Фикрије Стафаи е Senior Software Engineer во софтверската компанија Аспект, а воедно и инструктор на нашата Software Testing Академија. Студентите на Академијата оваа есен го започнаа процесот на учење со Фикрије и поставија цврсти основи за понатамошно надградување на знаењата. Важи за омилена меѓу студентите и врвен експерт во својата област, па затоа решивме на Фикрије да ѝ поставиме неколку прашања кои се во полето на интерес на нашите сегашни и идни студенти.

 

Фикрије, кој е твојот совет за студентите што би можел многу да им помогне при градење на својата кариера?

На досегашните групи на кои што предавав цело време им зборував дека треба да бидат многу упорни, затоа што кариерата во која што сакаат да се вклучат не прифаќа брзо да се предадеме и да се откажеме – иако ова би требало да важи во секоја сфера, секогаш да сме упорни за да можеме да ги решиме проблемите и задачите со кои се соочуваме. Затоа цело време им велам и ќе велам не се откажувајте, бидете МНОГУ УПОРНИ, и ВЕЖБАЈТЕ! 😊

 

Еден дел од твојата улога како инструктор беше да ги мотивираш студентите да учат повеќе за да ги надградат своите вештини. Како успеа во тоа? И пред сè, како успеваш да ја задржиш својата мотивација на високо ниво?

Среќна сум што слушам дека сум успеала во тоа да ги мотивирам, на некој начин да ги инспирирам. Тоа можеби се должи искуството, бидејќи досега сум работела со многу клиенти од различни нивоа и мислам дека тоа ми помогна да можам ги согледам нештата и од перспектива на луѓе кои не доаѓаат од IT сфератa.

Ние што се занимаваме со ИТ имаме различен mindset. Размислуваме малку поинаку, пологично и некако “пократко” за разлика од студентите кои доаѓаат од хуманистичките науки кои некогаш треба да го менуваат начинот на размислување, да почнат да размислуваат со поинаква логика. Не дека тие немаат логика туку поинаку ја користат. Ние од IT, постојано користиме одредени кратенки во размислувањето, со цел побрзо решавање на проблемите, но тоа е нешто што со текот на времето се учи и се вежба.

Јас сум позитивна личност, и никогаш не се откажувам од студентите, колку пати и да треба нешто да се повтори – ќе го повториме, и нормално неколку шеги, неколку hint-ови, неколку реални примери и така доаѓаме до посакуваната цел.

А за мојата мотивација немам еден конкретен одговор, сѐ што е ново ми е многу интересно, па така и процесот на пренесување знаење на нови и нови студенти. Покрај тоа, многу си ја сакам струката, моментот кога го добиваме резултатот, односно, крајниот продукт е навистина забавен!

Во овој процес цело време има нешто ново, па дури и да не сакаш се мотивираш затоа што учиме постојано и континуирано. Од друга страна, сигурна сум дека кон ова придонесува и мојот карактер.

 

Како Aкадемијата за Software Testing ќе им помогне на студентите да изградат успешна кариера? Кои вештини е потребно да ги поседуваат?

Професијата Software Testing моментално е нешто што е доста барано на пазарот на труд и мислам дека токму поради тоа има и голем интерес од страна на студентите. Оваа професија дефинитивно бара аналитички ум, фокус кон деталите и размислување за сите потенцијални сценарија кога нешто се тестира. Би кажала дека еден успешен Software Tester секогаш треба да размислува out of the box. 

Исто така, доста е често за студентите на кои им е интересно програмирањето кое е составен дел од програмата на Академијата за Software Testing, понатака да успеат и во таа област, односно да преминат кон програмирање.

Голем дел од студентите на почетокот некако се плашат кога ќе слушнат програмирање – па оваа Академија им доаѓа како точка на промена и самоспознавање на сопствените вештини. Понекогаш студентите и сами се изненадуваат од своите способности и постигнување и од тоа колку многу можат, само доколку вложат труд. 

 

Што најмногу ти се допаѓа во твојата работа како инструктор на Software Testing Академијата пренесувајќи знаење на млади и талентирани студенти?

Запознавањето нови луѓе од секогаш ми било интересно и ми претставувало задоволство. После првото предавање, сите наредни ми беа се позабавни! Досега своето знаење го споделував со фирмите и колегите со кои што сум работела. Академијата ми даде можност да го споделам своето знаење со многу поширок круг на луѓе и тоа навистина ме исполнува бидејќи сметам дека кога го делиме знаењето, сите добиваме. А исто така, понекогаш и ние од IT сферата сакаме малку “да се покажеме”.

 

Доколку се размислувате за кариера во областа на Software Testing и сте подготвени да учите од искусни и докажани инструктори во ова поле, закажете информативна средба со координаторот на Академијата ТУКА.