Платформа за женски патувачки авантуристи

За денешниот Производ на денот решивме да ви ја претставиме Magpie – онлајн платформа за девојки и жени кои патуваат и се заинтересирани да запознаат девојки со слични интереси.
Доколку станете член на Magpie, ќе имате можност да уживате во патувањата, да градите пријателски врски, да добивате совети при посета на посакуваната дестинација, да имате приватен водич или пак да уживате во женско друштво додека го пиете попладневното кафе. За возврат можете да понесете со себе мал подарок со кој ќе ја изненадите новата пријателка, да ги научите неколку зборови на вашиот мајчин јазик или да одберете начин на кој би ѝ се заблагодариле на вашата пријателка во вашето родно место.
Се што треба да направите е да селектирате дестинација која сакате да ја посетите и потоа да одберете личност која најмногу одговара на вашите интереси и активности за време на патувањето.
Идејата за Magpie настанала од потребата да се доживее светот и да се научат нови информации при секое патување. Без разлика дали сакате да ги намалите трошоците при патувањето, заинтересирани сте за културата и случувањата во дестинацијата која ја посетувате или едноставно заради претпазливост може да ја користите оваа платформа.
Дури и самото име за апликацијата е одбрано токму да ја претставува нејзината намена. Magpie (страчка) е паметна и дружељубива птица која не се плаши да истражува, сака авантура и не ѝ пречи да го размени своето гнездо со останатите птици. На овие принципи е поставена и самата платформа. Сите членови на тимот кои ја создале оваа платформа зборуваат по неколку јазици, живееле на 5 континенти и посетиле повеќе од 50 земји. Тие веруваат дека секој може да создаде значајно искуство при секое патување и да го види светот низ очите на локалните граѓани. Кога ќе се решиме да ги рашириме своите крилја и да истражуваме – сѐ е можно.
Па девојки, би сакале да ве прашаме – која дестинација би ја одбрале за следно авантуристичко патување и кои филтри би ги пребарале за да ја пронајдете личноста која можеби ќе ви стане најдобра пријателка?
„Производ на денот“ е серијал текстови од македонскиот стартап Brainster кој гради заедница каде што секој ќе може да учи и да сподели практични вештини. Ако ви се допадна овој пост, посетете го блогот на Brainster. Ако ја поддржувате оваа иницијатива споделете со пријателите.
Среќно,
Brainster заедницата