Имам впечаток дека изминативе неколку години сите станаа програмери. Пред некој ден видов еден твит кој ме потсети на оваа констатација, „Камен да фрлиш на улица, програмер ќе погодиш“. Дека дигитална трансформација веќе не е само фраза која ја среќаваме по списанија како The Economist, Wired или Fast Company, го потврдува и фактот дека годинава во Македонија за прв пат IT индустријата ја надмина традиционално првата – земјоделие. Побарувачка за кадри во IT секторот е толкава што скоро сите мои пријател програмери буквално на дневна основа одбиваат барем две конкретни работни понуди.
Кога некој ќе спомне кариера во IT индустрија, првата асоцијација кај скоро сите е програмирањето. Кај повеќето луѓе преовладува став дека програмирањето не е за секого и дека не можат сите да станат програмери. Еден куп успешни приказни на нашиот блог го побиваат овој мит. На Академиите за програмирање во Brainster до сега имавме луѓе од најразлични профили. Имавме царински застапник и инженер по прехранбена технологија, службеник во администрација, средношколец, банкар и многу други. Сите покажаа дека се’ што е потребно за успешна промена на кариера е храброст и упорност.
Но не е само програмирањето тоа што може да ви обезбеди успешна кариера во IT секторот. Постојат и други професии кои носат подеднакво атрактивна плата и работни услови, а не бараат од вас способност да пишувате код. Изминативе година дена поминав неколку курсеви online и во Brainster токму со намера да видам дали е воопшто можно и колку е тешко да се започне кариера во IT без да си програмер. Искуството беше навистина позитивно но дефинитивно можам да кажам дека, како и за се друго, и во овој случај мора да вложиш конкретен напор. Нема брз начин за започнување нова кариера, но никогаш не било полесно и поисплатливо да го направиш тоа. Ова е листа од неколку моментално најбарани професии за кои не ти е потребно никакво програмерско предзнаење.
QA – Quality Assurance Tester
Прв на листата од причина што во моментов е една од навистина барани професии во IT секторот. Речи си и да нема домашна или странска tech компанија која не гради сериозен QA тим. Главната одговорност на некој што работи QA е да ги следи сите фази на развивање на софтвер или сервис и да се грижи истите да исполнуваат одредени стандарди пропишани од компанијата или клиентот за кој се развива продуктот. Бидејќи развивање на софтвер или сервис знае да биде доста скапо, неопходно е некој во секоја фаза да врши контрола и тестирање за да се избегне пробивање на рокови или пуштање на нецелосен и нефункционален продукт.
Дел од одговорностите на QA подразбираат: креирање на планови за тестирање, развивање на стандарди и процедури за одредување на квалитетот на продуктот и негова спремност за објавување, откривање на багови во софтверот, вршење на мануелно и автоматизирано тестирање, проверка на корисничкиот интерфејс за конзистентност и функционалност.
QA најчесто се работи in house, со полно работно време, но доста често се отвораат и remote позиции. Просечна почетна плата за QA тестер изнесува некаде околу 500 евра. За стекнување на титула QA тестер не се потребни специјални сертификати или лиценци, но треба да поминете обука. Постои навистина голем број online курсеви кои можат да ви помогнат да ја започнете вашата кариера во QA за неколку дена или неколку месеци. Во случајов важи златното правило „што е брзо, тоа е кусо“ и мој совет е да ги избегнувате сите брзи и лесни решенија бидејќи на крајот од денот, пред да се вработите некаде како тестер, ќе мора и сами да поминете тест на спремност за работата.
Во текот е запишување на мартовска група на Академијата за Software Testing. Целата програма можеш да ја пронајдеш тука.
SEO – SEO специјалист
На курсот по SEO во Brainster прв пат ја слушнав фразата „Лешот ако го скриеш на втора страна на Google пребарувачот, никој никогаш нема да го најде“. Во време кога алгоритмите на пребарувачите стануваат се пософистицирани и кога истите буквално се менуваат од ден за ден, никогаш не било поважно да се познава логиката која стои позади рангирањето на сајтовите. Токму тоа го прават луѓето кои работат SEO.
Иако доста често се врзува за дигитален маркетинг SEO е сепак дисциплина за себе. Главната работа на SEO специјалисти е да комуницираат со девелоперите, дизајнерите и креаторите на содржини како најдобрите моментални практики би биле имплементирани на сајтот или апликацијата на која работат. Прават анализи на клучните зборови кои корисниците ги користат за пребарување и истите потоа им ги даваат на креаторите на содржини како сугестии за теми кои би можеле да привлечат органски посети на сајтот. Прават анализа на линкови кои директираат сообраќај до сајтот и внимателно следат дали истите влијаат на рејтингот на истиот. Дел од одговорностите подразбира и следење на аналитика на сајтот како и анализа на PPC кампањи.
Во моментов на Upwork има над 130 илјади огласи за freelance SEO специјалисти. Саатниците се движат помеѓу 15 и 30 долари а топ 10% од експертите во областа зимаат 60+ долари на час. Кај нас SEO специјалисти се најбарани во секторот на дигитален маркетинг и почетна плата се движи околу 500 евра. На Академијата за дигитален маркетинг дел од програмата е и SEO. Бидејќи се работи за за комплексна професија која бара пошироко познавање не само на маркетинг туку и на Google Analytics битно е учењет да се помине преку работење со вистински сајтови и клиенти. Користење на SEO алатките е возможно само во реални сценарија и тие причини скоро е и невозможно да се стекне практично искуство во домачни услови.
Уписите за наредните групи на Академијата за дигитален маркетинг се во тек. Целата програма можеш да ја пронајдеш тука.
WordPress админ
Прво со години бев убеден дека поради фактот дека се работи за бесплатна, open source платформа WordPress сигурно не чини. Сфатив дека е повеќе од функционален и дека некои од најпопуларните сајтови кои ги посетувам се направени токму во WordPress. Потоа мислев дека треба да си девелопер за да можеш да направиш WordPress сајт за да дојдам на курс и конечно да разберам зошто е ова убедливо најпопуларна платформа за креирање а сајтови, управување со содржини и online трговија.
Како WordPress админ знаеш како брзо и лесно да го подесиш серверот, да инсталираш тема, да ја прилагодиш и да создадеш целосно функционален сајт. Знаеш како да додадеш нови функционалности на сајтот или да ги прошириш постоечките преку инсталирање на соодветни плагини и нивното конфигурирање. Мене ми беа потребни 6 часа за да научам како да создадам целосно функционален сајт и да го прилагодам неговиот оригинален изглед во нешто сосема поинакво. Совладување на основите оди брзо, потоа е само пракса и спремност за учење и следење на нови плагини и трендови кога се работи за WordPress. А доколку научиш да користиш Elementor или Divi креатори на страници тогаш можеш да создаваш целосно нови сајтови од нула.
Како freelancer почетник WordPress админ може да заработува и до 20 долари на час. Доколку пак најде работа во некоја компанија како админ, тогаш почетната плата може да се движи помеѓу 500 и 600 евра. Во овој случај freelancing секогаш останува како извор на дополнителен хонорар.
На страницата на Brainster стално се закажуваат нови курсеви за WordPress. Доколку те интересираа оваа кариера провери го распоредот на наредните курсеви тука.
Scrum Master
Пред да отидам на курсот за Scrum методологија во Brainster за истата не знаев скоро ништо. Знаев дека има врска со менаџирање на IT тимови кои работат на некаков продукт. Мислев дека е исклучиво наменета за програмери за да можат поефикасно да си ја вршат работата. На првиот час отидов од чиста љубопитност и целосно спремен дека ќе умрам од досада. Да бидеме искрени, менаџирање на проекти и продукти не звучи премногу возбудливо и интересно. Long story short, после 5 часа на курсот цел ѕид во мојата работна соба е излепен со дефиниции, cheat sheets и цитати од The Scrum Guide што е сигурен знак дека се спремам за полагање на испитот за стекнување на Professional Scrum Master сертификат.
Scrum Master е некој што се наоѓа во улога на посредник помеѓу клиент и тимот кој работи на одреден продукт. Се грижи тимот да воспостави добра самоорганизација и се грижи работата да се заврши на време без давање одговорност, задачи или инструкции на секој член на тимот посебно. Добра работа кај Scrum е што не е наменет само за IT компании. Овој стил на менаџирање е применлив скоро секаде (ќе сакате да кликнете на линкот за да се насмеете). Кај нас сеуште го бараат само IT компании и тоа во многу поголем број него пред неколку години.
Scrum Master за среќа или жал, зависи како гледате на работите, не може да биде секој. Реално секој може да полага за сертификат (кој е неопходен за да можете во вашето CV да ја ставите титулата) ама сепак бара одредени лични карактеристики кои не се учат од прирачник. Емпатија, способност за разрешување на конфликти, транспарентност, желба за континуирано подобрување се само некои од карактеристики кои мора да ги има добар Scrum Master. Во IT заедницата исто така постојат два мислења за тоа кој може да води Scrum тим во tech компанија. Едните викаат дека тоа може да биде само некој што веќе има работено како девелопер и ги разбира сите проблеми при развивање на еден таков продукт, другите пак викаат дека може да биде секој кој е спремен да учи. Праксата покажува дека другото мислење е во право и дека не e нужно да слушате совети на луѓето од индустријата околу ова прашање.
Кај нас се’ повеќе се бараат Scrum мастери и тоа е добар показател дека индустријата созрева и дека се’ повеќе се работи на сериозни продукти. Нивната просечна нето плата во Македонија изнесува 52 илјади денари. Во странство, бројките се многу поинспиративни…