Креативнa и кога спие – Маја од курсот за Adobe Photoshop

Пред некој месец организиравме контест каде што сакавме најдобриот дизајн со помош на алатки во Photoshop, да победи. И би Маја! На Instagram ќе ја најдеш како @percalus, па ќе сфатиш зошто.

Маја, беше дел од курсот за Аdobe Photoshop. Студираш на Финки и си една од најкреативните личности што ги имаме запознаено! Како влезе во светот на креативноста, кое е твоето искуство со дизајн и фотографија?

Прво, фала на убавите зборови!
Во светот на креативноста би можела да кажам дека сум навлезена многу одамна, најверојатно кога имав 5-6 години и многу се восхитував на една слика – масло на платно. Во мене го будеше чувството да станам креативна така што би започнала да цртам, и би можела да ја изработам истата! Низ годините, се обидував на секаков начин да ја разбудам и зголемам мојата креативност, да ја полевам како на цвеќе што му е потребна вода за да порасне и да создаде прекрасни цветови. Цртав многу, обидувајќи се на парче лист хартија да ја истакнам мојата фантазија. Потоа започнав и со Photoshop (имав само 13 години кога се ,,запознав’’ со таа апликација!) преку кој започнав да се усовршувам во дигитален артворк. За зголемената креативност придонесоа и исчитаните книги на Хемингвеј, Достоевски и Иво Андриќ и ред други писатели на кои им се воодушевувам. Читајќи ги нив откривав нови светови кои ми помогнаа да ја развијам креативноста. Благодарение на неа, во спој со фотографијата, на 16 години отворив мал проект насловен Instagraphytk – малечко место за сите љубители на добра фотографија и доза инспирација за креативност. 

По една година работа со тогашниот тим, успеавме да направиме одлична фото изложба за инстаграмџии и сите љубители на фотографијата, која беше доста посетена. Од постер за бизнис часовник за програмата на моето средно училиште во Загреб, студиите на ФИНКИ каде дизјнирав за Студентскиот Парламент, до можноста да бидам главен дизајнер на Саемот за Вработување и Пракса – КОНТАКТ.. започнав да се занимавам посериозно со дизајн. Моментално работам на дизајните за NASA SAP Macedonia.

А кога станува збор за фотографија… мислам дека би зборела со саати без престан!

“Обожавам портретни фотографии, кога ,,ставаш печат’’ на времето, и ја фотографираш личноста без да биде свесна за тоа. Едноставно го ловиш моментот, чувствата и емоциите. Бесценети се тие моменти.”

Имав можност за првпат да фотографирам на Фестивалот за независна музика ЗЕМЈОТРЕС во МКЦ, потоа на концертната промоција на бендот НЕМА ЛАБАВО, како и да бидам во соработка со неколку фотографи од кои научив многу.

Дефинитивно ти следи успешна дизајнерска кариера! 🙂 Инаку, твојата фотографија обработена во Photoshop победи на натпреварот што го организиравме, па заслужено си го обезбеди местото на курсот за Photoshop. Како си помина на курсот?

Искрено, не ни очекував да обезбедам место на курсот за Фотошоп!
Си поминав одлично! Атмосферата беше супер, дружељубезноста од страна на тимот на Brainster како и на учесниците ми се допадна многу! Комуникацијата беше одлична, а и инструкторот Кирил знаеше како да го направи времето интересно. Би сакала повторно да присуствувам и на други курсеви.

Фотографијата со која Маја беше дел од дизајн натпреварот кој го организиравме.

Како што спомна погоре, кога дојде на курсот за Photoshop веќе имаше предзнаења и работено во овој програм. Што научи ново?

Научив доста нови работи. Пример, како по скратен пат да отворам нов прозорец за ја променам бојата на тоа што не ми се допаѓа, бидејќи искрено, не сум седнала онака, и да си кажам на себеси ајде сега да научам како по скратена верзија со помош на само crtl, alt и уште некоја буква од тастатурата да отворам нови прозорци кои ќе ми помогнат во побрз процес за да едитнам некоја фотографија или пак некој минималистички дизајн. Посебно ми се допадна тоа што научив и нови трикови (кои нема да ги откријам сега), и кои знам дека ќе ги применувам доста во идните проекти.

Секој успешен дизајнер има по некој трик во ракав кој не го споделува! 🙂 Од каде црпиш инспирација? Откри ни некој омилен илустратор/дизajнер!

Инспирацијата знае често да ми дојде од слушање на некој пост рок албум, загледана во изгреј/зајдисонце навлегувајќи во сопствен свет. Или пак читајќи некој нов дел на Дилан Дог, или пак можеби од некоја сцена произлезена низ улиците на Скопје… а може малечка креативност некогаш да испадне и од оној момент кога ти е претерано досадно и си свесен дека мораш да направиш нешто.

Исто така, често посетувам некои веб страници за дизајн или пак почесто гледам видеа на јутјуб, каде може да заседнам и со саати, бидејќи ме интересира и си викам ,,можеби можам подобро, let’s try!”.
Често ги следам Digital Synopsis бидејќи споделуваат доста интересни постови околу дизајнот, а знаат и често да споделат со читателите free фонтови, на кои, морам да признаам сум љубител и имам огромна колекција на фонтови!

Иако не се илустратори, ниту пак дизајнери, сепак би сакала да ги спомнам Peter Mckinno и Sorelle Amore кои ми се секојдневна доза на инспирација за користењето на Фотошоп како и добивањето на нови идеи.
Прво, би сакала да спомнам дел од македонските илустратори и дизајнери на кои им се воодушевувам многу со она што го создаваат и споделуваат, а тоа се Алек Илиевски, потоа DreadPen, Дејана Петрушевска уште попозната како foreground.totebags, па Варвара Николова (va.dot), A.Здравеска(попозната уште како a_zdr на Инстаграм)… Потоа, Cody Weiler бидејќи изработува доста интересни минималистички илустрации, како и на Francis Scialabba кој знае често да изненади со своите креации.

Related Stories For You

НОВО | Академија за DATA ANALYTICS и Академија за SALES 👉 👉