Во светот на програмските јазици има место само за најупорните, оние кои јасно знаат што сакаат да постигнат. Зоки ја започна Академијата за програмирање без претходно искуство. Звучи како предизвик нели? Моментално е опремен со сите вештини кои ќе го направат програмер!
Зоки, зошто избра да си дел од Codepreneurs Академијата за програмирање?
Слушнав добри муабети кои кружат за академијата. За мене е многу битна праксата во текот на студирањето и кога имам некој да го замарам и да прашувам цело време прашања. Тоа е начинот на кој јас најбрзо учам. За моја среќа кога бев на интервјуто со Петар и кога Петар ми го објасни начинот на кој работи Академијата, прифатив да сум дел од нејзе. Се работи на реални проекти кои се оценуваат од менторите. Секако менторите се цело време достапни да ни помогнат за работите кои не ни се јасни, за кои сум многу благодарен.
На почетокот се ова ти беше ново. Колку време посветуваш дневно на учење Front-End? Програмата е интензивна, како постигнуваш да бидеш во тек?
Посветувам доста време од денот на учење и на истражување на нови начини. Oд како да се подобри развојот на веб-сајтовите, до нивно упростување колку што е можно повеќе. Ако морам да го преточам тоа во саати би било околу 6 до 8 саата во денот. Поради тоа што е интересна професија и буквално можеш да најдеш се што ти е потребно на интернет во денешно време. Но, исто така работам и на моите слаби страни. Сакам да ги унапредам целосно со цел по завршување на Академијата да излезам спремен. Така успешно ќе ги извршувам задачите кои ќе ми бидат зададени било тоа да е од некоја компанија или како freelance.
Беше избран и за програмер на неделата на Академијата. Зошто баш ти? 🙂
Поради селекцијата која ја имаме секоја недела од страна на нашите ментори, Саша и Саше. Се води евиденција за тоа кој студент колку напредува од стартот на неделно ниво и секако резултатот на завршување на Академијата.
Опиши се пред Академијата за програмирање и моментално ?
Јас сум дипломиран Оперативен менаџер на академијата Смилевски и по природа сум авантурист. Тоа што дипломирав како Оперативен менаџер ми ги даде потребните алатки за да ги постигнам целите кои ги сакам. На пазарот на трудот во IT индустријата има голем дефицит. Се одлучив да го направам чекорот да се стекнам и со некои од тие вештини. Конкретно одбрав Front-end поради тоа што визуелно можам да го следам градењето на вебсајтот, што во принцип е многу кул. Последното работно искуство ми е работа на брод во Sales Department, доста интересно искуство за мене затоа што ми овозможи да се изнашетам 🙂
Што е битно за да бидеш добар програмер? Што би им пренел на сите кои се двоумат дали оваа професија е за нив?
Според мене секогаш три работи ќе бидат најбитни. Волјата на човекот за тоа што сака да постигне, желбата каде сака да се види за 10 години и љубопитноста за она што се насочува како професија. Искрено јас немав никаква врска со овој свет и како функционира но имав голема желба да се стекнам со некој компјутерски јазик. Академијата ги дава токму оние работи кои јас сакам да ги изучувам. Така да ако јас можам да научам, може секој да научи 🙂
По завршувањето на Академијата се гледаш каде?
Се гледам како капетан на USS Enterprise (NCC-1701-A) Star Trek. Гик муабет но би било кул хаха. Поради тоа што знам дека ми е битно да се стекнам со повеќе пракса, по завршување би сакал да работам во некоја компанија која би ми овозможила понатамошен развој на ова поле. Исто така сакам да пробам да работам и на вештачка интелигенција. Да си направам свој сопствен батлер кој нема да го наречам Џарвис туку ќе се вика Јури и ќе има руски акцент 🙂