Со повеќе од 10 години искуство, Јане Наумоски е сениор UX/UI дизајнер во Ендава и еден од нашите инструктори на Академијата за дизајн.
Го прашавме за неговите почетоци во дизајнот и како изгледа еден негов работен ден, еве што ни откри.
Кој е Јане, кажи ни нешто повеќе за тебе?
Јане е роден во Охрид, во далечната 1983 година, на 18 aвгуст, во семејството на Ефимија и Борис Наумоски. Своето детство го поминува играјќи во дворот од семејната куќа со своерачно изработени играчки и во измислени игри. Притиснат од општеството, почнува да се дружи со други и сфаќа дека животот околу добри луѓе е многу побогат и позабавен. Неговото работно искуство започнува на млада возраст, работејќи сезонски, на брегот од Охридското езеро: од продавач на сладолед до шанкер во познат охридски хотел. Првото сериозно работно искуство го стекнува во интернет кафе во 2000 година, држејќи прва и втора смена, бидејќи за трета е многу млад. Тогаш го сфаќа потенцијалот на интернетот и почнува да се одвикнува од пороците mIRC, форуми и ICQ и да се посветува на својата иднина, учејќи различни вештини како вмрежување и програмирање. Во Фотошоп се заљубува во втора година на факултет, по што започнува да го трасира патот кон дизајнот и да се гради како дизајнер. Првата веб-страница ја прави во табели, бидејќи не знае за float. Се инспирира од…
Да не должам многу: заљубен во струката, (екс) аматерски фотограф, страствен гејмер, старател на Киану – најубавото куче на светот, голем мераклија за готвење и пиење пиво, металец и Марвел фан.
Кога за прв пат почна да се занимаваш со дизајн, од каде произлезе љубовта за оваа професија?
Ретко кој знае, но јас се запишав на факултет со цел да станам девелопер. Фотошоп го открив случајно, кога требаше да ставам текст на слика, и почнав често да го користам. Како што ми се зголемуваше интересот за таа алатка, така ми се намалуваше желбата да станам девелопер. Всушност, љубовта кон професијата ми произлезе од интересот за Фотошоп.
Опиши ни еден твој работен ден. Како ти почнува, што правиш на работа, што ти се допаѓа најмногу, а што најмалку?
Станувам многу рано, благодарејќи на Киану. Најчесто, прво се шетаме во маало, а потоа го пијам првото кафе. Иако имам флексибилно работно време, сакам да сум на работа најдоцна до 9 часот за да имам време да испијам уште едно кафе и да прочитам мејлови и да одговорам на нив. На работа најчесто работам User Experience, што значи поголемиот дел од денот ми поминува во истражување и во решавање на проблемите на корисниците.
Најинтересни ми се истражувањата за интерни проекти и процеси, а најмалку сакам убедување девелопери дека дизајнот мора да се имплементира како што е нацртан 😀
Фотошоп или Илустратор?
#Photoshop4Life – Иако со Бане, кој е инструктор на Академијата за дизајн, често се зезаме кој софтвер е подобар, нема ден во текот на кој нема да отворам Илустратор. Потребен ми е еднакво колку и Фотошоп. Но во последно време сум навлечен на Sketch, така што хаштагот сега e #Sketch4life 🙂
На Академијата за дизајн предаваш UX/UI дизајн, кажи ни нешто повеќе околку тоа искуство
Отсекогаш сум сакал да споделувам знаење. Ја користев секоја можност некому да му покажам нешто или да му помогнам. Академијата за дизајн е одлично место да го правам тоа и мислам дека многу ми „легна“ предавањето. Уживам да се дружам со студентите и заедно да креираме одлични дизајни. Покрај студентите, морам да го пофалам и тимот на Brainster – прекрасни луѓе кои секогаш се расположени за нови идеи и дружби! Фала ви што ми остваривте уште еден сон. А најверојатно и уште еден, но за тоа подоцна 😉
Сподели ни нешто за твојата работа што никој не го знае
Мислам дека сум мошне транспарентен за мојава работа и нема нешто што никој не го знае. Можеби дека работам Илустратор повеќе отколку што кажувам *Бане паѓа од столче*. Исто така, работам на два тајни (се надевам добри) проекти.
Кој е најинтересниот проект на кој имаш работено? Во какви типови на проекти уживаш да работиш најмногу?
За жал, не можам да зборувам за најинтересниот проект поради NDA, но можам да ви кажам дека беше многу одамна и беше поврзано со Augmented Reality.
Најмногу сакам да работам UX проекти каде има многу истражување, интервјуа со корисници, решавање на нивните проблеми итн. Но, бидејќи сум зависник од предизвици, повеќе би сакал тие проекти да се поврзани со индустрија или технологија која не ја познавам.
Кажи ни нешто повеќе за твоите проекти во периодот каде што фотографираше
Мислам дека е природно еден дизајнер да (сака да) се занимава со фотографија. За да ја стекнам навиката да фотографирам, а и за да научам нови стилови и техники, одлучив да го реализирам фото-проектот „365“ – секој ден правев една фотка и ја објавував на мој блог. Од тој проект произлезе идејата да го проширам блогот со цел да запознавам домашни фотографи, па додадов категорија за нивни фотографии и за интервјуа со нив. Така настана Revoshot – мојот фото-блог. Запознав прекрасни луѓе со кои и ден денес се дружам. Поради секојдневните обврски, за жал, не ми останува време да пишувам и да го одржувам блогот. Но Revoshot резултираше со прекрасни проекти како: Sinister Days – натпревар за хорор фотографија, #Ревопреземање – „крадење“ на инстаграм-профилот на Revoshot, #RevoSummer, Ревоприказни и многу други Ревопроекти 🙂
Најмногу сакав/сакам да фотографирам храна.
И за крај што ќе им порачаш на сите оние кои сакаат да станат дизајнери?
Бидете трпеливи додека учите софтвер за дизајн затоа што е потребно време за да го совладате. Ако посетувате академија или курс, бидете редовни на часовите. Загрејте столче, посветете се и многу работете. Ќе ви се исплати на крај, бидејќи е работа која многу ќе ја сакате и во која ќе уживате.
Уписите за Академијата за дизајн се во тек, резервирај си место тука!