Голем дел од луѓето сонуваат за можност да завршат факултет и да почнат да работат по струка, особено кога се работи за општествени науки. Елизабета Илиева од Велес, по дипломирањето на смерот Надворешна трговија на Економски факултет веднаш почна да работи во една државна институција. Сепак после некое време сфати дека работата не ја исполнува и дека кариерата која ја одбрала не и нуди можност за раст и развој кој што го бара. На 27 години реши да направи целосен пресврт во нејзината кариера и се запише на Академијата за програмирање. Една година по запишувањето на Академијата работи како Junior backend engineer во doXteam, еден од нашите партнери, и вика дека е ова една од најдобрите одлуки што ги има направено во животот и едвај чека да види во која насока ќе се движи нејзината понатамошна кариера.

Уписите за Академијата за програмирање се во тек. Доколку размислуваш за слична промена на кариера целата програма и сите детали за академијата можеш да ги прoнајдеш тука.

Елизабета, економист си по струка а тоа ти беше и првата работа. Повеќето луѓе, особено од општествени факултети, сонуваат за можност да пронајдат работа по струка веднаш по дипломирањето. Ти сепак реши дека тоа не е кариера за тебе и реши да се префрлиш во сосема други води. Од каде интерес за програмирање и вакво пренасочување на кариерата?

Желбата за програмирање може да се каже дека сум ја имала уште од мали нозе. Наместо да си играм со играчките, како сите деца, јас уживав во тоа да ги расклопам и одново да ги составам. Ме интересираше која намена ја има секое мало делче од целосниот производ. Колку беше покомплицирано составувањето, толку повеќе ме исполнуваше. Исто така, кога почнавме да играме компјутерски игри, отсекогаш ме интригираше она што се случува „од другата страна“ или зад убавите интересни шарени бои од графиката на игрите.

Од денешна перспектива, сега сфаќам дека можеби и тоа се почетоците на моите афинитети кон програмирањето, инженерскиот ум и желбата да се расклопат играчките и да се види што некој направил за тој производ да функционира така или желбата да видам што се крие зад компјутерскиот монитор, кои кабли биле поврзани или кои формули биле употребени за јас како играч да добијам готов производ.

Се до пред извесно време работев на струката. Без да навлегувам подлабоко во причините поради кои решив да ја сменам професијата, да потенцирам дека дури и при изборот на факултет се двоумев меѓу Економски и Информатика, но сепак иако во тој одреден период од животот љубовта кон економијата преовлада, сепак со текот на времето, увидов дека ова е секторот кој ми нуди можност за раст и развој од типот каков што барам и ми одговара.

Многу од луѓето кои се пријавуваат на академијата ссе наоѓаат во недоумица дали програмирањето е професија за нив или не. Сметаат дека за програмирањето треба да се има „математичко/аналитички ум“ и дека не е професија за секого. Што мислиш за ова? Дали и ти имаше страв од програмирањето претходно и дали имаше некакво предзнаење пред да се запишеш на академијата?

Се согласувам дека човек треба да има математичко/аналитичко ум, но во секој случај, добро е и секој човек да го проба програмирањето. Многумина ќе се изненадат од сопствениот талент. Признавам дека, и мене, пред да пробам да програмирам, зборот програмирање ми звучење толку застрашувачки, толку моќно, како да се работи за „квантна физика“ или работа во НАСА. Сепак, излезе дека дури и страшното „програмирање“ може да се совлада со малку талент, но многу секојдневна работа.

Инаку сето мое претходно искуство се темелеше на гледање Youtube туторијали, кои, иако од корист, понекогаш и знаеја да ми одмогнат. Тоа е исто како кога сте учеле да возите со помош на член на семејството, па кога ќе земете часови за возење со инструктор, некои инструкции ви ги даваат на поинаков начин. Сето ова може да делува збунувачки на почеток, но на крајот на краиштата, добро е да се знае повеќе од еден начин за извршување на одредена задача.

Колку време ти требаше да стигнеш од апсолутен почетник до програмерка која знае да се снајде сама или барем знае како точно да побара помош од поискусните колешки и колеги?

Може да се рече дека програмерката во мене се раѓаше во текот на една година. Или, можеби програмерката се роди и за 5-6 месеци, но дури по една година проодев самостојно (како и сите бебиња, нели ☺). Во секој случај, верувам дека и овие бројки се само индикативни и дека се е индивидуално, некому ќе треба помалку време за истиве процеси, некому подолго. Важно е, на тие што чувствуваат дека им оди побавно од другите, да не се откажуваат, ако нешто ги влече кон компјутерското столче и биро секој ден за да се занимаваат со учење нови работи, тогаш програмерот во нив се крие со сигурност, само нека бидат трпеливи и нека му дадат време за да се покаже на виделина.

Кои се работите кои најмногу те мотивираа за да истраеш во целиот процес на започнување на новата кариера? Кои се твоите навики за кои мислиш дека најмногу ти помогнале да успееш да ја направиш оваа трансформација во кариерата?

Овде не се работи толку за навики, колку што се работи за карактерни особини. Како што наведов и погоре, јас сум од оние типови луѓе кои се стремат кон раст и развој, на кои им се потребни нови предизвици, па оттука и ме привлече курсот на Брејнстер. При целиот процес на учење и донесување клучни животни одлуки за преквалификација во кариерата, со сигурност ќе кажам дека ме мотивираа сите кои веруваа во мене, меѓу кои се и инструкторите од Брејнстер. Непроценливо е чувството кога ќе добиеш позитивен фидбек од некој кој знаеш дека е веќе докажан во професијата, токму тоа нивно охрабрување ме водеше напред во многу моменти на недоумица.

Што најмногу ти се допаѓа во новата професија? За какви проекти сонуваш во иднината?

Ми се допаѓа ентузијазмот и желбата за работа што ги читам во очите на сите луѓе кои ги запознав преку оваа професија. Тоа е нешто што силно ме мотивира и исполнува, кога гледам околу себе луѓе кои се свесни дека со својата работа можат многу да придонесат за општеството, за животот во оваа наша земја или и пошироко, да не звучи како клише, ама тоа се луѓе кои знаат дека може да го сменат светот.

За крај, што би им порачала на други жени кои се размислуваат дали да направат сличен чекор како тебе?

Ако е програмирањето професија на иднината, како што често се зборува денеска, а многу од нас сметаат дека феминизмот ни оддалеку не е минато, им порачувам на што е можно повеќе девојки/жени/дами (без разлика на која возраст сме), да ни се придружат во професијата програмерки. Ако сакаме нешто да промениме, да програмираме апликации кои ќе задоволат одредени наши потреби или ќе ни го олеснат животот, мора сами да го направиме тоа, а не да чекаме од другиот пол.

Доколку размислуваш за промена или започнување на нова кариера, разгледај ги програмите на нашите академии: Академија за програмирање, Академија за Data ScienceАкадемија за дигитален маркетинг и Академија за дизајн. Уписите се во тек.