор на листата: ЈАС

Конечно почнав да се движам од нулта точката. Во моментот кога себеси се видов како бизнис средство, започнав и да ги применувам моите бизнис вештини. Средството имаше само едно ограничување – ВРЕМЕ. По таа аналогија, инвестирањето на сопственото време (ограничен ресурс) беше единственото нешто кое во тој момент ќе ми помогнеше да ги остварам целите. Средството беше идентификувано, а сега како да го искористам за обезбедување на основачки средства?

Што е заедничко кај сите мои хоби активности?- НАТПРЕВАР! Националниот натпревар за најдобар бизнис план се одржува секоја година. Тогаш мои конкуренти беа преку 100 бизнис концепти од целата земја. Се инвестирав себеси во натпреварот бидејќи средствата од првата награда беа сосема доволни за почетокот на мојата идна компанија. Во месецот пред крајниот рок за пријавување, поминав часови за да ја напишам најдобрата можна апликација која можев. Инаку таа беше само 1000 зборови и требаше да ја објасни идејата, иновацијата, пазарните можности, бизнис моделот и сл. И бидејќи денес го пишувам овој пост, постигнав УСПЕХ – влегов во 30 најдобри концепти и го продолжив натпреварот.

Во следните 3 месеци го пишував бизнис планот. Со употребата на моето единствено средство, јас поминав безброј часови учејќи како се пишува бизнис план од сите извори кои ми беа на дофат. Истовремено правев истражување – спроведував интервјуа, контактирав потенцијални клиенти и добавувачи, добивав повратни информации и се подобрував. Сакав да не постојат прашања кај читателите, да биде најдетален и лесен за разбирање. Конечната верзија беше момент на гордост. Сепак бев далеку од мојата цел.

Добив вести дека мојот бизнис план е одбран во 10-те најдобри. Замислете колку бев среќен! Тогаш следуваше најважниот момент – презентацијата. Применив се што знаев, се консултирав со сите кои би можеле да ми помогнат и отидов тој ден со највиско ниво на самодоверба. Знаев дека целта е на дофат бидејќи се што имав создадено беше од личен труд и никој не можеше тоа да оспори. Дури и имав желба комисијата да ме праша повеќе од 2 прашања (колку што беа предвидени) за да уште подетално им објаснам зошто мојот бизнис план треба да победи.

На крајот целиот труд апсолутно се исплатеше и успеав да го победам натпреварот, да ја основам мојата компанија и да се соочам со следните предизвици. За нив ќе пишувам во друга прилика.

Резултатот

Денес го пишувам овој пост и се присетувам на сите детали. Научив неколку работи кои се клучни за развојот на младите претприемачи. Која е логиката зад тоа да се инвестираш себеси?

  1. Се е можно! – Кога можеби изгледа дека не постои решение за одредена препрека, не значи дека навистина не постои. Мора да ја предизвикувате реалноста и со тоа да бидете спремни на радикални активности.
  2. И лошото искуство, сепак е ИСКУСТВО! – Кога ќе започнете бизнис во своите 20-ти години, ќе добиете знаење и искуство за кое можеби и нема да бидете свесни дека го имате. Така ќе размислувате се додека еден ден не застанете, погледнете назад и видите што всушност сте направиле. ЧУДО?
  3. Самодоверба! – Замислете што сте успеале да постигнете и покрај сите препреки, а притоа инвестирајќи се себеси. Тоа е потфат за пофалба. Но сега сте уште поподготвени. Зошто да не го направите потфатот уште подобар, поголем и допрете до сите луѓе на светот?

До следниот пат.

Related Stories For You

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.