Бојан Стојковски е наш алумни студент од Академијата за Front- End програмирање кој речиси 2 години работи како Front-end Web Developer кај нашите партнери за вработување, Kin + Carta. Иако има успешен бизнис, решава да влезе во светот на програмирањето и тоа да му стане опсесија. 

Со Бојан Стојковски – Боко се знаеме и лично бидејќи беше и дел од нашиот интерен Innovatons & Data тим во Brainster, па, можеме да споделиме интересни факти за него и надвор од интервјуто; секогаш шегите се посмешни кога Боко ги кажува на кумановски. Никогаш не се колеба да помогне и без да го побараш тоа од него. Неговата пасија е заразна, па и Матеја стана наша студентка на Академијата за софтверско тестирање.

Прочитај го интервјуто до крај и дознај зошто Боко сака програмирање, како стигнал таму каде што е денес и која е Матеја.

 

 

Која е твојата позиција во Kin + Carta? Какви се како компанија?

Во Kin + Carta работам како Frontend Web Developer и во јуни ќе наполнам 2 години со компанијата. Kin + Carta е глобална консултантска компанија за дигитална трансформација, нуди изработка на end-to-end софтверски решенија. Покрај веб софтвер ги покриваме и мобилните апликации, работа со податоци, бизнис интелигенција, софтвер тестинг, дизајн на продукт и девопс.

Вредно е да се спомене дека сме сертифицирана B Corp компанија, чиј фокус е подеднаков за луѓето, планетата и перформансите. Градиме платформи, производи и услуги кои прават огромна разлика. Исто така од годинава можеме да се пофалиме и со тоа што стекнавме и признание на Great Place to Work.

Покрај тоа сме и инклузивна компанија, ги вреднуваме сите вредности на нашите колеги, ја почитуваме нивната интима, односно секој професионалец, доколку се совпаѓа технички и културно со вредностите на нашата компанија, е повеќе од добредојден да работи со нас. 

 

Што ти е најпредизвикувачко во твојата работа? Што е нешто што како Front-end програмер ноќе не те остава да спиеш?

Воедно и причината поради која се вљубив во својата професија е што ти нуди можност да создадеш сѐ и сешто од буквално ништо. Имаш празен документ, и со вистинскиот избор на внесената комбинација од карактери на тастатурата можеш да создадеш буквално сѐ.

Е сега, под ризик да бидам апстрактен, предизвикот за мене лежи во пронаоѓањето на вистинската комбинација од кодови што треба да ја внесеш во празниот или пак полниот документ. Таа загатка ме движи од првиот ден, до ден денеска и не очекувам наскоро да запре. А процесот на решавањето на таа загатка секогаш е своевидно патување во кое уживам и често е нештото кое ме остава без сон.

 

 

Како стигна да си тука денес?

Во неколку зборови: работа, дисциплина, континуирано учење и интерес и преземање на ризик. Првиот чекор беше запишувањето на Академијата за Front-end програмирање на Brainster, огромната мотивација во текот на студирањето, посветеноста и дисциплината самите по себе направија да она што го правам вроди плод. Мојата филозофија е дека кога човек се труди, вложува, и евентуално и додека спие ја сонува својата цел, тогаш успехот е неизбежен. Да сумирам со еден збор, опсесија.

 

Твоето искуство на Академијата одамна помина Но, што е една работа која нема да ја заборавиш?

Да бидам искрен, ден денеска се чувствувам како пред неколку месеци да завршив академија, но ако подобро се навратам назад на сеќавањата тогаш ми личи како да поминал цел еден живот од тогаш до денеска.

Да биде појасно, пред околу 4 години успешно ја завршив програмата на академијата. Многу ми е тешко да издвојам точно една работа која нема да ја заборавам, греота е кон сите останати сеќавања кои нема да бидат издвоени, а заслужуваат. Мене тоа искуство ми го промени животот необјасниво многу, на подобро.

Ќе се сеќавам на сите, со голем дел од нив и ден денеска сум во постојан контакт. Така што ете, ако морам баш да издвојам една работа тоа би биле луѓето, персоналот, инструкторите, и останатите студенти во мојата, но и во другите групи со кои се сретнав.

 

Ако треба со еден збор да ја објасниш Академијата и учењето во Бреинстер кој збор е тоа и зошто?

Динамит ТНТ. Ете така, првиот контакт со Brainster не беше искра, тоа беше експлозија, оган кој сѐ уште гори во мене после 4 односно 5 години. Го направив вистинскиот прв избор, вистинската професија и вистинското место за да ја изучам. После тоа испишавме историја, срушивме навистина премногу стереотипи што посебно ме прави среќен, еден од нив е дека без факултет и сите 10ки по математика, физика, структурно програмирање и калкулуси, јас станав програмер, успешен и тоа…

 

 

Се запиша на Front-end, зошто ја одбра оваа Академија? Што е следно?

Немав поим што е тоа фронтенд бекенд и каков се друг енд постои, немав претстава што ќе научам да програмирам, дали тоа ќе бидат видео игри, дали машини за прозводство, дали машини за казино, дали десктоп апликации, навистина влегов како гуска во магла.

За сите кои нѐ читаат, а како мене не знаат, на академијата се изучува програмирање на web апликации. Технички неисправно, но за да биде појасно за пошироката публика, се работи за веб сајтови кои патем се, на пример, далеку помоќни од мобилните или телевизорски апликации.

Да се навратам на поентата, послушав еден пријател, Back-end програмер, кој, познавајќи ме, ми препорача да појдам на фронтенд програмирање, со слепа верба тргнав, и еве, човекот испадна во право… Веќе навлегов во UX/UI дизајн, Project Management, Team Leading, Product Owning, но и во Backend програмирање кое и најмногу од сѐ ова ме привлекува, така што мислам дека во блиска иднина тоа ќе ми биде фокусот.

 

Пред да работиш во Kin + Karta, беше дел од tech тимот во Brainster. Сподели ни некои insights од работењто кај нас?

Најлудото место во кое може да работиш! Без разлика во кое доба во животот и кариерата си, ќе научиш и ќе доживееш многу добри нешта. За пошироко не знам, но во Македонија сум сигурен дека нема друга ваква компанија. Мене лично ми беше најдобрата отскочна даска и своето време во Brainster како вработен не би го сменил со никој за ништо.

Мојот впечаток е дека компанијата ја сочинуваат претежно млади, амбициозни и бунтовни професионалци, револуционери. Водени од идејата дека промената тргнува од нас самите, успеваат да му покажат на светот дека постои подобар начин за секој проблем кој ќе го стават на маса.

 

Како сметаш дека еден програмер може да остане да биде конкурентен на пазарот на труд денес?

За среќа или за жал, останува да видиме. Ерата на Вештачка Интелигенција започна и застрашувачки е со која брзина се движи. Но според мене, ВИ е алатка, и може да се користи како таква од професионалците. На таа алатка сѐ уште ѝ недостасува контекст, иницијатива, одлучност и сега засега, програмерите сѐ уште во голема мера се безбедни.

Но да не ја потцениме, секој од нас истата таа алатка ќе го убрза, што значи, зависно од условите доколку некоја компанија работела со капацитет од 100 програмери, сега истата работа може да ја достави со барем 5 програмери помалку, ако не и со многу повеќе од тоа. За среќа на ниту една ИТ компанија амбицијата не е да го намали бројот на вработени, но само да ја зголеми ефикасноста и да може да истурка поголем раст со истите или со помалку нови вработувања.

За да останеш конкурентен денеска, мораш да се адаптираш на новите услови и новите правила на игра, да се приспособиш на новите технологии и да му се придружиш на светот. Но истото важело и во минатото така што не многу е сменето на тој план.

 

Се зборува за отпуштања во IT. Дали имаш такво искуство, дали всушност има отпуштуња во IT?

Краткиот одговор е да, отпуштања има насекаде. Во Kin + Carta за среќа сѐ уште немало и се надеваме така да остане, но пак има застој во новите вработувања. Поопширно, ВИ има импакт во пазарот на труд, кризата од глобалните геополитички конфликти, инфлацијата доведоа до намалената инвестиција од владата на Соединетите Американски Држави и Европската Унија во развој на информациско телекомуникациски технологии и така натаму.

Сите тие фактори придонесуваат на целата збрка при што растот и развојот на ИТ индустријата намали или замре, при што голем број на компании во светот увидоа дека е најпаметно да направат чекор-два назад и се случија или случуваат тие отпуштања.

Еден краток податок ќе дадам. На почетокот на пандемијата во Амазон имаше околу 700.000 вработени, денес се околу 1.500.000. Амазон отпуштил десетици иљади вработени лани, но Амазон вработил околу 800.000 во меѓувреме. Така да криза нема, но има намален раст и развој. Kin + Carta во Југоисточна Европа засега нема отпуштања. Останува да видиме што носи иднината.


 

Кој е Боко надвор од работа и учење?

Боко е родител на Илин, прекрасно и умно детенце и мојата најголема љубов. Сопруг на Матеја, мојот р’бет, цврст столб кој ми дозволува да се надградувам на него, а покрај тоа е и мајка ипол за нашиот син. Сум човек кој е пргав, кој сака да фати да работи и да креира сешто, браварија, столарија, механика, обожувам природа, планина, екстремни спортови а сето тоа потекнува од љубовта кон учењето и новите искуства.

За крај, сакам сѐ што е живо и животно, а моментално страствено одгледувам 4 кучиња од расата Бостон Териер, Каи, Зои, Фани и Мини. Нашите заеднички авантури може да ги следите на https://www.instagram.com/terrierzen/

 

Ако сакаш да решаваш проблем и да учиш програмирање, провери дали има слободни места на Brainster+ Академијата за Front- End или Full- Stack Академијата.

Освен тоа, Академијата за Front- End отсега е достапна и на албански јазик.

Како до 1.000.000€? 🤫