Се сложуваме со Михајло дека е клучно да се споделуваат професионални искуства со што е можно повеќе луѓе, така се учи! Низ 7 прашања го споделува неговото искуство за тоа како ги унапредува своите вештини, преку дел од низата курсeви како курсот за PR и Онлајн Маркетинг.
1. Кажи нешто за тебе и твојата професија! 🙂
Магистер по Економија, во моментов го менаџирам хотелот Opera House. Неодамна ја основав својата маркетинг компанија Kolev Communications. Се трудам постојано да ги следам светските трендови затоа што самата професија е доста динамична и комплексна.
2. Како заврши во Brainster?
Во Brainster дојдов по препорака на пријател. Сакав да ги надградам моите вештини, па ги разгледав сите опции. Се распрашав наоколу и слушнав доста пофални зборови од претходни учесници, па решив да искомбинирам серија од курсеви што одговараат на мојата професија.
3. До сега беше дел од неколку. Кој ти остави најголем впечаток и зошто?
Бев на три курсеви: Public Relations, Онлајн маркетинг, и Marketing 360 Bootcamp. Најголем впечаток ми остави курсот за Онлајн маркетинг со Петар затоа што дознав многу нови работи и многу нови алатки што се практично применливи во секојдневното работење.
4. Спомна дека неодамна основа своја маркетинг компанија. Како стигна до идејата за Kolev Cоmmunications?
Идејата дојде од потребата да основам нов правен субјект, маркетинг компанија поради соработката што ја имам со странски компании и серија на проекти. Сe решив да започнам да работам и со наши компании, со цел да помогнам во нивниот раст.
5. Како до подобар квалитет на дигиталните маркетинг услуги во Македонија?
За да се пружи добар квалитет потребно е огромно знаење и обучен тим во областа на дигиталниот маркетинг. Ние имаме тим што долго работи на странски пазари. Пресудно е знаењето, постојаното учење и обука на тимот и секако ќе ја напоменам грижата за клиентите и за нивните компании како да сме дел од истите.
6. Ние мислиме дека секој сопственик на бизнис треба да знае да маркетира, за потоа да може да делегира задачи поврзани со маркетинг. Кој е твојот став? Какво искуство имаш?
Се сложувам. Секој бизнис, без разлика на големината или секторот во кој дејствјува, треба да се маркетира на еден или друг начин. Оној со одлучувачка моќ во рамките на бизнисот мора да има пошироки познавања од маркетинг за да биде креатор на стратегијата. Ако потребите од маркетинг се големи, тогаш може да се вклучат и дополнителни вработени.
7. Што те мотивира најмногу да напредуваш?
Најмногу ме мотивира работата. Не би можел добро да ги извршувам сите работни задачи ако не се надградувам на личен и професионален план, ако не учам нови вештини и стекнувам нови знаења. Читам книги, разговарам и барам совети од успешни луѓе, комуницирам со што е можно повеќе пријатели затоа што не знаеш од кој можеш да ги научиш најважните лекции. Од време на време одам на курсеви од овој тип затоа што овие вештини не се стекнуваат на факултет, туку само со практична работа.