Над 600 студенти на Brainster во моментов ја следат наставата во Виртуелна училница во живо.
Во согласност со развојот на ситуацијата со COVID-19 вирусот, а со цел нашите студенти да останат безбедни и при тоа да продолжат со успешно стекнување на вештините кои сега се потребни повеќе од било кога, Brainster ги префрли сите предавања во виртуелна училница во живо, која овозможува комплетно задржување на интеракцијата и менторството 1 на 1.
Додека трае актуелната ситуација, сите ресурси на Brainster ги насочуваме на успешно спроведување на програмата во Виртуелната училница. Предвидовме голем број на дополнителни активности и мерки кои ќе го оддржат високото ниво на квалитет на наставата и ќе им помогнат на нашите студенти без застој да излезат како мошне конкурентни кадри на пазарот на труд на кој во моментов е драстично зголемена побарувачката на кадри со ИТ и дигитални вештини.
Над 600 студенти на Brainster, од сите 6 Академии (Front-End, Full Stack, Data Science, Software Testing, Digital Marketing, Graphic Design) во моментов ја следат редовната настава во Виртуелна училница во живо.
Како функционира Виртуелната училница во живо
Виртуелната училница овозможува интерактивно учествување на наставата во живо од дома. Во виртуелната училница, секој студент има можност за интеракција со своите колеги и инструкторите во реално време. Целта е да се учи преку практична работа и практични примери, а не само да се слушаат предавањата.
Секој студент добива линк да се приклучи на Виртуелната училница пред почетокот на предавањето. По самото вклучување, студентот има јасен преглед и увид во сите активности предвидени за часот, како и аудио и видео врска со професорот и колегите.
Кога материјата ќе побарува hands-on пристап, на пример за пишување некој код или користење на некоја алатка, учесникот ќе може да работи паралелно со инструкторот во split screen формат. Инструкторот во реално време ќе може да врши корекции и интервенции во сработеното од страна на студентот, преку опцијата screen share или annotation односно потцртување или директна корекција на грешки. Со помош на опцијата remote control, инструкторот може да преземе и целосна контрола над екранот на учесникот, со цел да му помогне подиректно во совладувањето на задачата.
При тоа, секој учесник во текот на часот ќе може да поставува прашања или да се вклучи во дискусија, исто како во реална училница, а една од најголемите придобивки е тоа што предавањето се снима и му е достапно на секој студент по завршувањето на сесијата.
Активности што ги додадовме во наставната програма
Со цел привременото префрлање на онлајн настава да овозможи 100% успешно спроведување на наставната програма, додадовме дополнителни активности кај сите 6 академии. Овие дополнителни активности треба да им помогнат на студентите без проблем да ја совладаат програмата и успешно да се справат со сите практични задачи и во новата околина.
Овие активности се:
- снимање на сите предавања и нивна достапност по завршувањето
- дополнителни менторски сесии 1 на 5 за утврдување на материјалот и задачите
- дополнителни задачи за сите што ги завршиле редовните
- видео-решение на зададените дополнителни задачи
- дополнителни модули во согласност со новите побарувања на пазарот
Во целиот период додека наставата се одвива во Виртуелната училница, засилено се следи текот на наставата, за навремено да биде реагирано на сите потенцијални предизвици, а наставата континуирано се оптимизира во согласност со искуството и фид-бекот на студентите.
Зошто е важно наставата да продолжи
Во овој момент кога човештвото исправено пред голем предизвик, убедени сме дека со заеднички сили, соработка и залагање на оние кои се највешти да одговорат на предизвикот ќе го надминеме како и многу други низ историјата.
Она што секогаш е важно во вакви мигови е да го задржиме ведриот и оптимистичен дух и да бидеме продуктивни. Да не дозволиме да застанеме во место, туку напротив – времето кое сега го имаме да го искористиме да бидеме во уште подобра позиција по завршувањето на кризата.
Она што исто така е исклучително важно да се знае, е дека под влијание на моменталната ситуација, се случува едно големо забрзување на дигитализацијата во сите сфери во кои до сега таа беше занемарена. Огромен број на компании и институции се соочуваат со сопствената неподгответност да ги префрлат своите активности во дигиталниот свет. Побарувачката на таленти од ИТ и дигиталните области доживува огромен пораст, а се очекува овој раст да биде уште поголем по завршувањето на кризата.
Токму затоа, мошне е важно да не престанеме да се движиме кон заедничката цел – стекнување на неопходните вештини за започнување на нова, одлична и мошне ценета кариера.
Затоа, во наредниов период ги вложуваме сите свои ресурси во таа цел – нашите студенти да добијат конкурентска предност на глобалниот пазар на труд пред сите оние кои се соочуваат со прекин на наставата и учењето. Ентузијазмот на сите наши студенти во моментов е најголемата мотивација да продолжиме со целата енергија во овој правец и да помогнеме не само на поединците туку и на економијата во периодот што следува.