Јелена ја запознавме на курсот за дигитален маркетинг минатиот месец! Што всушност претставува нејзиниот блог Женски Спорт?

Здраво Јелена! Кажи ни нешто повеќе за тебе и како дојде до идејата за креирање на блогот Женски Спорт?

Здраво! Идејата за формирање на овој блог дојде сосема природно. Јас имам дипломирано корпоративни комуникации и односи со јавноста и за време на студиите работев на проекти поврзани со кошарката бидејки тој ми е најблизок спорт. По дипломирањето се запишав на специјализација во Србија за спортски менаџмент. Целото мое искуство сакав да го насочам кон некои од машките кошаркарски клубови во Македонија, но наидов на многу препреки кои во најголем дел беа од типот „Кај знаеш ти за спорт, ти си женско“.

Со оглед дека темата на мојата дипломска работа беше за ЖКК Бадел 1862 имав добри познавања со какви проблеми се соочуваат спортистките. Меѓу другото и јас имам тренирано кошарка и знам поради кои причини сум донела одлука да престанам да се занимавам со спорт. Па така еден ден седнав и почнав да пребарувам по сите можни портали за спорт во Македонија колку информации има за жените спортистки, бројката беше очајна. Од тука се роди текстот „Што знае женско за спорт?“ кој го испратив на конкурсот за „Граѓански новинар“. Сепак чувстував дека тоа не е доволно за да се случи некаква промена. Па така решив да започнам со пишување на блогот, за само по десет дена од постоењето да ми јават дека имам освоено прво место на конкурсот. Таа награда беше јасен показател за мене дека сум на вистинскиот пат.

Беше дел и од курсот за Дигитален Маркетинг во Brainster. Колку беше корисна за тебе оваа програма и како ќе придонесе за поголем раст на Женски Спорт блогот?

Уште по завршувањето на првиот час со Петар почнав да применувам дел од советите кој тој ни ги даде и истите се покажаа како успешни за мојот блог. Оваа обука е навистина корисна и ја препорачувам на секој оној кој веќе има делумни познавања од оваа област, со оглед дека е кратка. Последното предавање со Александра беше за мене всушност и најкорисното предавање каде научив како квалитетно да ги менаџирам инстаграм и фејсбук страните на Женски Спорт.

Кои се следните чекори за Женски Спорт и која е најголемата цел кон која се стремиш моментално?

Женски Спорт постои за афирмација и промоција на спортистките. Затоа Женски Спорт има за цел да се бори и залага во медиумскиот простор да има место каде ќе можете да прочитате за најупорните, најхрабрите, најистрајните и најталентираните. Сакам Женски спорт да ја промени перцепцијата кај луѓето особено кај машката популација. Дека и жените можат и знаат како да играат фудбал или хокеј, дека жените знаат како да менаџираат тимови и дека и жена може да биде одличен тренер. Единствено потребно е да и се даде прилика да го истакне својот потенцијал. Затоа апелирам до сите кои познаваат некоја девојка или женски тим на кој им е потребен медиумски простор да ме контактираат затоа што Женски Спорт постои за нив.
Должност ни е на сите да работиме и на ова поле и да создадеме звучни женски имиња во секој еден спорт, како што има кај мажите, а со самото тоа да ги мотивираме младите девојки да работат и да не се откажуваат. Затоа што можеби вашата сестра, другарка или братучедка утре ќе биде нашата гордост.