Tech тимот на Brainster за релативно кратко време се прошири и започна да прави „чуда“. Ова се должи на неколку ултра-добри засилувања. Неодамна си поразговаравме со Бојан Стојковски – Боко за неговата front-end кариера и досегашно искуство, а денес разговараме со Стефан Цеков – full stack developer, алумни од Академијата за full stack програмирање и еден од луѓето зад дигиталната платформа за учење на Brainster. 

 

Прочитајте што ни сподели Стефан за неговото досегашно искуство и неговата улога во нашиот tech тим.

 

Како би можеле да те опишеме најдобро пред читателите? Кој е Стефан?

Луѓето што ме знаат би рекле дека сум интровертна личност, а јас би се опишал како личност која нема проблем да помине поголем дел од времето сам со себе и да се прифати себеси. Имам мал круг на пријатели, но блиски. Ретко излегувам, ама секогаш си поминувам супер.

Ценам квалитет, пред квантитет во сите области. Свирам гитара, обожавам hard rock и heavy metal музика. Сакам да патувам и да доживувам нови искуства. Сакам да вкусам различна храна и вина. Сакам да вежбам. Сакам да читам. Сакам природа. Со три збора:„Сакам да живеам!“.

 

Веќе некое време си дел од Brainster заедницата, и тоа во неколку различни улоги. Раскажи ни го на кратко твоето Brainster journey од ден еден до денес.

Времето кога почнав во Brainster ми е еден од повозбудливите периоди од животот. Можеби затоа што ми се оствари желбата која се роди кога започнав да учам на Академијата за Full-Stack програмирање. Моето journey во Brainster всушност го започнав како практикант. Праксата ја доживеав како предизвик и начин да покажам сѐ што дотогаш имав научено.

Морам да кажам дека првите денови ми беа многу кул и воопшто не се чувствував како во „нова работна средина“, веројатно поради енергијата која владее во тимот. 

Денес како дел од Brainster заедницата имам две улоги, од кои програмирањето ми е веројатно најјака страна, а како еден од координаторите на Академијата за програмирање (што ми е огромна чест), се трудам да им бидам од помош во секое време на студентите. Секојдневно работиме како тим за да им овозможиме што е можно подобро искуство и успех на Академијата.

Зошто токму full stack development? Што беше пресудно во изборот на оваа кариерна насока?

Она што научив до сега од животот е дека ништо не излегува онака како што сме планирале, ама баш „непланираното“ е она правото. Завршив филолошки факултет, ама ретко бев исполнет од она што го работев. Чувствував дека не го давам својот максимум. Тешко е да опишам зошто се запишав на Академијата, беа склоп на околности и енергија што едноставно „ме тераа“ да пробам да пишувам код. И тогаш сфатив дека „тоа е тоа“! 

Кодирањето бара логика, прави да размислуваш и прави „да седиш“ додека не го завршиш проблемот. Заразно е, возбудливо е. А од друга страна е уметност. Она што ние го создаваме може само така да се опише „уметност на новото време!“

 

Својата кариера како full stack developer ја започна токму во Brainster. Раскажи ни нешто повеќе за досегашното работно искуство. Кој е најголемиот предизвик со кој што се имаш соочено до сега?

Од почетокот на работното искуство, па дури и нешто пред тоа, работам на дигиталната платформа за учење на Brainster. Платформата им служи и на студентите и на инструкторите. Преку неа е автоматизиран процесот на online настава. Се прикачуваат материјалите и видеата од предавањата кои студентите може да ги гледаат во било кое време. 

Преку платформата се води евиденција за присуство на предавањата. Студентите имаат увид за тоа до каде се со материјалот и добиваат директен „фидбек“ за нивните решенија од неделните предизвици. Како најголем предизвик ми беше делот со прикачување на материјалите, затоа што е потребно поврзување со друг провајдер, а од друга страна прикачувањето мора да е „интуитивно“ за корисникот, односно да има добар UX. Спојувањето на двете работи беше предизвик.

 

Опиши ни ја со три збора атмосферата во tech тимот.

Координираност. Ефективност. Дружба.

Спомнавме во најавата, а и самиот спомна во делот за работното искуство – тековно фокус ти е дигиталната платформа за учење на Brainster. Какво е чувството да ја имаш можноста да работиш на продукт во развој, а уште побитно – продукт кој има толку битна функција во искуството на студентите на Brainster? 

Целото искуство за мене во Brainster е предизвик, а тоа што платформата за учење е еден клучен дел за понатамошниот развој на Академијата, за мене е чест и уште поголема мотивација да вложувам во себеси и во континуирано подобрување на овој продукт.

 

Дел си од ултра-динамичен tech тим кој не знае за „пауза“. Како ова влијае на тебе, на твојата секојдневна работа и твојот развој како програмер?

Уште кога аплицирав на Академијата, при првиот состанок, се вратив дома и бев воодушевен од енергијата што владееше тука. Се сеќавам дека се вратив дома и ѝ реков на девојка ми „Прејако е, сакам таму да работам еден ден, замисли имаа и книги, Сајмон Синек…“ Оние што ја прочитале „Почни со Зошто“, ќе сфатат зошто сум бил возбуден. Јас го пронајдов моето „Зошто“ и можам по цел ден да седам со него.

Тоа што овој тим не знае за „пауза“, всушност ме исполнува, ми дава енергија и мислам дека ултра брзо напредувам како програмер. Сите во тимот сме водени од филозофијата за постојан раст, а „стагнација“ за нас не постои како збор. Секоја седмица имаме состанок кој го нарекуваме „knowledge sharing“, каде споделуваме што ново сме научиле, а воедно се дружиме и како тим. Ваквата атмосфера и организација не води кон ништо друго освен кон „најдобар тим на светот“ 🙂 

Full stack developer by day, но и претприемач by night 🙂
Покрај твојата full time работа во Brainster, веќе некое време работиш на свој продукт кој веќе е во завршна фаза, скоро пред лансирање. Што можеш да ни откриеш на оваа тема?

Да, понекогаш сам се чудам на целата промена во последниве две години. Одлуката дека треба да ја сменам кариерата, ме промени на повеќе полиња.

Работењето по цел ден е една од тие работи. Една од работите кои што сакам да ги направам во животот е да создадам нешто корисно за другите луѓе. Овој проект е тоа „нешто“.

Продуктот на кој работам е платформа за online советувања со психолози, online предавања и обуки од областа на психологијата, но покрај олеснување на процесот за посета на психолог, уште поголема цел на продуктот е да ја разбие стигмата која владее кај нас и да го подобри менталното здравје кај поединецот. Наскоро ќе излезе во јавноста.

Идејата, на мене и сопругата, ни се роди кога почна пандемијата, а понатаму ни се вклучија уште неколку блиски луѓе. Моментално на продуктот работат 20-тина психолози, како и тим од маркетинг и дизајн студенти од академиите на Brainster.

 

Значи идејата за продуктот и почетоците на градење на продуктот потекнуваат уште од времето на Академијата. Што беше твоја најголема мотивација тогаш?

Да пишувам код! Тоа беше мојата мотивација. На таа мотивација подоцна ми се приклучија уште двајца другари кои исто учеа на Академијата за програмирање. Скоро да немаше ден во кој ние не „куцаме“.

Сметам дека ваквата проактивност е клучна за било каков успех. Продуктот всушност ми служеше мене. Ми служеше да барам работи што не ги знам, да учам нови работи, да се надградувам, да се соочувам со проблеми и да изнаоѓам решенија за истите, т.е ми помогна „кодирањето“ да стане дел од мене.

 

Најбитна лекција што ја научи на Академијата?

Можеш да успееш во сѐ, ако доволно вложиш во себеси! Ниедна форма на образование не може да ти го покаже патот кон успехот. Мораш сам да тргнеш по тој пат! Мораш напорно да работиш и да учиш. Уште побитно, мораш да го сакаш тоа што го учиш! Тогаш нема да бидеш изморен. А и да бидеш, ќе бидеш „среќно изморен“. Тоа е најголемата мотивација и за кариерата, и за животот.

 

За крај – твоја препорака до сите оние кои размислуваат да направат кариерна промена и насочување во сферата на full stack development?

Не можам, а да не бидам субјективен. Мене оваа кариерна промена ми го промени и животот. На сите им препорачувам да размислат колку сакаат да се вложат.

За да станеш успешен девелопер, мора да се вложиш максимум, мораш да седиш со часови и да решаваш проблеми, или како што јас сакам да ги нарекувам, „загатки“, и да бидеш спремен да работиш со саати за фукнционалност, која гледајќи од страна на корисникот е само „еден клик“ 🙂 

За оние кои сакаат да спојат предизвик со уметност, ова е „правата“ работа за вас!



Доколку сакаш да си дел од Coding заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

На оваа Академија учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!