За да дознаеш зошто криптовалутите се толку посебни мора да разбереш како функционираат и од технички и од економски аспект. Запознај го Мартин, инструктор на курсот за Bitcoin и криптовалути! Со криптовалутите се запознава во 2013-та кога го истражува Dark Web и оттогаш повеќе не е истиот.
Кој е Мартин, кога не е професор?
Одма со најтешките прашања. Голем дел од денот поминувам на Економски факултет. Сакам да работам со студенти и сакам да работам на научни истражувања. Тоа е интегрален дел од мене и на некој начин го носам со себе дури и кога не сум во кабинет (или на час).
Надвор од тоа интересите ми се прилично шарени. Ќе издвојам три:
Патувања. Што подалеку толку подобро. Долго време бев фокусиран на Азија, но во последно време нешто ме влече накај Антартика.
Добра храна. Во потрага сум по најдобриот бургер. Дефинитивно не е во Скопје. Засега води Kua ‘Aina во Лондон, а одма зад петици е Hood Burger во Љубљана.
Спорт. Конкретно бразилско џиу џицу. Тоа е една долга, дооолга приказна за другпат.
Инструктор си на новиот курс за Bitcoin и криптовалути. Што претставува овој курс, што ќе научиме?
Прв пат слушнав за биткоин во 2013-та година. Ми звучеше чудно, но интересно, па си реков ај да проверам за што станува збор. Биткоин ми личеше на еден неелегантен обид да се понуди алтернатива за парите. Но суштината позади целата таа крутост беше магична. Некој го пронашол клучот за едно целосно нов виртуелен свет.
Курсот за криптовалути е резултат на повеќегодишна пасија за стекнување на знаење и шест месеци на интензивни подготовки за реализација. Со него ќе ја научите едноставната суштина на криптовалутите која се крие позади магловитите технички изрази. Ќе научите зошто се вредни, а сепак не се пари. Ќе се стекнете со знаење кои ќе ви овозможи сами да ја откривате вредноста на сите криптовалути што постојат. И што е најбитно, ќе се забавувате.
Како наједноставно да разбереме што е Blockchain?
Секој ден, во многу активности, си имаме работа со посредници. Сакаме да платиме сметки? Одиме во банка. Сакаме да заминеме на одмор? Одиме во туристичка агенција или на сајт како Booking. Сакаме да гледаме некое видео? Ни треба Youtube или Netflix.
Овие физички и онлајн „посредници“ се неопходни за поефикасно функционирање на секојдневнието. Замислете само да требаше пред одмор да стапите директно во контакт со секој хотел посебно (телефонски или преку веб). Без „посредник“ немаше да постои друг начин да проверите дали сместувањето е по цена и услови кои ви одговараат.
Тука започнува блокчеин муабетот. Блокчеин заедно со целиот систем изграден околу него е можност на практичен начин да се заобиколат „посредниците“. Притоа не само што би се задржала, туку и би се подобрила ефикасноста на секојдневно живеење.
На кој сè го препорачуваш курсот?
Има за секого по нешто. Обрнуваме внимание и на техничките и на економските и на практичните аспекти на криптовалутите. Програмата и предавањата се креирани со цел да им овозможи пристапност на криптовалутите на широк спектар на поединци. Досега интерес пројавиле љубопитни ентузијасти, рекреативни инвеститори, програмери и претставници од банките.
Што ќе понесат со себе учесниците по завршувањето на курсот?
Штотуку заврши првиот курс. Учесниците дефинитивно понесуваат со себе знаење и добро расположение. Но да не речете дека сум субјективен, ќе ги оставам самите учесници да раскажат како си поминале.
Ако сакаш да бидеш дел од следниот курс, види ја програмата тука.