Можете ли да замислите свет каде куцањето на тастатура повторно ќе биде работа ограничена само на неколку професии, како во времето на дактилографијата? Веројатноста дека  ќе дочекате таков свет повторно во догледна иднина, каде што акронимот QWERTY нема да има никакво значење освен можеби за хипстерите, е повеќе од голема. А како не би била кога, реално гледано, технологијата и трендовите се менуваат толку брзо што додека некои трендови да стигнат кај нас, веќе станале дел од минатото?

Последниве три-четири години сите зборуваа за видеото како формат кој ќе доминира врз сите форми на содржина во иднина. Сите беа опфатени со YouTube манијата и сите се трудеа да направат што поинтересна содржина за нивниот бренд или кампања. Речиси да немаше блогер(ка) или инфлуенсер(ка) коj(а) не се обиде да продуцира видео содржина. Видеото беше кралот и сите му се поклонуваа без приговор.

Некој во тој период да ви кажеше дека следниот формат за кој што сите ќе зборуваат е гласот, веројатно слатко ќе се насмеевте бидејќи тоа е како од телевизор да се враќате назад на радио. Сепак, со порастот на бројот на паметни звучници, виртуелни асистенти на мобилните уреди и нивната незабележлива, скоро органска интеграција во нашиот секојдневен живот, гласот повторно станува дел од нашето секојдневие.

Say My Name

Гласовните асистенти (Voice assistants) веќе неколку години наназад се обидуваат да го пробијат мразот и да станат повеќе од инспирација за мемиња и шегички. Како што технологијата сè повеќе напредува и како што се развива вештачката интелигенција, која работи во нивната позадина, така и гласовните асистенти стануваат сè подобри и покорисни. Од пребарување на интернет, преку менаџирање на календарот до нарачување на намирници, асистентите стануваат полека но сигурно наша десна рака во совладување на секојдневните обврски. Иако на почеток беа правени исклучиво за користење на мобилните телефони, асистентите полека мигрираат и на други уреди како паметни звучници (Amazon’s Alexa, Apple’s Siri, Google Assistant), компјутери (Microsoft’s Cortana) и телевизори (Samsung’s Bixby) и така ни олеснуваат одредени секојдневни обврски.

За разлика од користење на екран на допир, тастаура и маус, гласовната комуникација ни е природно вродена и е првиот начин на кој човекот почнал да комуницира. Самото користење не бара привикнување на кориснички интерфејс или некакво иницијално учење за користење на асистентите. Доволно е да го кажете нивното име и да им ја зададете командата или да им го поставите прашањето.

Од овој месец корисниците на Google Home паметни звучници можат да си прават шопинг листа и истата потоа да ја нарачаат, а локалниот огранок на Walmart истата ќе им ја испорача во најкраток можен рок или во време кое корисникот ќе го одреди. Бидејќи се работи за систем кој ќе ги користи податоците од вашите претходни купувања, доволно ќе биде да кажете на пример „леб“ а системот веќе знае дека лебот кој го купувате најчесто е на пр. интегрален од конкретен бренд.

Ова не е нова услуга на пазарот. Amazon Echo веќе нуди слична услуга со тоа што корисниците можат да нарачуваат сè што е достапно на Амазон онлајн продавницата. А од септември минатата година, на корисниците им овозможија да си направат дигитални корпи за производите од нивниот малопродажен ланец Whole Foods.

Dominos USA овозможува нарачките да ги правите преку сите можни канали: Facebook Messenger, Twitter, SMS, Slack, апликации на вашиот мобилен, таблет или паметен часовник или преку вашиот паметен телевизор. Сега е доволно да им кажете на Alexa или Google Home „една џамбо peperoni passion“ и истата ќе биде на пат до вас.

Проширување на услугите со таканаречени „вештини” (skills) дополнително ќе го збогати корисничкото искуство и ќе ја прошири функционалноста на звучниците. Alexa во моментов има нешто повеќе од 25 000 skills но брендовите сè уште доста внимателно и во мал број креираат нови. Купувањето кај повеќето од луѓето е сè уште повеќе сетилна активност и сè уште очекуваат да го видат производот пред да го купат. Но од друга страна, купувањето на секојдневни намирници кај повеќето од нас се одвива по автоматизам и веќе знаеме однапред што сакаме да купиме и тука лежи еден од потенцијалите на оваа технологија.

One Word

Со години наназад се научивме од нашите интернет пребарувачи да добиваме листа од линкови со надеж дека меѓу првите 10 се наоѓа она што го бараме. Но тоа не е иднината за која сите сонуваме и на која се надеваме. Иднината треба да биде како компјутерот на USS Enterprise каде што на секое прашање добиваме еден, совршено точен одговор. И ова е сосема логично очекување за паметните звучници и виртуелните асистенти бидејќи многу е тешко преку звук да ви излистаат листа од 10 линкови.

Но ова исто потенцијално значи екстремно намалена видливост за голем број на сајтови и локални бизниси. И тука лежи потенцијално голем проблем, а можеби и ренесанса, за SEO и интернет пребарувачи како Google. Со прилагодување на клучните зборови и фрази, плаќање реклами и слично, поголем број од сајтовите имаа можност да се најдат меѓу првите 10. Но со еден конечен одговор, работите драстично се менуваат. На пример, ако прашаме „Алекса, кој е најдобриот италијански ресторан во близина?“ и ако добиеме само еден резултат, тогаш останатите ресторани имаат голем проблем бидејќи листање на повеќе опции бара дополнителни гласовни команди, што претставува дополнителна работа и причина повеќето корисници да се откажат после првиот резултат.

Инаку доаѓање до само еден одговор не е воопшто лесна задача и вклучува повеќедецениско работење на развој на AI систем наречен True Knowledge. За разлика од интернет пребарувачите кои имаат за цел само да не насочат на конкретни линкови, True Knowledge има за цел да го разбере прашањето и неговиот контекст и да го даде конечниот одговор самостојно, без насочување кон некој надворешен извор на информација. Творецот на оваа технологија, Вилијем Тунстал-Педо, започнал со нејзино развивање уште во 1990-те во библиотеката на универзитетот Кембриџ. Она што на почеток изгледало како научна фантастика, денес стои зад Amazon Echo.

Turn Up The Radio

Драматични промени почнуваат да се случуваат и во начинот на кој луѓето почнуваат да конзумираат содржини. Пред неколку години за патување до работа биле најчесто користени моторни возила и јавен транспорт, но сепак навиките и тука полека но драстично се менуваат. Велосипедите, електричните тротинети и пешачењето стануваат сè почест вид на транспорт до работното место, а со тоа се менува и стандардното читање, скролање по социјални мрежи и гледање видеа како најчести начини за „скратување на времето“. Ако пред некое време акцентот беше на визуелното (видео, слика, графика) работите денес одат во сосема друга насока.

Сè поголем број на луѓе активно слушаат подкасти и сè поголем број книги се продаваат во аудио формат. За прв пат годинава поголем дел од новите наслови имаат повеќе оценки за аудио верзии отколку за електронски или печатени. А самите аудио книги повеќе не се само за оние кои возат долги релации на патот од дома до работа или често патуваат. Подкастите и аудио книгите стануваат исто така дел од таканаречен “Living room entertainment”.

Но не се само книгите она што полека мигрира кон аудио екосистем. Дневните весници, списанија и голем дел од веб страниците веќе имаат сопствени аудио верзии или користат платформи како Audm за да дојдат до поширока публика. Сервисот за дигитални списанија Zinio со најновите апдејти на нивната апликација почна да нуди опција за читање на содржини на глас (сè уште во бета фаза и не баш пријатна за уво). Но веќе е забележително дека повеќето медиуми полека но сигурно содржините ги прилагодуваат за време кога нашите невидливи, сеприсутни гласовни асистенти ќе лебдат околу нас и ќе ни пружаат информации и забава на барање со прецизност која веројатно ќе ги надмине и суперкомпјутерите од Star Trek.

Проценките се дека до 2020-та половина од пребарувањата на интернет ќе бидат гласовни, а стабилниот раст на пазарот на паметни звучници укажува дека технологијата сè повеќе ќе станува дел од нашето секоедневие. Подобрување на гласовните асистенти и вештачката интелигенција во нивната позадина дефинитивно на многумина од нас ќе им го олеснат животот. А содржините, особено пишаните, многу полесно ќе можат да се слушаат и со тоа полесно да дојдат до многу поширока публика.

Related Stories For You

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.