Клелија Живковиќ е магистер по social design со повеќе од 6 години искуство во применување на дизајнерски и уметнички методологии за истражување во областа на урбаните студии, граѓанско дејствување и јавните добра.
Ко-основач на Платформата за граѓанско дејствување преку уметнички и културни пракси „Социопач“ Скопје.
Како наше ново засилување, Клелија ќе предава еден поинаков модул на Академијата за графички дизајн – 
колаборативна училница (дизајн студио) каде што ќе ги употребиме дизајнерски вештини за да ја утврдиме продуктивноста, креативноста и иновацијата во нашата работа преку интерактивни вежби. 

Ја прашавме од каде произлезе љубовта за оваа професија, и ни го кажа ова:

На почетокот ме привлече индустрискиот дизајн. Многу соодветно го игнорирав значењето на зборот индустриски, и замислував дека тоа би значело работење со раце, експериментирање со материјали, форми и функции. За време на студиите согледав дека фокусот на професијата е на масовното производство, и почнав да се пренасочувам кон јавни простори и урбани студии.

Ме интересираше дизајн на предмети и простори кои им припаѓаат на сите, односно чија сопственост се регулира поинаку, и кон кои пристапот може да биде неоптеретен од статусните сигнали и оптимизацијата кои широката потрошувачка ги содржи. Секако, со тек на време ми стана јасно дека ни јавните простори не се иземени од овој трендовите на потрошувачкото општество, и дека всушност она со што треба да се занимавам за да го адресирам тој аспект од современото живеење се корисничките навики и како професијата дизајнер е вклучена во нивното создавање и последиците од нивното постоење.

Ми требаа неколку години талкање по студиите за да ја реоткријам љубопитноста што ја имав кога прв решив да се занимавам со дизајн.

Се претставуваш себеси како социјална дизајнерка, можеш ли да ни споделиш што точно значи ова? 

Искрено, токму тоа пробувам да го откријам со проектите кои ги работам. Сакам да проверам што сé може да значи „социјален“, особено кај нас. Јас студирав во Виена, каде што „социјален“ е сосема поинаков збор. Самата фраза не значи ништо особено, а уметничките и дизајнерските пракси кои се претставуваат како социјални најчесто навестуваат на поинаква хиерархија во односот помеѓу корисникот и услугата или производот. Јас се претставувам така бидејќи мислам дека содржи доза на дистопија која ми е забавна, а и бидејќи така ми пишува на дипломата. Некои од значењата кои до сега ми се издвоија се партиципативен, здружен, непослушен (мојот личен фаворит) и дизајн со општествено влијание, што јас би рекла дека е секој дизајн. 

Како се одвива еден ден во животот на Клелија, што ти се допаѓа најмногу, а што најмалце во оваа професија?

Секогаш работам на повеќе од еден проект истовремено и секогаш се од различен карактер. Тоа ми го отежнува одржувањето на фокус, и не можам да кажам дека секогаш е успешно, но ме возбудува разноликоста на нештата што ги правам и ме предизвикува да го применувам моето знаење во нови услови. Среќна сум што имам услови да експериментирам и што имам пристап до луѓе кои се заинтересирани за мојата работа. Не ми се допаѓаат потрошувачките принципи на кои се заснова најголемиот дел од комерцијалната работа како дизајнер, и ефектите кои тие ги имаат врз животите на нивните корисници. Не ми се допаѓа комодификацијата на идентитетот, трудот и талентот, и очекувањата во индустријата кои комплетно нé отуѓуваат од истите и едни од други. 

Твојата работа е фокусирана на градот Скопје и на истражувањето на различните аспекти, живеење и користење на градот, зошто токму тука е насочен твојот фокус?  

Бидејќи не можев да го одбегнам. Скопје е фундаментален дел од мојата личност и светоглед, и поради тоа чувствувам одговорност кон него и луѓето кои живеат овде. Покрај тоа, градовите ме фасцинираат и хипнотизираат. Таа концентрација на луѓе и содржини за мене е како забавен парк, а професионално е полн погодок бидејќи ми овозможува истовремено да се занимавам со многу аспекти од постоењето и заедничкото живеење и тоа да има моќ, смисол и релевантност. 

Си имала неколку интерактивни изложби до сега, сподели ни ја твојата омилена.

Интерактивноста е само средство; сама по себе не ми е особено возбудлива. Добро служи во обидите за соработка со корисникот, но сé повеќе ме интересира како може да созрева и да еволуира. На крајот од 2019 бев дел од седмото издание на фестивалот „Под земја полесно се дише“ со „Прототип за заемно задоволство“. Прототипот содржи три компоненти за постигнување заемно задоволство преку размена на моќ, во кои се вклучени растенија или други животни облици. Практикувањето на тие техники беше предлог за реобмислување на постоечките модели на доминација кои човечкиот род ги практикува врз остатокот од природата од модели на експлоатација во такви базирани на интимност и отворена комуникација. Прекрасно си поминав, тоа искуство ме разбуди и размрда. 

И за крај, што би им кажала на оние кои сакаат да започнат кариера во дизајн?

Би им порачала да ѝ бидат послушни на љубопитноста. Сé останато е работа.

Уписите за Академијата за графички дизајн се во тек!

Зачувај си место тука!

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.