Популарноста на дигиталниот маркетинг на која сме сведоци изминатава декада лежи меѓу другото во достапноста на алатки и платформи кои ни овозможуваат полесно и поевтино да стигнеме до посакуваната публика.

Сепак, и покрај тоа што современиот маркетер владее голем број од нив, во неговото портфолио мошне често фали една алатка без која маркетинг активностите не можат да се наречат комплетни.

Тоа е бесплатната алатка на Google, наречена Google Analytics, која дава неверојатно длабок, но лесно разбирлив увид во ефектите на вашите маркетинг активности.

Повеќе за оваа алатка, која е најдобриот дигитален пријател на маркетерите можете да дознаете преку овој блог-пост или на нашето бесплатно онлајн предавање Вовед во Google Analytics.

Што е Google Analytics?

Google Analytics претставува дигитална платформа креирана од Google, со помош на која можете да ги следите сите активности на вашата веб-страница и да дознаете многу работи за вашите посетители, за квалитетот на содржината што ја објавувате и за ефектот на маркетинг активностите кои ги преземате.

Како функционира?

Со мошне едноставно поставување на код на вашата веб-страница, вие веднаш можете да почнете да следите во живо што се случува на веб-страницата. Колку посетители има, како стигнале тука, на која возраст се, колку време остануваат и кои страници ги отвораат, дали се регистрирале или купиле нешто и многу други работи.

Што можам да дознаам во Google Analytics?

Audience report

Кои се луѓето што доаѓаат на вашата веб-страница? Колку луѓе дошле, колку се задржале, на која возраст се, каде живеат, дали се прв пат на страницата, од каков уред пристапуваат и така натаму.

Овој извештај ќе ви открие многу за вашата публика и ќе ви помогне да го прилагодите корисничкото искуство. На пример, ако видите дека 60% од вашите посетители пристапиле од мобилен (мошне веројатно) и дека оние 40% што пристапиле од десктоп многу повеќе се задржуваат на сајтот, добри се шансите дека вашата страница не е соодветно прилагодена за прегледување на мобилен.

Acquisition report

Како посетителите стигнале на вашата веб-страница? Дали ве нашле со пребарување на Google, дали стигнале преку линк што го виделе на Facebook, дали кликнале на линк кон вашата веб-страница што некој друг го поставил и сл.

Овој извештај ќе ви помогне да дознаете кој е каналот кој носи најмногу посети кон вашата страница, односно која ваша активност носи најмногу кликови. На пример, ако вашата објава на Instagram донела повеќе кликови кон вашиот сајт и поголем процент продажби од онаа на Facebook, ќе знаете дека со пренасочување на поголем дел од буџетот кон Instagram ќе остварите поголем приход по однос на вложеното во рекламата.

Behaviour report

Што прават додека се на страницата? Кои содржини ги отвараат, на која од нив најмногу се задржуваат, кои типови на содржина предизвикуваат најмногу интерес и слично.

Овој извештај ќе ви помогне да дознате која од содржините што ги креирате се најинтересни за публиката. Доколку имате страница со продукти на продажба, тогаш може да дознаете кој продукт најчесто го гледаат посетителите, но и да пронајдете корелација со други продукти кои ги гледале во комбинација со него – па можеби да ги понудите во пакет.

Goals & Conversions

Можете да поставите цели кои сакате посетителите да ги остварат додека се на вашата веб-страница (да купат нешто, да се регистрираат, да направат нарачка, да побараат понуда) и да мерите колку конверзии (остварени цели) се случиле на вашата страница.

Овој извештај, покрај тоа што ќе ви помогне да видите колку продажби или регистрации се случиле на вашата страница, во корелација со претходно споменатите извештаи може да ви покаже и кои се потрошувачите кои купиле нешто и која ваша маркетинг активност го донела купувачот на вашиот сајт.

Remarketing и similar audince

Овие две работи, заедно со мерењето на ефектите од маркетинг активностите се веројатно најважните придобивки на дигиталниот маркетинг. Remarketing е можност за прикажување на ваша реклама на луѓе кои веќе дошле на вашата веб-страница, односно покажале интерес за вашиот продукт. Оваа опција ќе ви биде достапна ако со помош на Google Analytics ги „собирате“ во посебна публика сите оние кои дошле на вашата веб-страница или виделе одредена содржина на неа.

Исто така, по креирањето на одредена публика на Google можете да му кажете да ја прикаже вашата реклама на луѓе со слични интереси со оние на собраната публика. Уште поважно, ако во една публика ги соберете сите што купиле нешто на вашата страница, со помош на similar audience опцијата можете да го искористите алгоритамот на Google за да ја прикажете рекламата на луѓе со слични интереси на нив, а тоа се луѓе за кои постои поголема веројатност дека исто така ќе го купат вашиот продукт.

Имајќи го сето ова предвид, и фактот дека оваа алатка е комплетно бесплатна и лесна за ставање во употреба, навистина нема оправдување за некористење на Google Analytics за да ги мерите резултатите од вашето дигитално присуство.

Ако сакате да дознаете уште повеќе за Google Analytics, тогаш топло ви го препорачуваме нашето бесплатно онлајн предавање: Вовед во Google Analytics.

Како до 1.000.000€? 🤫