Студентите од Академијата за графички дизајн изработија лого и дизајн на пакување за WICE

Студентите од Академијата за графички дизајн го збогатија своето портфолио со реален проект за реален клиент. На овој начин, тие ги учат и совладуваат најважните дизајн концепти и ги користат своите вештини да ја раскажат приказната на клиентот преку дизајнот на продуктот.
Овој пат, студентите – графички дизајнери беа поделени во 4 тима и имаа задача да креираат лого и дизајн на пакување за сладолед со вино – WICE за клиентот Матриошка, кој ќе се пласира на пазарот во Англија и Македонија.
Процесот започна со брифот од клиентот и спецификациите коишто требаше да ги исполни дизајнот. На ова, студентите работеа две недели во кои имаа менторски сесии и консултации каде што им беа на располагање за совет и насоки, инструкторите Александар Нофитовски и Дијана Димитриевска. Потоа, студентите имаа финална презентација пред клиентот, нашиот Learning партнер, каде што требаше да ги претстават своите финални решенија за продуктот, почитувајќи ги барањата од брифот. По финалните презентации, студентите имаа време уште две недели да го доработат решението и дополнително да го подготват целиот дизајн за печатење.
Изборот на победничкото решение беше вистински предизвик за клиентот бидејќи сите решенија ја нудеа кретивноста и ја раскажуваа приказната на различен начин. Но сепак, мораше да се одбере победничко решение, кое му припадна на тимот составен од членовите: Султана Стефановска, Марија Попчева, Ристе Ристов и Маја Симоновска.
Со тимска работа и меѓусебно разбирање, студентите ефективно и ефикасно ја комплетираа задачата која им беше дадена, а со тоа успешно го завршија и предизвикот.
Си поразговаравме со победничкиот тим за инспирацијата на нивното финално решение
Раскажете ни нешто повеќе за вашето финално решение. Кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат?
Со оглед на настанатава ситуација, онлајн платформите за состаноци ни станаа главен партнер за комуникација. Уште по првиот состанок со клиентот и првата консултација со менторите, се фокусиравме на заедничко креирање на логото, за да по само неколку часа стигнеме до решение кое нема да е само графички приказ, туку истовремено и ќе ја раскажува приказната на брендот. Креирањето на финалниот дизајн на пакувањето секако траеше подолго бидејќи развивавме повеќе опции, имавме неколку различни пристапи за на крај да стигнеме до решенија кои се комплементарни на нашата визија за производот.
Кои беа барањата на клиентот и опишете ни како течеше целата соработка?
Кога станува збор за нашиот прв клиент, бевме во постојана комуникација со Софија, којашто ни ја даде целата слобода и секогаш учтиво одговараше на сите наши прашања. Уште на самиот почеток, ни достави јасни насоки и нѐ охрабри да експериментираме со дизајнот. Убаво е кога клиентот го цени мислењето на дизајнерот, тоа се гледа и по крајниот резултат. Среќни сме што нашиот клиент го препозна потенцијалот на овој дизајн и со голема радост го прифати како свој. Во текот на дизајнирањето честопати знаевме да ги „замараме“ Дијана и Александар, им благодариме за советите и за трпението. Ова искуство за нас беше ново и ни беше потребно дури и да го збогатиме своето знаење за да успееме.
Од каде ја црпевте инспирацијата за финалното решение?
Нас многу ни е важна реакцијата на клиентот, кој треба прв да се воодушеви од дизајнот. За да се постигне WOW ефект, неопходно е да се ислушаат желбите на клиенот и да се испочитува неговата визија. Така и ние на барање на Matryoshka создадовме нешто модерно, а безвременско. Самиот производ WICE, сладолед со вино, си налага да биде и забавен, и елегантен истовремено. Преку дизајн, често се случува да им се оддаде почит на големите мајстори на уметноста. Токму тоа ни беше голема инспирација за изборот на четирите познати уметнички слики, коишто вешто ги вклопивме во приказната за една модерна класика.
Самиот произод е чуден спој кој ја буди љубопитноста на нашите сетила, па затоа и фотографиите од уметничките дела кои ги искористивме се само мали исечоци кои како сложувалка се распространети во една квадратна шема. Остатокот од шемата е исполнет со квадратчиња во боите на нашите внимателно одбрани палети, кои освен што даваат игривост, ни наговестуваат и какви вкусови да очекуваме. Круната на овој дизајн е типографското лого, коешто прави брендот сладоледи WICE да биде препознаена како иновативен производ со ететска вредност. Сакаме WICE да биде десерт и за очи. Убедени сме дека еден производ заслужува да изгледа подеднакво добро и на надворешноста.
Работевте тимски на реален проект за реален клиент. Со кои предизвици се соочивте за вашиот тим да биде победник?
Ако некој смета дека изборот на тим не е важен, тогаш тој се лаже. Уште на самиот почеток бевме радосни што иако не биравме сами, се паднавме сите четворица колеги од нашата весела група 7. Тоа што во текот на целата Академија имавме одлична комуникација беше пресудно да имаме совршена соработка. Пример, логото го создадовме сите заедно, за помалку од еден час. Искуството со работа во овој тим беше особено позитивно, најпрво за нас како поединци бидејќи успевавме да развиваме разни концепти, да рафинираме идеи, и секако да учиме еден од друг. Со оглед на обврските кои секој од нас ги има, попладневните часови ни беа резервирани за работа на проектот, ревидирање на сработеното и генерирање решенија. Предизвик ни беше да си ги измериме силите со нашите колеги од останатите тимови, во многу кратка временска рамка. Бевме многу мотивирани за победа, многу сакавме да видиме наш дизајн во маркет на полица.
Еве што сподели нашиот клиент – Софија за идејата на продуктот и целата соработка
Раскажете ни нешто повеќе за овој продукт. Од каде потекнува идејата?
Идејата за сладолед со вино започнав да ја работам уште во 2017 година. Тогаш ја основав и мојата прва компанија – Матриошка. Компанијата специјализира во развој на иновативни технолошки процеси во прехранбената индустрија што ќе имаат додадена вредност за таргетираните клиенти и позитивно влијание врз животната средина. Иако комбинирањето на вино и сладолед звучи атрактивно, самиот процес е многу комплексен. Главната причина е разликата во точките на замрзнување на виното која варира од -13℃ до -18℃ степени, во споредба со точката на замрзнување на сладоледот која е 0. Нашиот технолошки процес се состои во покачување на точката на мрзнење на виното на 0 степени, по што може да биде внесено во сладоледот во вид на гелна смеса.
Така, крајниот производ претставува сладолед со вино, каде едно канче од 200мл може да достигне еквивалентен ефект на козумирање чаша вино. Во моментот имаме развиено два прозиводи со кои сакаме да влеземе на пазарот во 2021 година, имено првиот производ е Мерлот, чоколадо и вишна, а вториот Ризлинг, ванила и малини.
Дали сте задоволни од решението за вашиот продукт што го понудија нашите студенти – графички дизајнери?
Целиот процес на соработка кој го имавме со Brainster би го опишала како едноставен, ефикасен и забавен. Имено, студентите кои работеа на решението за лого и дизајн за пакување на WICE понудија многу креативни решенија и беше вистински предизвик да се одбере само едно! Тимот на студенти со кој ние работевме би ги опишала како многу талентирани индивидуи кои размислуваат ,,надвор од кутијата”. Тие работеа со огромен труд и неуморно за да ги усовршат дизајните до степен каде што истите беа подготвени за печатење. Искрено би им ги препорачала на сите кои сакаат креативно решение и очекувам и во иднина да соработуваме со нив.
За своите лични искуства со програмата на Академијата за графички дизајн, студентите кажаа:
Султана Стефановска
Како многу љубопитна личност и жедна за нови знаења се одлучив за Aкадемијата за графички дизајн, со надеж дека ќе си ги проширам хоризонтите и ќе се пронајдам во светот на дизајнерите. Со помош на одличните инструктори кои беа достапни за нас во било кое време, успеавме за многу краток период да го совладаме обемниот материјал, да ги научиме основите на дизајнот и алатките за работа. На моја голема среќа бев дел од едно семејство.
Група 7 имавме прекрасна соработка со колегите, како на професионален, така и на приватен план. Се надевам дека во скоро време ќе се среди настанатата ситуација, па ќе можеме конечно да се запознаеме и надвор од дигиталниот свет. За време на Академијата работевме на неколку реални проекти. Дел беа индивидуални, дел ги работевме во тимови. На нив гледам како одлично искуство и припрема за тоа што понатаму можеме да очекуваме во пракса кога дизајнот ќе ни биде професија.
Марија Попчева
Академијата покрај фактот дека изобилува со вештини неопходни за еден графички дизајнер, е истовремено многу забавно искуство. Во нашето учење и личен развој не сме сами, никогаш. Инструкторите се секогаш на располагање и полни со знаење и корисни алатки со коишто ни го олеснија нашиот нов дизајнерски живот. А како група 7 – друга нема, таква пријатна екипа за работа и за дружба не се наоѓа секаде. Не само што заедно го совладавме потребниот материјал, туку и често си помагавме со објективни критики. Некогаш и муабетот ни одеше толку добро што и работата ни трпеше.
Работа за реални клиенти и дизајнерска теорија се како север и југ. На час сѐ изгледа лесно, но во пракса е поинаку. Кога ќе почне вистинската работа, оваа професија добива нова димензија, овде комуникациските вештини се клучни за успех. Финалното решение никогаш нема да биде дело на самиот дизајнер, туку ќе биде компромис на една добра соработка со клиентот. Brainster нѐ подготви и за тој момент преку неколку проекти за реални клиенти на кои ни пружи шанса да работиме и да се докажеме.
Ристе Ристов
За мене искуството што го стекнав на Aкадемијата за графички дизајн е “priceless”. Пред една година некој да ми кажеше дека за толку краток период од почетник ќе стигнам до тоа што сум сега, немаше да верувам. Со желба и труд можеш да постигнеш многу. Академијата за графички дизајн за мене беше одлично искуство во која се пронајдов и ми даде друга насока во животот. Менторите на највисоко ниво ни ги пренесуваа знаењата и искуствата. Работата на реални проекти беше една од најважните работи за мене, бидејќи со работа за реален клиент се надградуваш побрзо и стекнуваш искуство за тоа како во иднина да бидеш сѐ подобар.
Маја Симоновска
Месеците поминати на Академијата за графички дизајн се лавина на продуктивност и креативност која можеби сте се сомневале дека ја имате. Самото опкружување охрабрува активно, колаборативно учење не само од менторите, кои се максимално посветени да ви пренесат знаење, туку и од колегите од групата со кои постојано разменуваме идеи и се поддржуваме при сечиј успех. Кога на ваква позитивна средина за работа ќе се додадат и реалните проекти кои ни беа дадени на располагање, секако дека ќе резултира со успех.
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Останаа уште неколку слободни места во последната група од овој уписен рок.