Како што веќе прочитавте во претходниот блог, пред извесно време одржавме Хакатон на Академијата за графички дизајн 2020. Студентите беа поделени во тимови и работеа упорно да ги креираат нивните постер решенија за неколку здруженија.
Поразговаравме со победничките тимови и тие ни раскажаа за што се однесуваше нивниот проект и нивното искуство на хакатонот на Академијата за графички дизајн.
Прочитајте на што тие работеа и погледнете ги дизајните!
„Проект Среќа“
За победничкото решение за „Проект Среќа“ главен виновник е Елизабета Анастасова, која што работеше индивидуално и успеа да го заврши нејзиниот предизвик. Поразговаравме со Елизабета која што ни го раскажа нејзиното искуство и целиот процес на работа.
Елизабета: „Хакатонот започна така што прво претставниците на организациите ги презентираа организациите и кампањите, и ни објаснија на нас студентите што точно сакаат да постигнат со овие кампањи и што очекуваат. Бевме поделени во групи, но во нашата група бидејќи сите имавме различни стилови на изразување, решивме дизајните понатаму да ги развиваме сами. Започнавме со скици, потоа со први решенија кои што ги презентиравме на претставниците на организациите и на крајот дојдовме до крајните решенија. Претставниците беа присутни на речиси сите часови и ни даваа насоки и критики за како понатамошно да ги развиваме дизајните.
Процесот на работење започна со тоа што почнав прво да истражувам на интернет, за да добијам идеја за стилот што најчесто се користи за вакви кампањи. Откако имав неколку идеи, направив скици и потоа продолжив со дизајнирање. Прво ја дизајнирав графиката, а потоа и смислив соодветен слоган што одговара на неа.
Хакатонот беше одлична можност за да видам како е да се работи со вистински клиент и да се добие критика од нив за мојата работа. Работата на реални проекти беше одличен начин за надградување на моите вештини.
Мојот постер беше направен за „Проект Среќа“ и беше наменет за кампања за донирање на стари компјутери. Инспирацијата ја добив од друга идеја што беше предложена од организацијата, за дизајн на кое едно дете седи со кутија пред него, наместо со компјутер и добива оценка двојка, и друго дете со вистински компјутер и друга електронска опрема како добива петка. Идејата за споредба не ми се допадна многу, но кутијата ми ја даде потребната инспирација.
Се обидов да замислам како би се чувствувало некое дете кога не би имало компјутер и пристап до образованието. Што би направило? Можеби би се обидело самото да направи компјутер. Инспирацијата ја најдов во обидот да сфатам како се чувствуваат децата во ваква ситуација.
Можам да ви кажам дека трудот секогаш се исплати ако дизајнерот е задоволен од својата работа! Пред Академијата знаев малку за графичкиот дизајн, а таа ми овозможи да ги пополнам недостатоците во моето знаење. Најголемиот предизвик со кој што се соочив за мене беше времето. Бев загрижена дека нема да стигнам да го доработам постерот на време, за да биде токму таков каков што сакав.“
„Шепасти Ентузијасти“
Тимот составен од Јована Нешова, Томислав Рапешовски и Стефан Петровски го дизајнираше графичкото решение кое што победи на хакатонот за здружението „Шепасти ентузијасти“.
Хакатонот заради моменталната ситуација се одржа online, но тоа не им претставуваше никаква препрека или потешкотија за тие да можат да си го сработат нивниот проект тимски. Под менторство на Мартин, заедно во соработка и консултации со организациите, успеаа да го креираат победничкото решение.
Јована, Томислав и Стефан поразговараа за нивното искуство и целиот процес на работа. Еве што тие имаа да ни споделат:
„Бевме поделени во 5 групи и секоја група си имаше своја организација за која требаше да креира постер. Ние бевме група 1 и работевме заедно. Бидејќи во нашата група бевме тројца решивме секој да си креира по еден постер бидејќи сите 3ца имавме различни стилови и на првата презентација на постерите секој од нас да си го презентира својот постер за да видиме кој стил најмногу ќе му се допадне на нашиот клиент и да се движиме во тој правец.
Работата на реални проекти е огромна можност за наградување на нашите вештини. Многу се радуваме на вакви проекти и пред хакатонот имавме и други проекти по другите модули каде што работевме реално, за странски и македонски клиенти. Од хакатонот многу сме задоволни како целиот процес се одвиваше и како сите тимски работевме.
На огромна среќа и задоволство нашата група работеше на постерот за „Шепасти ентузијасти“. Сите добро ја познававме оваа организација, а инспирацијата ја црпевме од самите нив бидејќи нивната работа е навистина херојска. Постерот требаше да поттикне интерес и емоција кај оној што ќе го погледне и да го натера да вдоми миленик, да донира и да стане член на месечно ниво со што многу ќе придонесе за заедницата и бездомните кучиња.
Нашето дело доби изложба и трудот дефинитивно се исплатеше, а чувството е неописливо…Ти буди пеперутки во стомакот и си викаш „Wow, ова е мое дело“!
Иако целиот процес за да се дојде до финалниот и посакуван дизајн беше предизвик, ние уживавме во целиот процес.
Brainster дефинитивно ги исполни нашите очекувања и многу сме среќни што донесовме одлука да студираме баш на оваа Академија. Научивме многу нови работи и вештини од доменот на графичкиот дизајн и тоа секако благодарение на нашите ментори кои несебично ни го дадоа и пренесоа цело нивно знаење, како и работењето на реалните проекти.“
Честитки за Тим 1 и Тим 2 и нивните успешно сработени проекти!
Ако размислуваш за креативна кариера, разгледај ја програмата на Академијата за графички дизајн тука!