На Академијата за графички дизајн студентите учат преку работа на реални проекти за реални клиенти и добиваат искуство кое ќе ги припреми за почетоците на нивната нова кариера по завршување на Академијата.
Со ваков метод на учење, студентите вежбаат: како да комуницираат со идните клиенти, како да работат под притисок, да ги почитуваат роковите, да ги поправаат грешките, како да бидат флексибилни на промените и полесно да се соочуваат со предизвиците, како и да го организираат времето и да го покажат својот потенцијал во едно финално решение.
Токму затоа, со цел да го збогатиме искуството на нашите студенти од Академијата за графички дизајн им дадовме можност својот завршен проект да го работат за вистински клиент и да го креираат визуелниот идентитет на „Шаховскиот сојуз на град Скопје“. Нивната задача се состоеше од редизајн на старото лого и презентација на новиот идентитет пред членовите на сојузот.
.
Задачата на студентите – редизајн на логото започна со брифинг од страна на клиентот, каде што им беше објаснето што се очекува од нив, која е нивната задача и какво решение треба да испорачаат.
Временскиот период за којшто требаше да го реализираат овој проект беше 2 недели, а секој од студентите индивидуално имаше можност да ја покаже својата креативност.
Студентите предизвикот го работеа под менторство на нашиот инструктор – Иван Дургутовски, со кого имаа две менторски сесии и им беше на располагање за консултации во секое време. Благодарение на Иван, на неговите конструктивни забелешки и насоки во однос на самите дизајни и презентации, студентите ги подигнаа на ново ниво своите дизајнерски и презентациски способности.
На презентацијата на завршните проекти на студентите, присуствуваа дел од нашите инструктори и тројца членови од Шаховскиот сојуз на град Скопје коишто имаа задача да го одберат победничкото лого.
Одлуката за победничкиот редизајн на старото лого беше доста тешка од причина што сите студенти успешно и навремено си ја завршија работата. Но, на крајот, како победничко решение беше избрано логото на Ивана Митреска.
Исто така, членовите на Шаховскиот сојуз решија да изберат уште три дизајни кои им оставија впечаток и што во иднина би ги искористиле. Тие дизајни припаѓаат на студентите: Марија Мишева, Викторија Јовева и Стефан Петровски.
Со ефикасно завршување на овој проект, студентите ја комплетираа програмата на Академијата за графички дизајн и се збогатија со уште еден реален проект во своето портфолио.
Честитки на сите и ви посакуваме да постигнете огромни успеси!
Во продолжение може да ги видите дизајните на студентите и да прочитате какво е чувството кога се работи на еден реален проект
Ивана Митреска
Финалниот проект ни беше да направиме лого за Шаховскиот сојуз на град Скопје. Сакав да биде едноставно, но со приказна, запазувајќи ги барањата на клиентот. Имавме прецизни насоки од страна на клиентот, а на нас беше да се препуштиме на приказната и да ја раскажеме низ логото. За почеток, започнав детално да истражувам. Во овој случај, подразбираше тргнување од базата – правилата на шахот. Собирав информации за фигурите, нивните движења, правилата на оваа игра и сл.
Најголем предизвик беше „од каде да почнам”. Како што веќе напоменав, имавме прецизни насоки- логото требаше да го содржи топот како фигура во шахот. Една од работите кои се учат на Академијата е дека секогаш треба да побараш мислење од луѓе за кои си сигурен дека ќе бидат искрени критичари. Покрај огромната помош и сугестиите од Иван, би им се заблагодарила на Ана и Дијана за сите споделени мислења околу овој и останатите проекти.
Задачата беше предизвикувачка. Не е нешто што не би сакал да го довршиш. Шахот е умствена игра, игра на спротивности и нешто што те тера да размислиш и навлезеш „подлабоко во играта”. Инспирација најмногу црпев од самата игра и нејзините правила. Сметам дека реалните проекти се најдобар начин да осетиш комуникација, барања и притисок од клиент. Супер можност за да се подготвиш за the real world и да започнеш да го составуваш своето портфолио додека студираш.
На оние кои сакаат, но сѐ уште размислуваат околу оваа професија би сакала да им кажам дека дизајнот ќе ви открие нов свет – креативен, шарен, различен и забавен. Ќе ви помогне мислите да добијат визуелен запис. Ќе бидете дел од креирање или продолжување на нечија приказна, а воедно ќе создавате своја. Зарем не е доволно да започнете денес?
Марија Мишева
Задачата што ја имавме со колегите за овој проект беше редизајн на логото на Шаховски сојуз на град Скопје. Нов и „посвеж” изглед на логото, но се разбира, да ја задржи приказната која брендот ја носи во себе. Како и кај поголемиот дел од проектите кои ги имам работено, процесот на работа кај мене започнува со мноооогу истражување, спојување на приказната и идејата на клиентот со мојата идеја за решението, инспирација од најразлични светски проекти, мноооогу скици, па на крај техничката изведба на финалната идеја.
Најголемиот предизвик на овој проект, за мене беше реализирање на идејата и насоките на клиентот од една страна, а од друга страна, истовремено, истата да има свој уникатен белег. Инспирацијата секогаш ја црпам од сѐ околу мене, сѐ што ме опкружува, а за овој проект појдовна точка ми беше буквално општата дефиниција за шах. Задоволството кај клиентите е една од работите што дефинитивно мотивира да продолжиш понатака.
Доколку не постојат вакви реални проекти, реални соочувања со клиентите, сметам дека пред сѐ, ние студентите не би биле свесни што сѐ можеме да креираме и како целото знаење да го примениме. Моја топла препорака, за сите кои сакаат да променат кариера или едноставно сакаат да се занимаат со дизајн, излезете од комфорт зоната и извадете го најдоброто од вас, it’s time.
Стефан Петровски
Предизвик беше да се работи на реален проект, со определен временски период, во кој требаше да ја завршиме нашата задача и да составиме презентација за клиентот, почитувајќи ја неговата желба да се задржи топот во логото како фигура. Имавме две недели да го завршиме овој проект, неколку Zoom состаноци и брифинг со клиентот. За тој период, нашиот ментор Иван Дургутовски ни стоеше на располагање да нѐ насочи и да види до каде сме со работата. На крајот, презентиравме пред членовите на Шаховскиот сојуз кој што ги одбра најдобрите логоа.
Нема поголем „стрес“ за еден млад дизајнер да работи на реален проект. Академијата ни даде шанса да работиме на неколку вакви проекти и да го надминеме нашиот страв. Затоа јас, а и многу мои колеги веќе излеговме од Академијата за графички дизајн спремни да ја започнеме нашата кариера како дизајнери.
Презадоволен сум од тоа што го постигнав на оваа Академија и веднаш најдов работа после првата апликација. Brainster е школа, реалните проекти се искуство. Кога ќе се скрши мразот, сѐ е полесно.
Можам да кажам дека само преку реални проекти се станува одличен дизајнер. Тоа што ќе се стекне како теоретско знаење на Академијата, мора да се искористи во пракса преку работа на реални проекти за реални клиенти за да има резултат.
Викторија Јовева
Тоа што најмногу ме радуваше низ целата Академија, беше шансата да работиме на реални проекти со клиенти кои имаат свои барања. Овој пат, задачата беше да направиме лого за Шаховскиот сојуз на град Скопје, со услови да се употреби сегмент кој ќе потсетува на Скопје и да се употреби топот како шаховска фигура, која е заштитен знак на овој сојуз.
Самиот процес беше одличен, прво имавме состанок со членовите од Шаховскиот сојуз каде што детално ни објаснија кои се нивните барања. Кога веќе ги имавме сите потребни детали продолживме со нашиот ментор Иван, за кој имам само пофалби. Иван ни нудеше константна помош, апсолутно секогаш беше достапен за совет и консултаци.
Најголем предизвик ми беше спојот на елементот од Скопје со топот. Знаев дека тоа ќе биде часовникот од Старата железничка станица кој е обележје и од големо значење за градот, а исто така часовникот како предмет е дел од шаховската игра. Најголема проблематика ми беше да го усогласам стилот, знаејќи дека самата станица е градена во бруталистички стил, мораше и самата фигура на топот да ја следи формата на часовникот.
Инспирација за овој проект наоѓав со слики од старо Скопје, целта ми беше да внесам емоција во самото лого, сакав да има engagement меѓу публиката и дизајнот. Сметам дека реалните проекти се повеќе од потребни во процесот на учење. Те спремаат за како да постапиш кога нема да стои ментор зад тебе. Стекнатото искуство е незаменливо.
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Останаа уште неколку слободни места во последната група од овој уписен рок.