Овој текст е дел од серијата лекции „Како до успешна кариера 101“.
Денес, повеќе од било кога, шансите се големи дека ќе се одлучиш да основаш свој стартап.
И тоа нема воопшто да биде лоша одлука. Без разлика дали конечно се реши да се посветиш на изработка на апликацијата без која знаеш дека нема да можат луѓето да си го замислат животот за 10 години или да ја отвориш продавницата во која ќе ги продаваш твоите дизајнерски парчиња изработени од органски памук.
Стартап сцената е во неверојатен подем, како во светот, така и кај нас, а ти доколку си сигурен во своите вештини и искуство, сега е вистинскиот момент да го направиш големиот чекор за кој оддамна се спремаш, а кој наеднаш не изгледа толку невозможен и огромен.
Но, се разбира, пред да донесеш било каква „огнена“ одлука, нема ништо да изгубиш ако го размислиш убаво и најмалиот чекор во процесот и ако ги разгледаш сите (не)основни прашања и совети кои светот на искусните има да ти ги понуди.
Не го прави тоа за парите
Цел живот знаеше дека оние кои имаат свој бизнис имаат и многу пари. Но денес тоа воопшто не е правило, сè повеќе луѓе имаат свој блог, на страна од нивната регуларна работа или мобилна апликација на која работат веќе некое време. Не заборавај дека, без разлика колку време ќе посветиш на твојот нов бизнис, најверојатно ќе треба да поминат повеќе месеци додека почнеш да заработуваш повеќе од што вложуваш.
Научи да го сакаш својот бизнис затоа што тоа е твојата пасија и тоа што навистина сакаш да го правиш, не затоа што преку тоа можеш да се збогатиш. Доколку вложиш доволно труд, парите ќе почнат да доаѓаат.
Сподели со светот
Ќе се изненадиш ако дознаеш колку малку луѓе се заинтересирани и имаат време за да ја украдат твојата идеја, затоа не ја чувај како државна тајна. Да работиш на нешто сосем сам, без тим или вработени, е неверојатно тешко. Затоа излези и запознај се со оние кои работат нешто слично на тоа што го правиш ти, запознај се со стартап заедницата. Во одреден момент ќе сфатиш дека некогаш и ручек-состанок може да биде многу попродуктивен и поважен од 15 часа работење. Можеби на овој начин ќе го најдеш менторот кој толку време го бараше или партнерот кој сè уште не знаеш дека ти треба.
Не се посветувај премногу
Колку повеќе работиш, толку повеќе добри шанси ќе се појавуваат, и пред да приметиш веќе си се нафатил на 20 различни проекти, што значи дека во денот ќе имаш само 4 часа за спиење. Повлечи линија додека не е предоцна и одлучи колку време во денот (и животот) можеш да одвоиш за твојот нов стартап и колку часа сон ти се потребни за да функционираш нормално.
Да, некои викенди сепак ќе треба да ги поминеш работејќи, и да, ќе се фатиш себеси како одговараш мејлови од плажа, но вреди. Посвети се на својот бизнис, но не дозволувај да прегориш брзо и да си го уништиш здравјето.
Научи да бидеш трпелив
Големи се шансите првата година од твојот бизнис да биде не-баш-успешна, но не дозволувај тоа да те демотивира, сосема е нормално. На повеќето им требаат околу 4 години за да стигнат на местото каде мислеле дека ќе бидат после само една година, без разлика колку квалитетно и колку многу работеле. Можеби звучи клише, но не се станува успешен преку ноќ.
По патот ќе налеташ на многу причини кои ќе звучат доволно големи за да се откажеш, но биди реалистичен, истражи и ќе видиш дека сите големи компании поминале низ истото на почетокот. Сите треба да поминат (да издржат) низ одреден период на инвестиција, за некои тој ќе трае подолго од кај другите, само за да може еден ден да почнат да заработуваат. Не се предавај прерано.
Изгради успешна кариера, регистрирај се на kariera.brainster.co и добивај ги најдобрите огласи за работа, во твоето e-mail сандаче!
Brainster Кариера и Вработување на Linkedin
Овој текст е објавен во категоријата Кариера и ги содржи следните клучни зборови: кариера, вработување, најди работа, kariera, vrabotuvanje, najdi rabota, работа, нова кариера, компанија, бизнис, стартап