Овој текст е дел од серијата 52 бесплатни лекции за Дигитален маркетинг напишани од експерти. Регистрирај се и добивај по една лекција неделно, директно во твоето e-mail сандаче.

За почеток да разјасниме една работа – со што и да се занимаваш, доколку имаш веб сајт, сопствен блог или менаџираш профили на социјални медиуми – ќе ти треба и содржина!

Контент маркетингот всушност претставува наједноставен начин да добиеш нови потенцијални клиенти кои ќе ги конвертираш во потрошувачи.
Доколку сакаш да ја постигнеш оваа цел, треба да следиш неколку правила кои ќе ти помогнат да ја подобриш содржината која те претставува на интернет и пред целната публика.

Запознај ја твојата целна група

Доколку сакаш да имаш посети на твојот веб сајт, кои потоа ќе ги конвертираш во лојални потрошувачи, најпрво треба да знаеш какви посетители имаш.
Односно, да знаеш за каков тип на содржина се заинтересирани оние кои го посетуваат твојот веб сајт, и како истата таа содржина да ја искористиш за да може да ги придобиеш новите посетители.

За таа цел, потребно е да ги земеш предвид следните прашања:

Која е твојата целна група?

Доколку имаш креирано бизнис или маркетинг план, голема е веројатноста одговорот на ова прашање да ти е веќе познат. Но, доколку сеуште не си прецизирал каков тип на луѓе спаѓаат во твојата целна група, тогаш креирањето на бизнис план треба да биде твојот прв чекор.

target, целна група, потрошувачи, контент маркетинг

Со какви информации располагаш во врска со твојата целна група?

Доколку имаш посетители на твојот веб сајт, ти веќе имаш одредени информации кои ќе ти помогнат подобро да ја запознаеш твојата целна група. Преку користење на алатки како Google Analytics, лесно ќе можеш да дознаеш каков тип на содржина е привлечна за твоите посетители. На овој начин ќе знаеш точно што функционира, односно генерира посети, па така ќе знаеш и во која насока да ја водиш твојата маркетинг стратегија.

Дали навистина го имаш истражено пазарот?

Твојата постоечка база на посетители/клиенти е одличен извор на информации. Наједноставен начин е да ги прашаш своите потрошувачи што мислат во врска со твојот производ или услуга, како сметаат дека може да се подобри, и дали имаат предлози кои би ти помогнале да ги задоволиш нивните потреби. Некои од начините за оваа цел се email прашалник, или пак, искористување на можностите кои ги нудат социјалните медиуми. Уште еден добар начин да го дознаеш мислењето на потрошувачите е да бидеш постојано информиран за случувањата на пазарот. Пронајди форуми каде што можеш да прочиташ мислења поврзани со твојата индустрија, прашања кои ги поставуваат заинтересираните лица како и поплаки кои ги имаат, и слично. Пронајди го проблемот кој постои и пробај да го вметнеш во содржината на твојот веб сајт, блог или социјални медиуми. Пробај да понудиш решение за проблемот со кој се соочува твојата целна група.

Креирај содржина која одговара на твојот бизнис модел

Вредноста која ја претставуваш е она што те одвојува од останатите конкуренти. Потребно е време и многу истражување за да го пронајдеш вистинскиот начин со кој ќе се претставиш пред целната публика, меѓутоа, овој чекор е од суштинска важност за тоа дали ќе ги придобиеш посетителите и ќе станат потрошувачи, или пак ќе продолжат да го бараат решението за својот проблем на друга веб страна.

контент маркетинг, content,

За оваа цел, ти препорачуваме да одговориш на следните прашања:

Каков проблем решаваш? На кој начин придонесуваш кон негово решавање? Што е она што ти дава предност во однос на останатите компании кои нудат ист или сличен производ/услуга?

Откако ќе ја одредиш вредноста која им ја нудиш на твоите потрошувачи ќе можеш да преминеш на следниот чекор, односно да развиеш контент стратегија која ја поддржува твојата мисија.

Постави цели за твојот контент маркетинг план

Штом започнеш со креирање на стратегија, потребно е да ги имаш предвид сите показатели според кои ќе се водиш за да го измериш успехот на таа стратегија.
Во овој случај, тоа може да бидат дневни посети на твојот веб сајт, нови регистрации на твојот newsletter или интеракција на социјалните медиуми.
Доколку бројот на продажби е главниот фокус на твојата цел, тогаш бројот на остварени купувања ќе биде показателот кој треба да го следиш. Доколку сакаш да постигнеш поголемо присуство на социјални медиуми, вниманието ќе го насочиш кон бројот на споделувања на содржината која ја објавуваш. Голема е веројатноста да имаш повеќе извори на показатели кои ќе ти помогнат да сфатиш дали одиш во правата насока кон остварување на целите.

Она што е важно да сфатиш е дека треба постојано да се навраќаш и да анализираш која тактика функционира, а која не и зошто е тоа така. Што треба да промениш за да се вратиш на саканата патека која води кон зацртаните цели?

content marketing, marketing, контент маркетинг

Оптимизирај го твојот контент маркетинг

Откако ќе ја идентификуваш твојата целна група, вредноста која ја нудиш, и метриките кои покажуваат како се движиш кон остварување на целите, потребно е да ја објавиш содржината која ќе стигне до твоите потрошувачи.

Многу е важно да знаеш што е она што го пребарува твојата целна група, а е поврзано со твојата индустрија. За оваа цел ќе треба да прегледаш кои се препораките кои ти ги дава алатката Keyword Planner на Google. Со помош на оваа алатка ќе можеш полесно да ја формулираш содржината која ја објавуваш, насловите и текстовите.

Исто така, секој пат кога посетител ќе дојде на твојата веб страна, потребно е да има брз и едноставен пристап до продажниот процес, и секако, достапен начин за споделување на твојата содржина на социјалните медиуми. Немој да заборавиш да додадеш опција за регистрирање на твојот newsletter, односно можност посетителите да бидат известени секој пат кога има специјална понуда, нов производ/услуга или сезонско намалување.

Креирањето на содржина која привлекува посетители не е едноставна работа, меѓутоа доколку вложиш доволно труд, биди сигурен дека истиот ќе ти се исплати.

Доколку сакаш да се стекнеш со екстензивно знаење на темава, погледни ја програмата за Академијата за дигитален маркетинг во Brainster.

Marketpreneurs