Многу често изборот на работна професија го базираме на нашата лична перцепција за таа позиција. Сме гледале некој филм или серија каде што да бидеш брокер е многу кул и добро платено, да си програмер значи да хакираш системи или пак ако си маркетер по цел ден седиш на ручек смислувајќи концепти за фотосесии.
Сакајќи да ги скршиме митовите околу одредени работни места и задачи, решивме да прашаме луѓе од различни индустрии за да ни кажат од прва рака што нè очекува при изборот на одредена професија.
Во оваа серија текстови „I love my job“ разговараме со успешни дизајн, маркетинг, бизнис, IT и Data Science професионалци за да добиеме појасни insights за нивната работа.
Марко Стојановиќ e Креативен директор во маркетинг агенцијата Division, а од неодамна е инструктор по Copywriting на Академијата за дигитален маркетинг во Brainster.
Твоја дефиниција на работната позиција?
Па технички, креативен директор ја утврдува креативната насока во која ќе се движи некој бренд или проект. Раководи со креативниот сектор, комуницира со акаунт секторот, делува замислено три од пет дена во неделата, се труди да го води креативниот процес нанапред.
Работни обврски?
Секојдневна комуникација со акаунтите кои ги водат брендовите во агенцијата и утврдување и распределување на задачите и проектите, по што следува кратка пауза за полуоладено еспресо, недовршено поради започнување на состанок по кој следи разгледување на тековните проекти, фидбек околу тоа како понатаму да се продолжи со некое копи за пост, сценарио за тв реклама, дизајн или анимација, по што се завршува сега веќе оладеното еспресо и се пристапува кон следниот состанок. Stop, rewind, repeat. Генерално, денот е исполнет од почеток до крај поради тоа што со појавата на социјалните медиуми, најголем дел агенции функционираат практично како две: една конвенционална која се бави со тв спотови, промоции, настани, дизајни, и една дигитална – фокусирана на тоа да го максимизира и оптимизира присуството и имиџот на некој клиент на социјалните медиуми. И тие две агенции секојдневно функционираат паралелно истовремено.
Пат како да стигнеш до позицијата?
Па канцелариите ни се во Градски Парк, веројатно зависи од дали би доаѓале со автомобил или пешки. А на патот натаму, почнувате во некоја агенција како копирајтер, дизајнер, или што и да е, и преку креирање на супер уникатни и забележливи кампањи, полека напредувате во арт директор, или доколку посетувате џордановски нивоа на талент, и директно на позицијата на креативен директор.
Skillset кој треба да го поседуваш?
Доминантно, добро исполирани критериуми околу тоа што претставува солидна идеја од која може да произлезе квалитетна комуникациска платформа, бидејќи од квалитетот на кампањите кои ќе излезат од вашата агенција, ќе зависи и вашиот квалитет. Дополнително, визуелна писменост, познавање на основни дизајнерски програми, способност за креативно и паметно пишување, добри презентациски способности (знаење да свирите на укулеле може само да биде плус), и опфатно следење и познавање на поп култура, музика, уметност и вештина за изработка на мали шапки за мачиња.
Опсег на плата што може се очекува?
60.000-70.000 денари па нагоре, во зависност од искуство и портфолио.
Како може да напредуваш на позицијата?
Aко сте креативен директор во агенција која е дел од регионална мрежа, тоа значи можност за станување на креативен директор во поголема европска агенција, Дополнително, преку работење на најразлични креативни кампањи, добивате супер прилика да се запознаете со најразлични возбудливи искуства, да се стекнете со фантастични приказни и генерално да го оплемените вашиот живот со несекојдневна интересност.