Ако нешто најмногу мразам тоа е пишување наративни извештаи. Всушност мразам било какво пишување кое генерално нема поента и во сам старт се знае дека нема никогаш да биде прочитано. Пред неколку години имав обврска од време на време да пишувам извештаи за еден проект на кој работев. Иако неколку пати пробав да се разберам со тимот дека нема поента да се троши време и енергија за истите, не успеавме да се договориме и морав на крај да трошам часови и часови на стотици страници хартија за која знаев дека на крај ќе биде рециклирана во кутија за Domino’s пица.

Како знам дека извештаите никој не ги читаше? Едноставно, во секој извештај, почнувајќи од втората страна ставав рандом пасуси од Guardian, текстови на песни како “Dear Jessie” од Мадона со се “pink elephants and lemonade“. И секој пат добивав пофалби за одлично завршена работа…

via GIPHY

Како content writer, научив дека единствено нешто потажно од пишување наративни извештаи е пишување содржини за корпоративни сајтови кои никој освен менаџментот нема да ги прочита. Трошење енергија и пари за правење содржина која ќе ја отворат седум луѓе е нешто што многу често се случува и може да има долгорочни последици. Еве неколку примери што се може да се случи поради лош контент:

Лошо позиционирање на Google

Доколку содржината која ја објавувате на вашиот сајт не е читана, Google тоа многу добро го знае. Поради тие причини може да го намали рејтингот на вашиот сајт и истиот да заврши на втора, трета или било која друга страна каде што се наоѓаат работи како што се вашето тело за на плажа, минималната плата од 500 евра и Скопје велоград. Сите оние работи за кои сме слушнале некогаш ама сè  уште ги немаме видено.

Ако напишаното не е читано, тоа за пребарувачите е сигнал дека содржината не е релевантна и квалитетна и дека не треба да ја прикажуваат во резултатите на пребарувањето. Еднаш нарушен рејтинг подоцна многу тешко се враќа на некое задоволително ниво. Ќе биде потребно да се вложи повеќе во продуцирање на квалитетни содржини, SEO, SEM, како и промовирање на содржините на социјални мрежи. Во превод, ќе ви бидат потребни 10 пати повеќе време, енергија и пари за да го вратите возот назад во колосек.

Губење релевантност кај публиката

Денес во период од една година на глобално ниво се генерираат повеќе содржини отколку од почеток на цивилизацијата до ерата на интернетот. Секој саат се објавува масовна количина на блог постови, видео содржини, подкасти и фотографии. Во цел тој шум станува сè потешко да се привлече внимание на публиката а моментот кога ќе го добиеме вниманието , буквално се секунди во прашање дали истото ќе го задржиме или не.

via GIPHY

Доколку содржината не е интересна за нашата целна публика истата многу лесно се одлучува да го кликне back копчето во пребарувачот и така ни го зголемува bounce rate-от. Самиот bounce rate не е толку страшен колку што е страшно губењето релевантност кај публиката. Овде важи истото правило како и во продажба – еднаш загубена публика скоро воопшто не се враќа назад. Постои навистина огромен број на места каде публиката може да пронајде содржина која и одговара и истата воопшто не сака да троши време на работи кои за неа не се релевантни, корисни или забавни.

Секоја грешка има последици

Комбинација на лошо рангирање на интернет пребарувачите и содржина која не комуницира со публиката резултираат со скоро никакви посети на сајтот. Единствени посетители на крајот се сопствениците и нивната најблиска родбина. И тука постои едно златно правило, мајка ви најдобар дел од нервите ги потрошила за да ве израсне така што веќе нема нерви за неквалитетни содржини. Исто така, веројатно не и се јавувате доволно често, и имате поклонето некоја глупост за осми март, па веројатно има попаметна работа од тоа да дава поддршка за работи кои немаат поента. Поради овие причини, бројот на посетителите на сајтот може да се изрази во едноцифрена бројка која е еднаква на бројот на нервни кризи кои ги има поминато Бритни Спирс.

via GIPHY

На крајот, вашиот сајт постои само за да се каже дека го имате, за да плаќате домејн и хостирање и да ги терате немотивираните вработени да ставаат било каква содржина, колку шефот да види дека нешто се случува. И завршувате со еден бунар без дно во кој фрлате пари без причина исто како МРТВ кога фрла пари за Евровизија. Но за разлика од Еуросонг, каде што реално не може ништо да се направи, постојат неколку работи кои можете да ги направите за вашите содржини.

    1. Одредете ја целната публика
      Доколку знаете на кого му се обраќате можете многу полесно да одредите теми за кои би правеле содржини. Доколку работите за постоечки бренд веројатно нивниот тим веќе има испрофилирано неколку buyer personas кои ги користи за креирање на маркетиншки кампањи. Доколку нема, истите можете сами да ги направите користејќи податоци од Google Analytics и Facebook Analytics за почеток.
    2. Прилагодете ја содржината за вашата целна публика
      Доколку вашата целна публика се на пример мажи и жени на возраст од 60+ години веројатноста дека ќе ги придобиете преку Insta Story е екстремно мала. Исто како што е мала веројатноста дека тинејџерите ќе седнат да прочитаат ваш блог пост. Секоја целна група си има платформа која доминантно ја користи и тип на содржина кој најмногу преферира. Кога ја одредувате целната група, направете мало истражување околу платформите кои најчесто ги користат и форматите кои ги консумираат.
    3. Видете што прави конкуренцијата
      Во превод, само следете што прават, не ги копирајте. Ова е најчеста грешка која ја прават помалите брендови. Во обид да се справат со конкуренцијата почнуваат истата да ја копираат. Следењето на директната конкуренција може да ви даде идеја во која насока треба да ги носите вашите содржини, какво ниво на квалитет треба да држите и кои теми евентуално треба и вие да ги покриете.
    4. Правете содржини кои ќе направат вашата публика (а не вашиот бренд) да изгледа добро
      Многу од брендовите се фокусираат во правење содржини кои ќе помогнат брендот да изгледа добро, но публиката ретко кога таквите содржини ги споделува. Публиката споделува исклучиво содржини кои имаат social proof и позитивно влијаат на нивниот имиџ.
    5. Тестирајте и мерете
      Експериментирајте со содржините кои ги креирате. Експериментирајте со стилови, формати и теми и секој пат внимателно следете ги резултатите во аналитиката и брзо ќе видите што функционира а што не.

Не постои универзална формула според која се прават добри и квалитетни содржини. Целата мудрост околу добар контент се наоѓа во последниот совет. Сè се сведува на крај на пробување, грешење и повторно пробување, сè додека не дојдеме до посакуваните резултати…