Компаниите треба да ја раскажат својата бренд приказна за да креираат долгорочни и значајни релации со своите потрошувачи. Ира Бабиќ е инструкторка на Академијата за маркетинг и со неа зборувавме за Customer Segmentation. За тие што не ја знаат, решивме да ја запознаеме преку неколку прашања.
Уписите за Академијата за маркетинг се во тек, види ја програмата тука.
Веруваме дека повеќето веќе те знаат, но за оние кои се уште не знаат која е Ира Бабиќ, може ли накратко да ни се претставиш и да ни кажеш нешто повеќе за себе?
Велат за мене дека сум полна енергија и позитива. Сакам да ги гледам работите од оптимистичната страна, и да верувам дека секогаш на крајот се ќе биде ОК. Се трудам да не направам никому лошо (барем не свесно и смислено), да функционирам согласно сопствени вредности и интегритет, бидејќи верувам дека само на тој начин нештата ќе си дојдат на свое место. Како личност сум прагматична, брза, не можам да стојам во едно место, но истовремено аналитична, претпазлива и сакам кога нештата ми се под контрола. Немам строга поделба на приватно и професионално, па секодневието ми е постојано во некоја трка се да се стигне, постигне, да успеам да изменаџирам помеѓу работата, домашните обврски и личните потреби за спорт и социјален живот. Паралелно играм повеќе животни улоги, не е едноставно, но сепак мислам дека успевам да сум успешна на приватно поле како жена, мајка, домаќинка, другарка, но и професионално како двигател на маркетинг агенцијата Brand Union и професор на додипломски студии на UACS. Динамичното секојдневие, кое слободно понекогаш може да се нарече „лудило“, сакам да го канализирам преку активно пливање и играње на подиум во некоја од скопските дискотеки кои носат квалитетни ДЏ-и. На крајот, не сум премногу строга кога одредена задача нема да успее или ќе се згреши, бидејќи само така можеме да научиме и да станеме подобри.
Ко-сопственик си и директор на Brand Union. Како се одлучи за формирање на своја компанија?
Првичната идеа за маркетинг агенција сум ја помислила, па дури и гласно кажала пред повеќе од 13 години, но во тоа време таа изјава и желба немаше никакво конкретно значение и издржаност. Во 2008 година имав можност во моето слободно време да работам на маркетингот за еден скопски ресторан, и тогаш за првпат ја увидов можноста Facebook да се користи како канал за комуникација. Ме заинтригира, продолжив да ги истражувам потенцијалите, ги следев светските трендови и големите компании кои беа пример за новиот начин на комуникација, и од ден во ден се повеќе созреваше идејата за отварање на маркетинг агенција која ќе биде специјализирана за интернет маркетинг. Коцките се поклопија во 2012 година, и така започна приказната на Brand Union.
Како го гледаш развојот на дигиталниот пазар во Македонија? Има ли потреба од дигитални маркетери во моментов?
Дигиталниот маркетинг е во постојана експанзија последниве години и тоа е тренд кој што очекувам да продолжи. Она на кое што се надевам и го очекувам е компаниите да се фокусираат на својата маркетинг стратегија, која ќе има за цел да изгради постојана комуникација со својата публика, која ќе биде прилагодена на новите трендови, односно да се насочат кон раскажување на својата бренд приказна, кон креирање на долгорочни и значајни релации со своите потрошувачи, кон креирање на содржина која нема да има за цел само нешто да продаде или убеди, туку ќе биде релевантна и интересна за целната група. Сметам дека треба да престанеме со дискусии и конференции за потребата на дигиталниот маркетинг и кој се бенефитите од него, туку да се насочиме кон дискусија која ќе ни помогне на сите нас да креираме стратегии кои навистина ќе допрат до зададената публика.