Запознај се со програмата & инструкторите на Академијата за UX/UI

На Академијата за UX/UI, нашата мисија е постојано учење и надградување. Искрено веруваме дека учењето е процес што никогаш не завршува. Затоа, оформивме тим од инструктори кои ја делат оваа вредност. 

Нашите иструктори се експерти од различни области на UX/UI дизајнот кои имаат долгогодишно искуство и се специјализирани во модулот што го предаваат. Секој од нив е со различна приказна и различен кариерен пат во оваа релативно (кај нас) нова професија. 

Инструкторите на оваа Академија несебично ќе ти гo пренесат сопственото искуство и работите кои морале сами низ долгогодишна работа да ги научат и да ги совладаат. Најважно од сè е тоа што секој инструктор ќе придонесе со различен компаниски “insight” и преку практични примери ќе те подготви за сè она што те чека во tech индустријата работејќи како UX/UI професионалец.

Зошто Академија за UX/UI дизајн?

Со помош на Laika и на нашите соработници – компании ја увидовме зголемената потреба за UX/UI дизајнери во tech индустријата. Ова посебно дојде до израз во последниве неколку месеци бидејќи компаниите сфатија дека мора да отпочнат дигитална трансформација и да го усовршат секој аспект на нивното дигитално присуство. Оттука и потребата за UX/UI кадри кои ќе работат на дигиталните продукти. 

За да одговориме на оваа потреба, заедно со инструкторите подготвивме темелна 30 неделна програма (со дополнителни 2 недели за подготовка) исполнета со релевантни теми од UX/UI дизајнот кои се во корелација со она што се бара на пазарот.

Што по завршување на Академијата?

Целта на Академијата е студентите да се вработат по завршување. Па затоа, секој студент ќе има можност да работи на сопствените soft skills и да добие помош и насока од нашиот recruitment тим за кариера. Дополнително студентите ќе имаат можност за пракса и вработување по завршување на Академијата. Она што е најважно е дека  на студентите ќе им овозможиме и ресурси за доживотно учење и надградување. 

Како ќе учам на Академијата?

Фокусот на оваа Академија ќе биде преку модулите во програмата и со помош на инстуркторите и тимот на Академијата да ги откриеме твоите силни страни за да можеш да се развиваш и да учиш повеќе во оној модул во кој пројавуваш посебен интерес и талент. 

Она што е од особена важност на tech полето денес е да си постојано релевантен и да си во тек со сите трендови во индустријата. Затоа, тимот на Академијата подготви начин како на оваа Академија да го постигнеш тоа. Како студент ќе можеш да обработуваш и презентираш студии на случај и задачи на познати апликации и дигитални продукти. 

Преку менторски средби ќе работиш со инструкторите на 6 реални проекти и ќе подготвиш портфолио кое ќе го презентираш пред нашите партнер компании, ментори и recruitment тим. Освен одбраната на завршното портфолио ќе треба и да поминеш тест подготвен од тимот на Академијата заедно со инструкторите.

Нашата цел преку оваа прва програма од овој тип е да ја пополниме празнината од UX/UI професионалци која ја согледавме, создавајќи група на студенти која ќе биде релевантна и подготвена со практично знаење и вештини да одговори на работните позиции кои се барани на пазарот.

А сега, да ти го претставиме тимот инструктори 🙂

Ѓорѓи Јаневски

Ѓорѓи ќе те запознае со основите на UX дизајнот. Работи како бренд и UX/UI дизајнер во Sorcex. Има искуство и како креативен и арт директор во неколку наши маркетинг агенции. Искусен инструктор што има прадавано на 3D/ Softimage на AXIS Regional Academy.

„UX дизајнот е професија која има светла иднина. Дигиталните продукти и софтверски решенија не само што се дел од големите индустрии, тие веќе се дел и од нашето секојдневие. Оваа индустрија особено е во постојан брз развој и следењето на постојаните надградби и промени претставува вистински предизвик.”

Јане Наумовски

Јане е Senior UX/UI дизајнер во Ендава. Со голем ентузијазам работи и се усовршува како дизајнер повеќе од 10 години.

Тој на Академијата ќе те запознае со UX/UI дизајн методологиите. Ќе ти го претстави неговото искуство на работа како се одвива еден дизајн процес и кои техники ги користи и како се стигнува од истражување до дизајн. Ќе работи со тебе на реалните проекти и преку практични примери и учење ќе ти помогне да изградиш добро UX/UI дизајн портфолио.

„Сегашните и идните студенти можат да очекуваат дека ќе дадеме сè од себе да им го пренесеме нашето знаење и да ги подготвиме за нивните нови кариери. Тука ќе сме за нив и по завршувањето на Академијата, за консултации и за совети. Покрај тоа, на сите мои студенти им кажувам да очекуваат дека, по завршувањето, ќе имаат многу работа, но дека тоа нема да им пречи бидејќи ќе уживаат во работата, а резултатите ќе ги мотивираат да работат уште повеќе. Или, поточно, им кажувам дека треба да скршат 2-3 столчиња од седење.”

Томи Лукан

Томи е Lead UX дизајнер во Ендава. Областите во кои е посебно специјализиран и работи се: Wireframing, Prototyping, Web Design, Front-End Development и Interface Design.

Со него ќе имаш можност да ги дознаш сите tech insights кои те очекуваат како UX дизајнер. Ќе научиш успешно да балансираш меѓу корисничките и бизнис потребите. Ќе научиш правилно да ги анализираш и користиш потребите на пазарот.

Благојче Кузески

Благојче е креативен директор и UX дизајнер кој работи како креативен директор во брендинг агенцијата TheClue.

На Академијата ќе ти помогне да ги совладаш современите веб дизајн техники и алатки – програмите Adobe XD, Figma и Invison.

„На сите студенти би им препорачал да бидат љубопитни и да истражуваат за различни области но, и да најдат нешто за што сакаат да се специјализираат и да навлезат подлабоко во таа проблематика. Среќна околност за идните студенти на Академијата е што програмата е дизајнирана да им го обезбеди баш тоа, широки но и длабоки познавања и вештини потребни за било која корисничко-ориентирана дизајн професија.”

Марјан Димиќ – Мачка

Мачка е архитект по професија, графитчија и успешен UI дизајнер во гејминг индустријата. 

Преку неговото искуство и неговиот кариерен пат од архитектура до цртеж, графички дизајн и UI тој ќе те воведе во сè што треба да знаеш за визуелен дизајн и UI.

„ UI дизајнот е составен дел од графичкиот дизајн, кој од скоро време почнува да добива голема важност. Најчесто го сретнуваме во апликациите, игрите и web порталите. Toa е нешто што прво го забележувам, како боја и форма која на окото од прва му го одзема вниманието и му го прикажува визуелниот патоказ до одредената цел. Како и сè друго во дизајнот, така и UI дизајнот мора да го прати развојот и напредокот на технологијата и од тие причини се јавува потреба за негово развивање и усовршување. “

Горјан Јовановски

Горјан е креатор на Мој Воздух апликацијата што има големо искуство во водење на тимови како team lead во Booking.com во Амстердам. 

Горјан ќе те инспирира и научи како твојата идеја да ја преточиш во продукт, кои soft skills треба да ги поседуваш за да работиш во tech тим. Со него исто така ќе учиш и Front-End преку практична и теоретска настава. 

„Еден UX дизајнер според мене, мора да знае основни дизајни сам да ги склопува во код. Бидејќи со знаење на технологијата, ќе може да ги знае и нејзините ограничувања, и со тоа да не бара луди работи од програмерите.”

Златан Мујчин

Златан е креативен и иновативен UX/ Interaction дизајнер со 20 годишно искуство работејќи со големи и помали клиенти. Има темелни познавања во дизајн методологиите и бизнис импактот на UX дизајнот. 

На Академијата, од него ќе научиш што всушност значи да бидеш UX/UI дизајнер во реалноста, работејќи за компании од разни области. 

Илија Димкоски

Илија е е мултидисциплинарен дизајнер, основач и арт директор на clothing концептот ОХ и основач и арт директор на креативното студио Cherry Cannon.

На Академијата ќе ја предава двонеделната подготвителна програма, каде ќе добиеш едно малку поинакво интро за Photoshop и Illustrator т.е. како овие алатки можеш да ги користиш во UX/UI дизајн. 

Дијана Димитриевска

Дијана е арт директор на IT платформата Colony, креативен директор во Brainster и дел од тимот на инструктори на Академијата за Дизајн. 

На Академијата ќе предава design thinking и неколку работилници преку кои практично ќе научиш методологии и дизајн техники чија цел е да започнеш да размислуваш како дизајнер.

Уписите на Академијата се започнати. Аплицирај за интервју за влез на Академијата тука. 

Имај предвид дека за оваа академија не ти е потребно предзнаење, но потребна ти е желба и амбиција за постојано учење и усовршување. Се гледаме на 20ти јуни!

Related Stories For You