WordCamp Europe 2019: Заедница посветена на споделување знаење

Голем број на млади луѓе од сите страни на Европа и светот, со голем ентузијазам уште во 8 часот наутро чекаа трпеливо во редици за да влезат во конгресниот центар во Берлин. Не се работи за хардкор фанови кои чекаат да влезат во фан пит на некој концерт туку луѓе од различни профили (програмери, дизајнери, маркетери, content writers, SEO…) кои се дел од WordPress заедницата. Дојдени се на седмиот по ред WordCamp Europe, најголем WordPress настан во светот кој секоја година се одржува во различни градови низ Европа. Годинава настанот се одржа од 20ти до 22ри Јуни во Берлин.

Еден од волонтерите кои помагаа целиот настан да функционира беспрекорно, е и Васко Торков, сениор PHP девелопер кој веќе една година живее и работи во Берлин и е активен член како на локалната WordPress заедница, така и на заедницата во Скопје. Целиот интерес за платформата се јавил уште за време на неговите активистички денови во Македонија, бидејќи како отворена и бесплатна, WordPress платформата им овозможува на луѓето брзо и лесно да создадат нивен сајт и да започнат со реализирање на некоја нивна идеја. Иако во последно време WordPress-от му е на ниво на хоби, Васко се труди на секој можен начин да придонесе до заедницата.

Што за тебе представува WordPress?

Пред сѐ значи разбивање на бариерите помеѓу програмерската професија и сите останати, бидејќи преку WordPress многу луѓе од различни професии наоѓаат заедничка точка преку која се зближуваат, стапуваат во контакт со знаење од различни сфери и учат работи кои можеби не се во директен контакт со нивната кариера, но придонесуваат за понатамошен поквалитетен развој на истата.

Особено е корисна за сите оние кои размислуваат за промена на кариера, бидејќи не е тешко да се научи првенствено да се користи и администрира, а потоа и да се развиваат сајтови со него.

Според тебе, кои се предностите на платформата врз конкурентските?

Една голема предност на WordPress е што зад него стои огромна заедница, пријатни луѓе кои не го чуваат своето знаење само за себе, туку со задоволство го споделуваат и помагаат на сите оние кои ќе наидат на некаква пречка при користењето на платформата.

Покрај виртуелно бесконечните ресурси на интернет за учење, форумите за поддршка, WordPress заедницата често пати преку годината организира конференции или таканаречени WordCamp-ови на кои човек има можност да се запознае во живо со сите тие ликови од кои прочитал текст, гледал туторијал или снимка од предавање, да научи многу нови работи и да се дружи. WordPress како што кажав е релативно лесна и интуитивна алатка за совладување, бесплатна е и достапна и, со користење на т.н. WordPress теми и plugins да добиете вебсајт со добар дизајн и многу функционалности.

WordPress постои уште од 2003 година и константно се развива и подобрува благодарение на доста развиената заедница составена од, како што реков, најразлични професии кои сите на свој начин придонесуваат за константното подобрување и усовршување.

Дел од домашната WordPress заедница на WordCamp Europe 2019

 

Какво беше твоето искуство како волонтер на WordCamp Europe годинава?

За WordCamp прв пат дознав во 2014 година кога барав на интернет решение за еден проблем кој го имав со еден од моите први проекти во WordPress. Таа година беше вториот по ред WordCamp Europe (на европско ниво) кој се одржуваше во Софија. Ја проверив цената на билетот и кога видов дека е доста пристапна, одлучив да одам. Тоа беше одлука која ми го промени животот. Oттогаш станав голем ентузијаст за WordPress и посетував WordCamp-ови скоро секоја година.

Оваа година за прв пат бев волонтер на WordCamp и како таков имав можност да се запознаам подетално со работите кои овоможуваат една таква конференција да се одржи. Прво би сакал да кажам неколку работи за самата конференција: WordCamp, за разлика од мноштвото останати слични конференции за почеток има доста пристапна цена на билет, некогаш и до 10 пати поевтина од, на пр. PHP или други веб конференции. Тоа овозможува дури и луѓе кои заработуваат помалку да имаат можност да присуствуваат на истата.

Понатаму, настанот не е окупиран од спонзорите; иако најголемиот дел од трошоците за одржување на еден WordCamp се покриваат од спонзори, има посебно место на локацијата каде се одржува конференцијата каде (само таму) спонзорите можат да постават штанд и да го дистрибуираат својот промотивен материјал. Спонзорите исто така не ја окупираат сцената, односно немаат право да го користат времето од сесиите за себепромоција или промоција на нивните производи, освен ако нивниот производ (плагин, тема и сл.) не е спомнат заедно со уште неколку други од истиот тип, на кои им е посветено еднакво внимание во контекст на некоја техника, технологија, пристап или како едно од можните решенија за некаков проблем. Со една реченица, конференцијата е непрофитна, фокусирана на усовршување на колективното знаење на заедницата и развој на WordPress платформата.

Да се биде дел од таква конференција дури и само како посетител е нешто што секој треба да го искуси. Како волонтер оваа година за жал немав можност и време да ги посетам и слушнам сите предавања и работилници кои ме интересираа поради обврските, но затоа пак ме исполнуваше тоа што имав можност да бидам на располагање за посетителите, како и да помогнам во тоа, искуството кое сум го имал јас како посетител сите овие години од 2014 до денес, да биде на исто или повисоко ниво за сите оние кои прв пат се дел од WordCamp.

Кои предавања ти беа најинтересни и зошто?

Оваа година како што кажав немав многу можност да ги посетам сите предавања и работилници кои ме интересираа, но од она што успеав, би го издвоил предавањето на Џек Ленокс „How better performing websites can help save the planet“. Имаше уште неколку технички предавања кои се однесуваа на оптимизација на код и подигање на свеста за важноста на квалитетниот код кои дефинитивно треба да се слушнат но ова ми остави најголем впечаток. За среќа, политика на WordCamp е да се објавуваат снимки од сите предавања од конференциите на wordpress.tv па ќе имам можност да ги гледам и сите останати. 🙂

Доколку сакаш да станеш дел од големата WordPress заедницата и да стекнеш вештини за развивање веб страници со помош на најпознатата платформа со која се изработени 1/3 од сите глобални страници, идеално место за да започнеш е нашиот Курс за WordPress, со инструкторот Давид Шојиќ – еден од најактивните членови на домашната WordPress заедница.

Related Stories For You