Технологијата има моќ да направи многу работи, а промената на светот е една од нив.
Последнава декада бевме сведоци на големи настани кои што се случија во светот. Неминовен е фактот дека технологијата успеа да се протне во секој аспект од животот на луѓето, а особено во бизнисот. Од еволуцијата на AI, IoT, 5G до Cloud и Data, технологијата успеа да го трансформира општеството и неговата иднина. Компаниите и претприемачите кои што размислуваат за иднината, се чини дека никогаш не пропуштаат шанса да бидат чекор напред со времето, а тоа ги прави успешни во областа на нивното работење.
Поразговаравме со неколку претприемачи за нивните предвидувања што би можеле да се случат во наредните 10 години. Погледнете што тие ни кажаа:
- Сериозни инвестиции во no-code и автоматизација
Анита Кирковска е Co-Founder на Ampstor, а исто така работи и како Growth во Intersect Labs – платформа каде што можете интуитивно да изградите data workflows и шанса да ги претворите во лесни интерфејси за употреба.
„Во наредните години очекувам дека ќе видиме сериозни инвестиции во no-code и алатки за автоматизација кои што сѐ повеќе ќе се базираат на вештачка интелигенција. GPT-3 ќе стане помоќно, но исто така ќе видиме сериозен успех со технологии за препознавање на говор. Овие алатки ќе дадат поголема моќ на креаторите, и ќе преминеме од економијата на креатори, во економија на комплетна автоматизација.“
- Приходите од автомобилската индустрија ќе се зголемат и диверзифицираат кон on-demand услуги и big data услуги
Игор Христов е инженер, претприемач, сонувач, кој што сака да гради нови работи. Неговата најголема страст е создавање на нешто извонредно што може да го промени светот на подобро. Тој е Founder & CTO на Fueloyal Inc, а исто така и Founder & CTO на 4Virtus. Неговиот сектор на делување е автомобилската индустрија.
„Поголемиот дел од новите технологии за кои слушате денес ќе достигнат врв до 2025 година. Сѐ ќе зависи од динамиката и приемот на новите технологии меѓу популацијата. Дали овие технологии ќе направат подобри и похумани луѓе е веќе друго прашање.
Во денешно време, економиите драматично се менуваат, поттикнати од развојот на пазарите во развој, забрзаниот пораст на новите технологии, политиките и промените на потрошувачките склоности околу сопственоста. Дигитализацијата, зголемувањето на автоматизацијата и новите деловни модели направија револуција во другите индустрии, а автомобилската нема да биде исклучок.
Повеќето големи играчи и експерти во индустријата се согласуваат дека овие четири трендови: автономни возила, електрификација, поврзани возила, како и diverse mobility, ќе се засилат и забрзаат меѓусебно, и дека автомобилската индустрија е зрела за дисраптинг. Приходите во автомобилскиот сектор значително ќе се зголемат и диверзифицираат кон on-demand услуги и big data услуги. Ваквиот пристап ќе создаде дополнителни 1,5 трилиони долари – или 30 проценти повеќе – во приходи во 2030 година, во споредба со традиционалната продажба на автомобили.
Пренасочување на парадигмата кон мобилност, заедно со појавата на стартап компании, неизбежно ќе ги принуди традиционалните производители на автомобили да се натпреваруваат на повеќе фронтови. Давателите на услуги (Uber, на пример), технолошки гиганти (како што се Apple, Google) и специјализирани OEM (Tesla, на пример) ја зголемуваат комплексноста на понудата во овој висококонкурентен пазар.“
- Работа од дома и online учење како нова нормала во иднина
Катерина Трајчевска е Co-Founder и CEO на Adeva, ексклузивна мрежа на програмери. Исто така, таа е амбасадор на глобалното движење „Women in Tech“ и смета дека работата од дома ќе биде новата нормала во иднина.
„Како долгогодишен поддржувач на remote работата, очекувам трендот кој го наметна пандемијата да се задржи и понатаму. Сѐ повеќе компании ќе ги прилагодат своите процеси за работа од далечина. Придонесот на вработените нема да се цени според времето кое го поминале во канцеларија, туку според резултатите кои ги постигнуваат. Очекувам полека и регулативите да започнат да се менуваат во таа насока и да се засили влијанието на локалните заедници, каде како резултат на намалената социјална компонента на работа, луѓето повеќе ќе се групираат и дружат според личните интереси.
Во однос на едукацијата, се надевам на некој хибриден модел каде ќе се инкорпорира online учењето во стандардната програма како дел од целиот процес. Во некоја подалечна иднина можеби би имале online индекс за секој ученик признаен насекаде низ светот, па учениците би можеле слободно да одлучат да поминат еден семестар во Македонија, друг во Шпанија, а трет online без тоа да влијае на квалитетот на нивното образование.“
- Фокусот ќе биде кон доближување на Cloud-от
Раде Десподовски e Co-Founder & CTO во Microtica – DevOps алатка за автоматизација која го опфаќа целиот процес на испорака на софтвер, од комплетно поставување на инфраструктурата на cloud до испорака на апликации и услуги во cloud користејќи Kubernetes.
„Сѐ повеќе компании се дигитализираат и преминуваат на cloud, за повеќето од нив ова е егзистенционално прашање, да се биде или не. Дел од нив мигрираат од монолитна на микро-сервисна архитектура. Со сите придобивки што оваа промена ги носи, станува сѐ покомплицирано да се автоматизираат и менаџираат сега многу покомплексните процеси. Оние пак, кои сега почнуваат со cloud, предизвикот е експертизата која е потребна во ова поле за градење на солидни системи. Земајќи ги предвид сите овие трендови, во наредните 10 години, фокусот на индустријата ќе биде доближување на cloud-от и сѐ што доаѓа со него (демократизација) поблизу до овие групи на компании. Тоа ќе значи апстракција на комплексните интеграции, поставување на инфраструктура и автоматизиција на испорака на софтвер на cloud.
Во моментов, голем тренд се low/no-code провајдерите на софтвер. Главниот нивен недостаток е тоа што не се доволно флексибилни кога би сакале да излезете од рамките на тоа што го нудат, а од друга страна провајдерите на cloud се многу флексибилни и бараат многу знаење во областа, дури и ако сакате нешто едноставно да направите. Моето предвидување е дека алатките кои ќе го решат проблемот помеѓу овие две крајности, ќе го донесат најголемиот бенефит за компаниите кои целат кон дигитализација и преминување на cloud. За да се стигне до тоа, клучно е да им се даде многу повеќе моќ на девелоперите, да бидат вклучени во сите тие процеси со алатки кои тоа ќе им го овозможат и со пренесено/споделено знаење.
Секако, AI ќе помогне премногу во тој процес, ова повеќе важи за поголемите компании и тие што можат финансиски и од аспект на ресурси да си дозволат да експериментираат со тоа, сѐ додека не дојде момент на демократизација и на тој сектор.“
- Забрзан прогрес на нови дигитални решенија во секоја сфера
Светлана Кордумова е основач на Pixyle.ai, стартап што користи вештачка интелигенција за да идентификува модна облека на слики, а воедно работи и како професор – асистент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таа има PHD по мултимедија и вештачка интелигенција од Универзитетот во Амстердам и за време на спремањето на својот докторат има освоено награда за најдобар истражувачки труд на Меѓународната конференција за Multimedia Retrieval во Њујорк, 2016г.
„Едно нешто што научи светот во последната година е дека можеме многу работи да ги извршуваме дигитално и без физичко присуство. Дури и работите за кои што никогаш не сме замислувале дека треба да ги дигитализираме, сфативме дека е потребно. Видовме многу недостатоци, но и многу придобивки од ваквиот начин на работење и едуцирање.
Светот ќе се промени на подобро, нови технологии се во трка да излезат на површина, додека пак, вештачката интелигенција ќе започне со голем замав да автоматизира многу процеси на работните места. Луѓето ќе сфатат дека единственото нешто што технологијата нема да може да го замени е креативноста, и затоа ќе започнат да креираат уште повеќе. Очекувам забрзан прогрес на нови дигитални решенија во секоја сфера. Ќе се променат нашите домови, работни места, начинот на кој што комуницираме, се социјализираме, забавуваме, купуваме. Со една реченица, тотално ќе се промени начинот на кој што живееме.“
- Целосна автоматизација како највисок степен на дигитализација
Теди Пејоски е CEO на Enzyme, основана во 2020 година од софтверски инженери, со децении искуство во градење на продукти од светска класа што ги користат милиони корисници. Продукт што се однесува на најбрзиот начин на градење на веб-страници без кодирање. Тој исто така е CEO & Co-Founder на GSIX и негова најголема пасија се вештачката интелигенција и претприемништвото.
„Начинот на кој што државните институции се справуваат со пандемијата ја раздрма довербата во нив. Ова ќе придонесе да се имплементираат разни децентрализирани начини на управување во одредени сегменти од општеството, со тоа што одредени влади целосно ќе го променат начинот на владеење на правото. Ова пак ќе придонесе за поголем развој на blockchain технологијата, како и масовно прифаќање на крипто валутите како финансиски инструмент.
Во делот на образование и здравство, очекувам да видиме зголемен број на биотек стартапи и учење на далечина. Исто така, ќе се направи целосна автоматизација, како највисок степен на дигитализација во одредени сегменти, овозможена од бројните low-code / no-code алатки, што од друга страна ја намалуваат бариерата за „креирање“ со помош на софтвер, што пак директно ќе го зголеми бројот на креатори целокупно.
Во делот на кул и интересни работи, гледам зголемена свесност за подобар квалитет на живот од аспект на здрава исхрана, фитнес, ментално здравје и суплементи што во комбинација со сѐ уште малиот број на експериментални биохакери ќе придонесе за зголемен животен век (можеби повеќе во наредните 20 години).“
- Технологијата ќе го диктира начинот и темпото на живот
Игор Стаматовски е CEO & Co-Founder на Iborn.net. Тоа е брзорастечка и динамична компанија за развој на софтвер, која се обидува да ги реши проблемите користејќи информатичка технологија.
„Технологијата ќе го диктира начинот на живот и темпото со кое ќе станува сеприсутна, а сѐ повеќе незабележлива. Оваа симбиоза ќе биде трајна. Вештачката интелигенција ќе преовладува, уште сега генерираме огромни множества на податоци кои ќе треба да се обработат и од нив да се извади употреблива информација. Множествата од информации ќе бидат незаменлив дел од структурата на знаењата кои што ќе ги користиме во секојдневното живеење.
Формирањето и растењето на компаниите ќе биде невозможно без обликување на овие информации во системи за поддршка на одлуки и насоки во кои што ќе се движат. Amazon, Microsoft, Alfabet и Facebook се гиганти, кои веројатно ќе бидат регулирани од државите каде што оперираат. Новите кои што ќе ги заменат ќе се создадат на некои од платформите кои ги контролираат или поседуваат овие 4 колоси.
Пандемијата ни покажа дека човекот е ранлив и кревок, но исто така многу пргав и способен за тектонски промени и адаптации за многу кратко време. Апстрактното и системско размислување ќе бидат човековите карактеристики и предности за да го движат човештвото напред. Образованието и едукацијата се постојани. Економските модели и системи се некомпатибилни со дигиталните копии и начинот на дистрибуција на софтверски системи и платформи.
Најважната особина за човекот ќе биде да го издвои „шумот“ од вистинските информации и релеватното знаење, и да умее да се задржи фокусот во океанот од известувања и побарувањата на нашето внимание.“
Од предвидувањата на нашите претприемачи, заклучивме дека во следните 10 години очекуваме големи промени кои што ќе се случат на глобално ниво во бизнис светот, општеството, образованието и технологијата. Со целосна дигитализација и автоматизација на процесите, технологијата ќе го подобри, но и ќе го диктира нашето темпо и начин на живот.
Совладајте ги најбараните дигитални вештини на денешницата и отворете си го патот кон кариера каква што посакувате. Академиите на Brainster им помогнаа на многу студенти да ја направат посакуваната дигитална трансформација и да бидат во тек со промените кои што ги носи иднината.
Доколку сакате да станете дел од IT светот, разгледајте ги програмите кои што ги нудат Академиите на овој линк.
Прочитајте овде повеќе за успешните кариерни трансформации на нашите студенти.